1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот пред и по ураганот Катрина

28 август 2010

На 28 август 2005 година ураганот Катрина предизвика поплави кои погодија голем дел од градот Њу Орлеанс. Илјадници луѓе остана без покрив над главата, загинаа повеќе од 1800 лица. Траумата уште не се заборава.

Фотографија: AP

Сју Штрехен оди кон урамената фотографија на подот. Таа кај бројни луѓе во Њу Орлеанс се‘ уште предизвикува бес, вели портпаролката на музејот „Саутерн Арт“. На сликата е бившиот претседател Џорџ Буш кој од авион фрла поглед на поплавениот Њу Орлеанс.

„Оваа фотографија симболизира како владата не‘ остави на цедило“, вели Штрехен.

Таа е дел од изложбата фотографии од печатот направени во текот на ураганот Катрина. Тие покажуваат урнатини, смрт, неволја и беспомошност, она што го одбележа доцното лето 2005 година. Портпаролката на музејот истакнува дека многумина жители не се во состојба да ја видат изложбата:

„Една пријателка тогаш ја изгуби куќата во центарот на градот. Таа не сака да ја види изложбата, зашто тоа ќе ја потресе.“

Фотографија: dpa - Report

Сепак, Штрехен смета дека сите мора да се потсетат на катастрофата во која животот го загубија 1800 луѓе, а која се случи во срцето на Америка.

„Луѓето умираа зашто не добија навремена помош“, вели таа.


Пред и по Катрина

За жителите на Њу Орлеанс постои живот пред и по Катрина. Без разлика со кого разговарате, сите се со исто мислење: градот никогаш нема да биде она што беше. Илјадници граѓани досега не се вратија во Њу Орлеанс. Во меѓувреме, градот е подобро опремен во случај на нова бура, вели Питер Верховен. Овој Британец живее тука веќе 30 години и со сопругата држи мал пансион. По ураганот, им требало една година за пансионот повторно да проработи. На овој период тој уште се сеќава со ужас:

„Тие денови го покажаа доброто и лошото во човекот. Имаше херои и грозни злосторници. Во нашето соседство провалуваа во куќите и крадеа. Видовме како луѓето брзо се претвораат во животни. “

Фотографија: picture-alliance/ dpa

Од друга страна, архитектот Скот Бернард смета дека по ураганот луѓето станаа поблиски едни со други, дека е создадена нова заедница. Луѓето сега повеќе се интересираат едни за други, постои поголема подготвеност за пружање помош, уверен е Бернард. Тој предава и на Институтот за архитектура на Универзитетот Тјулан кој реализира проекти за изградба благодарејќи на брзото собирање донации. Бернард е уверен дека тоа може да му помогне на Њу Орлеанс:

„Поврзаноста во градот кој го обновуваат неговите граѓани е посилна отколку на обновата да работи владата“.

Автор: Никол Марквалд/ Жана Ацеска

Редактор. Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми