Макрон во рикверц
6 декември 2018
Емануел Макрон всушност имаше намера да оствари напредок во заштитата на климата. Повисоките цени на енергијата требаше да ги натераат Французите да бидат повнимателни во трошењето на струјата, нафтата и другите енергенси. Наместо тоа, тој го предизвика народот да излезе на улица.
„Жолтите елеци“ и за претстојниот викенд повикуваат на протести. Тие би требало да се одржат, меѓу другото, пред Елисејската палата и на Шанзелизе. Владата ќе мобилизира 65.000 припадници на безбедносните служби ширум земјата за да спречи безредија како минатиот викенд. Се вели дека ако е неопходно, може да биде активирана и армијата.
Премиерот Едуар Филип ги опомена демонстрантите на умереност. „Во прашање е безбедноста на Французите и на нашите институции“, рече Филип во парламентот. Тој ги повика сите актери да се однесуваат одговорно. Престедателот Макрон, пак, уште еднаш остро ги нападна лицата кои учествуваа во безредијата: „На некои единствена цел им е да ја нападнат Републиката“.
Повеќе:
Франција: Да живее анархијата!
Востание против француските елити
Наспроти критиките на Претседателот, граѓаните и натаму му даваат голема поддршка на протестното движење, кое започна со организирање на социјалните мрежи. Околу 72% од Французите ги симпатизираат „Жолтите елеци“, а 78% од граѓаните не се задоволни со последните ветувања на владата и сметаат дека таа треба да стори повеќе за животните трошоци да не се зголемуваат и натаму.
Конзервативната опозициска партија Републиканци бара прогласување вонредна состојба за да се овозможи полициски час и да се спречи уште една „црна сабота“. Протестите на „Жолтите елеци“ траат речиси три недели, а насочени се против високите даноци и трошоци за живот, како и, според нив, ниските пензии и плати.
Еко-данокот за бензин и дизел, кој прво беше одложен за неколку месеци, сега е замрзнат во текот на целата 2019 година, потврди министерот за екологија Франсоа де Ружи.