1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Заборавената историја на католицизмот во Скопје

5 мај 2022

Има обиди за ревитализација на спомените за богатата историја на католицизмот во Скопје, главно преку воскреснување на сеќавањата за Мајка Тереза и храмовите разрушени по војната и земјотресот. Пишува Арсим Зеколи

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Поканата од стар пријател да присуствувам на свеченоста по повод неговото јавно обзнанување на католичката вероисповест беше воедно изненадување и повод за навраќање кон една помалку позната историја на овие простори. Моето жалење за спреченоста да присуствувам на настанот прерасна во опсежен разговор за неговите и на неговото семејство патешествија низ балканските времиња и простори. Се до денешницата.

Мојот пријател инсистираше дека не станува збор за премин од една вера во друга, туку дека станува збор за јавно признавање на долго одржуваната семејна традиција на крипто-католицизам. Позната појава во Косово, Северна Албанија и во Македонија како традиција на Laramani (во слободен превод – шареност, различност) во која христијаните јавно практикувале ислам, додека пак потајно ја одржувале христијанската (претежно католичка) вера и традиција.

Според енциклопедиите, лараманството се јавило и било распространето во средновековието, кога поради процесот на исламизација добар дел од автохтоното население било присилено на двоен верски идентитет. Поради високите даноци наметнати од отоманските власти, дел од христијанското население прифатило номинално да премине во ислам, но потајно сочувувајќи ја верата во Христа и римо-католицизмот. Како последица на таа политика, но и поради тешката состојба на Католичката црква, за помалку од неколку децении бројот на муслимани (ларамани) во Северна Албанија порасна за повеќе од 20 до 30% додека пак во 1634г добар дел од Косово беше исламизирано.

-други колумни од авторот: Zeitgeist духот на Европа пред историска Zeitenwende

Интересен е случајот со селото Стубла (денешна Витина) од 1984-85 година кога од парохијата Летница дваесет и пет албански семејства (приближно 160 луѓе) биле насилно преселени во Анадолија откога претходно јавно се одрекоа од исламската вероисповест и побараа враќање во римо-католицизмот. По интервенција на западната и француската дипломатија, отоманските власти биле приморани да дозволат нивно враќање од Анадолија во родниот крај. За жал, стотина од депортираните починале поради тешките услови на нивното протерување. Католичката црква ќе ги запамети како „Мачениците од Стубла”. Оваа историја е блиска и до нашата земја бидејќи географски припаѓа на регионот на Карадак, т.е. Скопска Црна Гора, како историски познат центар на лараманите.

Прогонот на албанските католички семејства ќе претходи на масовното иселување на малцинската заедница на Хрвати католици од Јањево и нивно населување во Хрватска непосредно по независноста. Помалку познат факт е дека во Косово, токму оваа заедница беше карактеристична поради тешките услови на живеење, но и со стапка на наталитет кој беше поголем дури и од ионака високиот демографски пораст кај косовските Албанци.

-други колумни од авторот: Големата преселба на путинистите

Историјата вели дека Католичката црква во Скопје е една од најстарите диоцези во регионот. Нејзината историја е составена од три етапи. Првата, периодот на христијанизација на Македонија во времето на Апостол Павле. Доказ за тој период е дека Советот на Ница (325 година) го спомнува Епископот Дакоста Скупи како челник на провинцијата Дарданија, чиј главен град е Скопје и се простира од Ниш до Велес. Подоцна, во рамките на Дарданија ќе постојат пет диоцези. Вториот период е одбележан со продорот на отоманите во регионот. Сепак, во извештаите од 1584 година, Скопје повторно се спомнува како центар на католицизмот. Третиот период започнува со основањето на Congregation de Propaganda Fide во 1622 година, со именувањето на Андрија Богдани (1651-1656) и заклучно со последниот епископ на Католичката архиепископија во Скопје Лазер Мједа во 1921 година. Во негово време, во 1903 година, ќе се освети и новата Католичка црква во Скопје, во рамки на која ќе делува и Основното училиште на католиците Албанци во Скопје. Работата на албанскиот Језуитски мисионерски центар во Скопје наскоро ќе биде цел на разни опструкции од страна на југословенските власти, за да конечно биде затворен, со наредба отец Задрима да го напушти Скопје. Една од ученичките на отец Задрима беше и Гонџе Бојаџиу, позната како Мајка Тереза.

Статуа на Мајка Тереза во СкопјеФотографија: fotolia.de/zatletic

Деновиве во албанскиот печат можевме да дознаеме и за една друга сограѓанка Албанка, католичка и блиска пријателка на младата Гонџе. Станува збор за Јустина Шкупи (родена на 26 февруари 1909, моминско презиме Шлаку), светски позната и признаена како борец во граѓанската војна во Шпанија, и прва помошничка на „низ три континенти” прочуениот канадаски лекар Норман Бетјун во славната болница „Casa Roya”. Името на Јустина Шкупи беше подазборавено во албанската историја се до посетата на  Мајка Тереза  на Тирана во 1989 и нејзиното одбивање да се оддалечи без прво да положи цвеќе на гробот на нејзината пријателка од детството. Денес, сеќавањето и почитта кон Јустина Шкупи е искажана преку именување на улица со нејзино име во Мадрид, но сеуште не и во родниот град.

-други колумни од авторот: Двоење на дуетот: Заедно немоќни, одвоено неспособни

Иако богата по значајни настани и истакнати ликови, историјата на Католичката црква во Македонија, воопшто и онаа на заедницата на Албанци католици во Скопје особено е тема која допрва треба да ја доживее својата ренесанса и заслужено место. Некогаш вибрантниот културен, економски, политички центар на албанскиот католицизам, денес е сведен на сосема споредна улога со занемарливо учество во јавниот живот, историското паметење и уважување за нивниот несомнен придонес.

Судбината на католиците Албанци во Косово, и особено во Македонија ги има изложено на бивање мисионери во перпетуална борба за преживување, чување и одржување на факелот на нивната вера во често крајно непријателски околности и средини. Токму отварањето на црквата и Основното Училиште во Скопје беше кус период на релативен спокој и непречено делување по пет-вековните искушенија поминати под Отоманското царство. Тој кус прозор на слободата ќе биде наскоро прекинат поради притисокот од Кралството Југославија, а потоа и под прогон на комунистичка Југославија и нејзиниот исклучителен анимозитет кон Католичката црква и Ватикан. Во случајот на Косово и Македонија надополнет и со политиката на албанофобија и нивно протерување од родните земји кон Турција.

Папата Франциско одблизу

04:24

This browser does not support the video element.

Дел од таа политика на затирање на траговите на католиштвото воопшто и албанскиот католицизам особено е и одлуката да на место на Албанската католичка црква и основно училиште се игради Домот на ЈНА, додека пак од историјата педантно се избришат сите видни католички семејства или дејци, со исклучок на комунистичкиот активист Зеф Љуш Марку. Политиката на Југославија за фаворизирање на муслиманството како субститутивен идентитет кај Албанците, некогаш поддржана од Турција, а доскоро и од одредени западни структури, беше мотивирана токму од желбата за гушење на католичкиот сентимент, наследство и западна конотација која ја руши посакуваната теза за Албанците како неевропски, неавтохтон и сомнителен елемент. Гледано во историски контекст, традиционалната антикатоличка политика на Отоманското царство и некогашна Југославија е коренот на денешниот анти-косоваризам наметнуван од страна на албанофобните структури во Србија, Македонија и особено кај пан-исламистичките и пан-православните структури во регионот. Некогашната прогонувачка идентификацијата на католицизмот со косоваризмот денес е составен дел на ревитализацијата на лараманството во регионот и особено во Косово, преку отворено прифаќање и практикување на старата верска определба. Впрочем, тоа беше и причината за нивното масовно присуство на  посетата на Светиот отец Франциско во Скопје.

Во последните години чинам дека се прават обиди за ревитализација на спомените и сеќавањата за богатата историја на католицизмот во Скопје. Воглавно тоа се спроведува преку воскреснување на сеќавањата за Мајка Тереза и некогашните храмови разрушени по војната и земјотресот. Но, историјата на католицизмот кај нас не може да биде сведена единствено на верскиот и религискиот аспект, занемарувајќи го богатиот културен, образовен, политички придонес кон овдешното општество, историјата и современоста. Тешко дека некогашниот сјај на таа култура и традиција ќе може да биде вратена во сиот нејзин сјај и влијание. Но доволно е на периферијата на нашата свест да се врати таму каде што несомнено заслужува да биде. Во самиот центар на нашата историја, наука и култура.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми