1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Жители на Богомила последни ја виделе „цесната“

4 април 2019

Времето беше лошо, дуваше силен ветер, раскажуваат жители на Богомила кои последни го виделе летот на малата „цесна“ пред да се скрие зад облаците.

Ein Cessna
Авионите „цесна“ може да превезуваат само неколку лицаФотографија: picture-alliance/dpa

Тече истрага за авионската несреќа во која завчера кај Солунска Глава животот го загуби четиричленото семејство Бошнакови од Бугарија - таткото Георги кој пилотирал со авионот, сопруга Калина и керќите Гергана и Билјана на возраст од 14 и 18 години.

Телата од вчера се во Институтот за судска медицина, каде течат процедури за идентификација. Авионската несреќа била повод и за разговор меѓу премиерите на Бугарија и Северна Македонија. Ова за бугарската БТВ го изјави Константин Попов, бивш командант на воено-воздухопловните сили и началник во одбраната, а сега пратеник на ГЕРБ и претседател на Комисијата за одбрана во бугарското Собрание.  

„Имаше разговори меѓу двајцата премиери. Кој го познава нашиот премиер, знае колку интензивно работи тој за вакви прашања“, изјави Попов, додавајќи дека станува збор за „екстремно непријатен инцидент - трагедија за цело семејство“

Во потпланинското село Богомила бугарските медиуми бараат одговори за околностите и временските услови во кои се случила несреќата. Жители на селото кои го слушнале звукот на авионот, изјавиле дека не слушнале експлозија, ниту виделе чад.

„Го видов авиончето. Малечко, но многу високо летеше. Времето беше лошо. Имаше ветер“, изјавила за бугарски медиуми жена која го видела летот на „цесната“ пред да се скрие зад облаците.

Пред македонскиот Комитет за истраги на воздухопловни несреќи стои обемна работа - да ги открие причините поради кои малиот приватен авион од марката „Цесна П210Н“ се урна во високиот планински терен. Од „М-НАВ“ најостро ги демантираа наводите пласирани во некои медиуми, дека на воздухопловот не му било дозволено упатување кон скопскиот аеродром.

„На воздухопловот цесна П210Н кој се урна во близина на Солунска Глава, му беше одобрено да се упати кон скопскиот аеродром согласно одобрениот план за лет, каде алтернативен аеродром бил аеродромот во нашиот главен град“, се вели во демантот од македонската навигација.

Лет на дневна светлина

Подготовката за полетување на „цесната“ започнала во неделата на аеродромот Лесново, каде што авионот користел хангар за паркирање. Авионот полетал по 13 часот кон аеродромот во Софија, каде што добил дозвола за меѓународен лет.

„Пилотите велат дека човекот имал искуство и ги знаел перформансите на авионот“, изјави за бугарските медиуми менаџерот на аеродромот, Иван Јанков. Наводно, пилотот имал право да лета само за време на дневна светлина.

Во фокусот на интерес се и перформансите на овој вид воздухоплови. Според пилотите, овој авион нема радар кој ќе сигнализира опасни временски услови и затоа тие летови посериозно се следат од контролорите на летање. Мирослав Хинков, кој пилотира 13 години, не сака да шпекулира за можните причини за инцидентот.

Во Бугарија 276 лица имале лиценци за управување со мали авиониФотографија: picture-alliance / Maximilian Schönherr

„Тешко е да се каже. Но во принцип, причините кои доведуваат до вакви работи најпрво се технички - ако се случи дефект во авионот. Втора причина се временските услови, кои одреден тип авион не може да надмине, и третата причина е проценката на пилотот - кога ќе дојде во услови што авионот и тој со своето искуство не можат да ги надминат“, вели бугарскиот пилот.

Максималната тежина на авионот каков што се урна под Солунска Глава е 1.800 килограми и со него можат да патуваат од 4 до 6 лица. Авионот достига висина нешто над 7.000 метри. Според бугарското Mинистерство за транспорт, ова летало не било регистрирано во бугарскиот регистар, но немало пречки такви воздухоплови да бидат регистрирани во друга земја, а да бидат управувани и користени во Бугарија. Проверката на Администрацијата за цивилно воздухопловство покажала дека авионот бил регистриран во Германија. Во Бугарија 276 лица имале лиценци за управување со мали авиони.

Трета несреќа на мали авиони

Ова е трета авионска несреќа на мали авиони во земјата во последните 11 години. Во август 2008 година се урна домашен авион од типот „Цесна“ во месноста Скребатно во близина на Охрид. Во несреќата загина пилотот и тројца патници, меѓу кои и дванаесетгодишно дете.

Во септември 2016 година на 5 километри од Катланово се урна авион од марката „Пајпер“. Загинаа шест луѓе, патници и членови на екипажот, кои полетале од Тревизо, Италија кон крајната дестинација - Приштина.

Завчерашната несреќа на семејството од Бугарија ги врати сеќавањата на уште една голема трагедија кога загинаа 15 лица од соседна Бугарија. Се случи на 5-ти септември 2009 година, кога во Охридско Езеро потона бродот „Илинден“, при што се удавија 15 бугарски туристи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми