1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заблудите на господинот Прибе

22 јули 2017

Јово Вангеловски го пречекал Рајнхард Прибе со мерки како судството да стане „независно и непристрасно“. Според новото сфаќање на правото, осомничените криминалци не треба да одат во притвор. Колумна на Љупчо Поповски.

Symbolbild Bürokratie
Фотографија: picture alliance/JOKER

Изгледа дека веќе нема дилеми – пруската прецизност на Рајнхард Прибе ги загубила координатите барем за половината од работата која еврокомесарот Јоханес Хан му ја зададе нему и на неговата екипа. Зошто допрва да се подготвува цела програма за реформа на судството кога тоа тука веќе некој го направил, воздивнал Прибе на средбата во Врховниот суд, кога претседателот на оваа највисока судска институција, Јово Вангеловски, му го презентирал сопствениот предлог како да се реформира судството. Ете, имало некој во Македонија што работел посветено да се врати владеењето на правото.

Нашите тајни агенти уште не сакаат да ни соопштат како течел разговорот меѓу Вангеловски и Прибе (имало некои многу класифицирани моменти), па затоа препорачуваат да се цитира делот од соопштението на Врховниот суд: „На средбата се разговараше за актуелната состојба во судството и за предлог-мерките за спроведување реформи во судството, подготвени од претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, за остварување на концептот за независно и непристрасно судство, како гарант на демократијата и на владеењето на правото, во функција на заштита на човековите слободи и права“.

Додека сите нешто очекуваат, дури и паразитски се надеваат на стручна европска помош, Јово Вангеловски веќе се зафатил со работа и тој ќе биде врутокот од каде ќе потече чистото судство. Првиот извор за „независно и непристрасно судство“ ја проби земјата со специјалната одлука за притворот на Сеад Кочан, откако мораше да се измеша составот на судскиот совет, кој требаше да одлучува за чудната жалба за укинување на притворот на човекот што избега во странство. Нашите тајни агенти сепак ни соопштија еден детал, кој не би можел да се нарече пикантерија. Германецот Прибе побарал да го види овој уникатен судски пример кога еден обвинител побарал заштита на законитоста од барањето на друг обвинител, иако ни законски нема право да се меша во неговата работа. Прибе го зел документот, ги подигнал очилата, малку ги протрил очите и веднаш сфатил – ова е онаа алка што недостасува во Европскиот суд на правдата. Нашите тајни агенти велат дека Прибе веднаш, по дипломатска пошта, ја испратил оваа одлука (заедно со загадочните подготовки како да се донесе), во Луксембург (таму заседаваат судиите) за да може да се проучи балканско-византиската вештина како судството да биде „независно и непристрасно“, а не европските судии да се раководат според англо-саксонското право, па дури и според некои водилки од Наполеоновиот каноник. Оваа одлука била светилникот кој ќе ја одведе Европа кон едно општество праведно за сите.

Вечерта, кога се вратил во хотелот, кажуваат нашите тајни агенти, Прибе го зел извештајот од пред две години и почнал нешто да си зборува во себе читајќи ги овие препораки што самиот ги напиша:   

„Судската и јавнообвинителската служба треба да бидат способни да постапуваат на независен и непристрасен начин. Постои перцепција дека во некои области и особено во поглед на случаите за кои се смета дека имаат политичка димензија или кои се предмет на интерес на политичарите, вообичаените стандарди се ставаат настрана. Од страна на неколку извори групата беше известена дека постои атмосфера на притисок и недоверба во судството. Ова се потврди и со објавувањето на разговорите кои протекоа. Многу судии веруваат дека унапредувањето во рамките на судството е резервирано за оние чиишто одлуки го фаворизираат политичкиот естаблишмент... Перцепцијата е дека, особено во врска со унапредувањето на судиите на повисоки позиции, политичките причини преовладуваат и има докази во протечените прислушувани телефонски разговори што го поддржуваат гледиштето дека оваа перцепција е оправдана“.

Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

„Вангеловски списи“

Хотелскиот келнер, кој му однесол кафе на Прибе во собата, им нафрли на нашите агенти дека Германецот стуткал еден лист хартија и разочарано го фрлил под масата. Шпиони како шпиони, открија што пишувало на тој лист. Таму да ти биле препораките за судството што Прибе ги напишал во извештајот пред две години:

„Со цел да се обезбеди независноста и особено отсуството на политичко влијание врз донесувањето одлуки во обвинителството и судството назначувањето и унапредувањето на судии и обвинители ќе биде деполитизирано. Назначувањата и унапредувањата треба да бидат направени  од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители според транспарентни, објективни коритериуми кои се строго засновани на заслуги и со користење на транспарентни процедури што треба да бидат воспоставени со закон и не само со интерни правила, согласно препораките од извештаите на Венецијанската комисија за назначувањето на судии и независност на судството, како и специфични препораки содржани во мислења наменети за Република Македонија, од кои многу не се спроведени".

„Што сум пишувал јас?“ – замислено си рекол во себе Прибе. „Па, еве, човекот што ненадејно преку ноќ го избраа за претседател на Врховниот суд, подготвил цел проект како судството да стане 'независно и непристрасно' и мојата работа во голема мерка ја прави беспредметна. Овие препораки од пред две години не кореспондираат со новото сфаќање на улогата на судството, тоа што се спроведува во Европа е застарено, па дури и неправедно. Таму криминалците заминуваат и во затвор“, ги кршел своите мисли Прибе.

Думајќи се што да направи со ова феноменално откритие за правото и правдата и тоа во едно зафрлено Скопје, нашите агенти велат дека Рајнхард Прибе му се јавил на својот пријател, ректорот на Универзитетот во Хајделберг, кој е најстар во Германија, основан според инструкциите на папата Урбан VI во 1386. Зборувајќи одушевено, но со некаква германска воздржаност, Прибе му рекол на ректорот дека документите што ќе му ги донесе од Скопје би требало да бидат правец кој треба да се проучува на факултетот за право. Нашите германски извори велат дека ректорот веќе определил една посебна група што ќе ги проучува скопските документи, кои веќе добиле неоформално име - „Вангеловски списи“. 

Фотографија: picture-alliance/dpa

Новото судство кое ќе ја спаси Европа

Прибе им се доверил на луѓето од неговата група дека новинските текстови за тоа дека бил многу изненаден што лицата на кои им е изречен притвор не се спроведуваат веднаш во затворите, туку им се оставало простор да се жалат, биле само злонамерни шпекулативни конструкции. И дека последната анкета на ИРИ, која сите ја признаваат, била на свој начин наместена – таму дури 57 отсто од испитаниците изјавиле дека „не постои владеење на правото во Македонија“. Прибе им велел на луѓето од групата која скенира во Македонија дека е точно оти вакво нешто нема никаде во Европа и дека со тоа им се дава бескрајна можност на овие лица да ѝ ставаат сопки на правдата, па дури и да побегнат, но дека тоа е само старомодно толкување на правото. „Ова е Новата Европа, новото право, и се надевам дека тоа ќе биде патоказот што сите ќе треба да го следиме во Европската Унија“. Нашите тајни агенти велат дека Германецот бил убеден дека жалбите за притворот што ќе стигнат во Врховниот суд само ќе го потврдат ова ново сфаќање на правото, кое Јово Вангеловски му го претставил – дека е апсолутно застарено осомничени криминалци да одат во притвор.

Рајнхард ПрибеФотографија: picture alliance/AP Photo/S. Ilic

Откако ги имал во својата папка „Вангеловски списите“ на Прибе веќе сѐ му било полесно, па дури доживеал своевидно просветлување и почнал да ги преиспитува своите заблуди за владеењето на правото. Средбата со некои од судиите во скопскиот Кривичен суд била дел од таа нова музика. Нашите тајни агенти, за жал, не беа таму да соопштат некои детали од средбата со привремениот претседател на судот, па затоа за да можат да се стават сите работи во новата рамка ќе цитираме дел од соопштението од средбата: „Судиите истакнаа дека ги подржуваат процесите кои водат кон зајакнување на нивната независност и враќање на довербата на граѓаните во судството. Присутните на средбата се согласија дека само независно судство може да биде гарант на слободата и на правата на граѓаните“.

Некои од групата на Прибе, дознаваат нашите извори, само спомнаа дека Германецот по средбата во Кривичниот суд го препрочитувал и овој негов заклучок од пред две години: „Постојат строги правила кои го регулираат назначувањето на случаи на судии и се имплементираат од страна на електронски систем за управување со случаи. Меѓутоа, постои перцепција дека овие правила не се секогаш почитувани и дека може да се најдат начини за да се заобиколи системот. Иако Судскиот совет треба да врши контрола на функционирањето на овој систем, не е покажано дека некаква контрола се случува во пракса". Велат дека Прибе се запрашал – „А зошто да се случува?“

Што мислите -  дека неочекуваното распишување на огласот за избор на претседател на Кривичниот суд е случајно и дека е случајна изјавата на претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски дека коментарите во јавноста оти ова се прави кога се подготвува реформата на судството биле „тенденциозни... многу пати и во многу сфери се најавени реформи... не можат граѓаните да престанат да ја остваруваа правдата“. Ништо не е неочекувано – сето тоа го има во „Списите Вангеловски“.

Фотографија: Fotolia/S. Duda

На Рајнхард Прибе му требаше неколку пати да дојде во Скопје да се соочи со своите заблуди за правото и правдата. Добро е што тоа ќе му го пренесе на Јоханес Хан, а овој на целиот колеџ од комесари. Веројатно тогаш Европа ќе се замисли над правните канони чиешто време е веќе поминато, а тоа во Брисел, Хаг или Берлин не го знаеле. А изгледа дека тоа не го знаат ниту оние членови на домашната група за реформа на судството – тие старовремски професори кои зборуваат слатокречиво, па дури и поранешни судии од Судот за човекови права во Стразбур. Тие не сфатија дека крокито на „Списите Вангеловски“ веќе стигнаа во Стразбур со нашиот нов претставник во судот. Велат дека во канцелариите на судот почнале внатрешните ломови кај судиите кога нашиот претставник им ги претставил овие списи за новото сфаќање на правдата. И дека се очекува да почнат студиски патувања на судиите во зградата на Врховниот суд во Скопје која лесно ќе ја најдат – пред неа има споменик на еден човек со исукана кама. Тоа е новото судство кое ќе ја спаси Европа.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми