1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сиромаштијата го „убива“ секој петти Македонец!

Костадин Делимитов
17 октомври 2017

Сиромаштијата во Македонија е на ниво на битка за преживување. Состојбите се загрижувачки, потребите од системски мерки ургентни!

Armut in Mazedonien
Фотографија: DW/S. Toevski

Ново утро, нов ден, нов предизвик, како да се истера крај со крај. Периодов му се „посреќи“ на 50 годишниот Славчо, па брза да замине на работното место. Хонорарно ангажиран во  општинската комунална служба денот му поминува главно во работа на терен. Со косилка, метла, или гребло во рака заработува парче леб за себе и своето семејство. Далеку од идеална опција, но во моментов и тоа како добредојдена:

„Десет години откако ја загубив постојаната работа во една шпедитерска компанија немам мир. Немам постојано вработување,  работам што ќе стигнам, или што ќе најдам. Едноставно, борба за гол живот. Израснав двајца синови, едниот од нив веќе академски граѓанин, но ме истоштува состојбата со жената која веќе неколку години има здравствен проблем и не може да работи постојана работа“, се жали Славчо.

Главниот проблем на овој човек е што во неговото четиричлено семејство никој нема постојана работа. Чукнал на многу врати но ретко која му се отворила за нешто сигурно и постојано:

„Барам секаде и не бирам работа, но полека ме издава силата. А не се жалам. Кога мораш ништо не е тешко, но заработувачката е многу мала. Колкава ми е сега, дури и ми е срам да кажам. Но тоа е, немам којзнае каква квалификација, па на овие години не можеш да бираш. Најтешко ми е во зимскиот период кога треба да се грее куќава. Но ајде ако има господ барем еден од синовите да се вработи па тогаш малку полесно ќе се дише“, се надева Славчо.

Сиромашни 21,5% од Македонците

Приказната на овој човек за жал не е единствена во Македонија. Помалку или повеќе, неговата судбина ја делат дури 21,5% од населението во Македонија. Или, речиси секој петти Македонец. Според статистичките податоци, дури 445.000 луѓе во Македонија живеат под прагот на сиромаштија.

Фотографија: DW/S. Toevski

Статистиката во изминатите неколку години бележи благо намалување на овој тренд, но проблемот е што системски пристапот е речиси никаков. Од невладиниот сектор алармираат дека состојбите се дотаму што сиромаштијата веќе се третира како битка за преживување. Критикуваат дека клучниот проблем е што на овој феномен се гледа само еднострано, од аспект на пари:

 „Сиромаштијата не подразбира само економски недостаток туку и вклученост во општеството, социо културниот живот, искористување на нивниот глас при носењето одлуки. На многу нивоа сме сиромашни, ниту на централно ниту локално луѓето не се вклучени во креирањето на политиките што се однесуваат за нив и нивните потреби. Се зборува само за недостиг на пари за основен живот. Дојдовме до ниво на основен живот. Од сиромаштија до основен живот, а за понатаму не правиме муабет“, реагира Билјана Дуковска, од „Македонската платформа против сиромаштија“.

Граѓанските организации досега најактивни

Она што е клучно и ургентно во целиот овој процес според нејзе се промени во системот на пристап и решение на проблемот. Основно е граѓанскиот сектор како еден од најактивните да се вклучи во изнаоѓањето системски решенија и креирањето политики преку принципот заснован на човекови права:

„Немаме политики за квалитетен живот, тоа е прагот што сакаме да го надминеме, да престанеме да зборуваме за преживување. Ако на луѓето им се овозможи исполнување на основните човекови права нема да има потреба од дополнителни програми за намалување на сиромаштија, бидејќи човековите права тоа ќе го превенираат. Дури потоа можеме да зборуваме за унапредување на квалитетот на живот, но нема да имаме луѓе кои ќе живеат на дното или во екстремна сиромаштија. Тука е разликата помеѓу она што е хуманитарен контекст кој сега е многу популарен. Но верувајте ако тој не постои луѓе ќе умираат од глад“.

Фотографија: DW

Првиот чекор во овој процес од граѓанските и хуманитарни организации го гледаат во партнерство со државата при креирање на политиките и нивното спроведување. Ефектите велат ќе бидат поголеми ако притоа бидат вклучени и целните групи, односно оние кои директно во одреден период од својот живот биле соочени со проблемите што ги носи животот во сиромаштија. Она што е позитивно периодов според Дуковска е што по подолг период почувствувале конкретна активност и од страна на надлежните:

„Сега веќе имаме ниво на комуникација кое недостигаше во претходните години. Сега можам да кажам дека таа е на високо ниво и тоа дава надеж. Министерството за труд и социјална политика го обнови националниот совет за справување со сиромаштија каде има претставници на 11 министерства. Ние сме партнер заедно со синдикатот и веќе одржавме прв состанок. За мене тоа е голем чекор затоа што од 2009 до сега немаше ниту еден состанок на советот“, вели Дуковска.

Податоците се поразителни и алармантни ако се има предвид и фактот дека само 18% од населението има канализација, 5,8% од домаќинствата немаат када или туш, 6,9% немаат внатрешен тоалет, 39,7% немаат автомобил, 28,5% немаат компјутер, 12,9% имаат покрив што протекува, влажни ѕидови или искршени и гнили прозорци.

Темелни реформи за намалување на сиромаштијата

Надлежните велат дека се свесни за проблемот и преземаат конкретни активности во насока на развој на економијата и подигнување на животниот стандард на граѓаните.  Идејата е преку темелна реформа на системот на социјална заштита да се обезбедат услови за намалување на сиромаштијата под 16% во 2020 година:

„Нашата главна обврска е да излеземе во пресрет на најранливите и најсиромашни граѓани. И тоа не само преку социјални трансфери, туку и со нивно вклучување на пазарот на труд, за да се прекине кругот на сиромаштија од генерација во генерација. Целта е да се обезбеди  правилно таргетирање  и насочување на социјалните бенефиции кон лицата и семејствата во социјален ризик од сиромаштија  и социјална исклученост. Адекватноста и ефикасноста на паричните надоместоци за материјално најзагрозените семејства се планира да се спроведе преку воведување на програма за минимален адекватен приход со која ќе се овозможи семејствата во состојба на социјален ризик да добијат паричен надомест како надополнување на приходот до линијата на сиромаштија. Исто така,  предвидено е воведување на семејни пакети и групирање на правата од социјална и детска заштита. Дел од овие трансфери ќе треба да бидат условени со влез на пазарот на трудот за корисниците кои се работоспособни и со зајакнување на нивните работни капацитети“, велат за Дојче веле од министерството за труд и социјална политика. 

Фотографија: V. Gushevski

Сиромашни 9% од вработените

Проблемот е што и голем дел од оние што се постојано вработени важат за сиромашни. Според статистиката такви се 9% од граѓаните. Во таа насока според надлежните е и првичното решение за зголемување на минималната плата на 12 илјади денари која за прв пат ги опфаќа и текстилната и кожарската индустрија каде работниците имаат најниски примања. Паралелно, велат надлежните се спроведуваат ревидирани оперативни планови со мерки за вработување:

„Важно е да се напомене дека е отстранета разликата помеѓу активни и пасивни баратели на работа. Следејќи ги глобалните трендови за намалување на транзицијата „од диплома до вработување“, посебен акцент ставаме на младите невработени лица на кои им се дава шанса за отворање на сопствен бизнис, преку  неповратни грантови. Во оперативниот план е предвидена и поддршка за правни лица како инпут за зголемување на обемот на работа, и секако, отворање на нови работни места. Корисниците на социјални услуги на локално ниво ќе бидат вклучени во мерката општинско-корисна работа. Лицата со попреченост добиваат поддршка преку грантови за отворање на свој бизнис и генерирање на вработувања. А за прв пат и граѓанските организации добиваат поддршка од државата за отворање нови работни места“, велат надлежните.

Какви ќе бидат ефектите од новата владина стратегија допрва ќе треба да се види. Но она што е клучно според упатените е пристапот и работата да биде континуирана базирана врз систем, а не како досега на краткорочни мерки кои повеќе служеа за реклама отколку што носеа вистински ефекти. Сепак, она што е евидентно во последниве неколку години, барем статистички, е намалување на трендот. Од рекордните 31,1% сиромаштија во 2009, на 21,5% во 2015 година. Најниско евидентираната според статистиката била во 1997 од 19%. Прагот на сиромаштија во Македонија се дефинира за секој поединец или четиричлено семејство со годишен приход од 78.000, односно  164.000 денари.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми