1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Живот со маска

ДТЗ /ДВ
29 октомври 2020

Стапуваат на сила новите мерки за заштита од Ковид-19. Без маска нема излегување ниту на отворено, а групирањето по 22 часот ќе се казнува. Граѓаните со различни ставови околу новите мерки.

Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Граѓаните од утре без маска не ќе можат да излегуваат од домовите. Носењето маски без разлика дали се респираторни, хируршки, текстилни станува задолжително, а непочитувањето на оваа владина мерка сериозно ќе удри по џебот на граѓаните. Освен маски, дозволена е употреба и на свилени или памучни марами или бандани. На оние коишто нема да ја почитуваат мерката им се закануваат парични казни во висина од 20 евра. Граѓаните исплашени од високите парични казни уште денеска поитаа со спроведувањето на мерките.

Собранието синоќа ги усвои измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, но тие ќе стапат на сила откако ќе бидат објавени во Службен весник. Тоа се очекува да се случи во текот на утрешниот ден.

Што предвидуваат новите мерки?

Законот предвидува носење лична заштита на лицето и тоа: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично, при излегување надвор од домот односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично.

За кого не важат мерките?

Според законските измени маска не е потребно кога се спортува на отворено, во автомобил кога се превезувате сами или со членови од семејството, во двор од семејна куќа и во кафулињата и рестораните каде се запазени безбедносните протоколи.

Децата до шест години и лицата со посебни потреби не се опфатени со измените во законот и засега за нив не е задолжително носењето на заштитна опрема на отворено.

Забрането и групирање

И групирањето на отворено е ограничено во вечерните часови. Со законските измени е предвидено по 22 часот најмногу четири лица да бидат на исто место без разлика дали станува збор за улица, парк или плоштад.

Законот ja регулира и самоизолацијата, односно таа е задолжителна при тестирање за коронавирус Ковид-19 од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот, а самоизолацијата продолжува доколку резултатот е позитивен.

Мерките траат додека постои опасност од ширење на епидемија. Оние кои што ќе ја прекршат самоизолацијата можат да бидат казнети 50 евра, а тие што ќе се групираат на отворено ќе платат казна од 500 евра.

Законот го регулира и лекувањето на лицата заболени од Ковид-19. Новите законски измени предвидуваат дека ако капацитетите во државните болници се исполнат тогаш пациентите да се лекуваат во приватните болници но за тоа ќе треба да добијат согласност од Министерството за здравство.

Откако е воведена мерка задолжително носење на маска при јавни собири, затворени објекти, во автобуси, полицијата казнила 87.146 граѓани. Вчера се изречени 830 прекршоци, а денеска 879. Казната изнесува 20 евра.

Различни коментари на граѓаните

„Често ги забораваме маски дома, па трчаме назад да ги земеме. Казните се високи, мора мерките да се почитуваат“, коментираат граѓаните кои деновиве внимателно ги следат најновите вести за случувањата со коронавирусот и мерките кои што се воведуваат во земјата. За дел од граѓаните мерките се прифатливи со оглед на тоа што состојбата со вирусот се влошува, други пак се скептични дека тие ќе го спречат ширењето на Ковид-19.

Дел од граѓаните коментираат дека е неопходно да се заострат мерките, особено што на вести случаат дека сите земји во регионот и пошироко воведуваат многу поригорозни мерки за заштита од вирусот.

Маските ги гушат, им го отежнуваат дишењето, но велат дека здравјето е на прво место, мора да се внимава и да се почитуваат мерките. Дури и во автобусите денеска беше забележано дека има помал број на патници, за разлика од гужвите и нервозите коишто се создаваа до неодамна.

Инспекторите со поголеми надлежности

Отсега инспекторите ќе имаат повеќе надлежности за контрола и казнување, а пазарните инспектори ќе можат и на лице место да затвораат кафеани или ресторани кои нема да ги спроведуваат протоколите за заштита од коронавирусот.

„Доколку на терен инспекторите забележат дека некое правно лице ги прекршува здравствените протоколи тогаш во истиот момент ќе му биде изречена времена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена односно објектот може да биде затворен на лице место. “, изјави вицепремиерот Љупчо Николовски.

По рекордниот број заразени со коронавирусот во Македонија, Советот за безбедност ја разгледуваше ситуацијата. Апел за почитување на мерките и предупредување дека следните недели заедно со сезонскиот грип нема да биде полесно, упати и претседателот Стево Пендаровски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми