1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заборавениот лов на луѓе во Србија

Динко Грухоњиќ / Б. Георгиевски11 март 2014

Присилните мобилизации во Србија во 1995. година, до ден-денес претставуваат табу тема во општеството кое и онака е преполно со „забранети“ теми од воените 90. години на 20. век.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Пролетта и летото 1995. година, по акцијата „Блесок“ која Хрватска ја спроведе во западна Славонија, Србија на својата територија започна со присилна мобилизација на бегалците, со што прекрши бројни меѓународни конвенции и домашни закони.

Присилните мобилизации траеле со месеци, а само мал број луѓе подоцна се осмелија да ја тужат државата и да добијат скромна отштета за претрпената тортура. Некои од присилно мобилизираните никогаш не се вратија, на голем дел од нив до денес не им се знае ниту гробот. Оние кои преживеаја, до крајот на животот ќе влечат траума. Кривичното дело кое го стори државата Србија, во меѓувреме, застаре.

Презентација на проектот „Украдена слобода“Фотографија: DW/D. Gruhonjic

Граѓанскиот центар на Војводина, невладина организација од Нови Сад, која ја сочинуваат главно млади луѓе, се обиде да ја отвори оваа табу-тема во Србија. Низ проектот „Украдена слобода“, центарот започна серија интервјуа со жртвите на принудната мобилизација и со нивните најблиски роднини.

„Оние кои биле присилно мобилизирани не се признаени како жртви, ниту државата Србија стори што било со цел да се намали нивното страдање“, вели за ДВ, директорот на Центарот, Жељко Станет.

Многумина од оние кои биле присилно мобилизирани во 1995. година потоа биле испраќани во т.н. подготвителни и тренинг-кампови, каде биле измачувани и им биле вршени различни облици на психичка и физичка тортура. Потоа биле испраќани на боиштата.

Украдена слобода

Ловот на луѓето започна со хајка на државните воено-хушкачки медиуми кои бегалците ги означуваа како криминалци и предавници. Полицијата, на очиглед на сите, ги одведувала од трамваи, автобуси, од наплатни станици, во текот на сообраќајни контроли, од студентски домови, па дури и од матурски прослави. Од Граѓанскиот центар разговарале со повеќемина од жртвите:

Стојан Г. во Србија, во Рума, пристигнал од селото Билишани на 10 август 1995. година, по хрватската операција „Бура“. „Отидов да се пријавам во Црвениот крст во Рума на 15 август околу 10 часот утрото. Веќе во 14 часот на вратата ми се појавија двајца полицајци. Ми рекоа да појдам со нив на информативен разговор: „Ќе дојдеш со нас, за тебе ние ќе добиеме по 50 марки!“ Прво ме одведоа во Сремска Митровица, а потоа во Ердут, во кампот на Аркан. Штом стигнавме во Ердут веднаш ни ги избричија главите, ни дадоа униформи, ни ги зедоа накитот и вредностите кои ги имавме со нас. Сето го ставија во вреќа и рекоа: „Ништо ние не зедовме, сѐ самите ни дадовте“... Првите десет дена не одевме на фронт, а потоа не испратија на првата линија. Таму беше генералот И. кој не‘ навредуваше, ни зборуваше дека сме предавници и такви нешта“.

Мирослав Ј. исто така во Србија пристигнал по операцијата „Бура“ од селото Граб, во близина на Грачац. „По три-четири дена дојде полицијата да не‘ апси. Старите и децата почнаа да кукаат и да плачат, па си заминаа. Мислевме дека најлошото минало. Но веќе следниот ден повторно дојдоа и почнаа да не‘ апсат во полна војничка опрема. Секој полицаец добиваше по илјада динари по глава на уапсен. Не‘ однесоа до автобуската станица во Зрењанин, од каде со автобуси не‘ испраќаа во Ердут... Кога пристигнавме во Ердут, во кампот на Аркан, таму беше злото. Тортура, малтретирање, пцовки, ни велеа дека сме ја предале државата, не‘ тепаа. Избегавме од едно зло, пристигнавме во друго“.

Жељко СтанетиќФотографија: DW/D. Gruhonjic

Мобилизација на матура

Милена Ќ. била сведок на присилна мобилизација за време на матурската прослава. „Беа две униформирани лица со пушки или митралези. Се сеќавам дека делуваше многу страшно... Професорите се обидуваа да ги разубедат, ги молеа да ги остават барем да ја прослават матурата. Но тие беа категорични. Потоа мислам дека ги одведоа дома за да ги земат основните работи. Мислам дека ни нивните родители не знаеја за тоа“.

Таа година, доволно било во личната карта да ви пишува дека сте родени во Хрватска или во БиХ. Се случувале неверојатно ситуации, меѓу жртвите на присилната мобилизација биле и луѓе кои сосема случајно биле родени во соседните држави, но целиот живот го минале во Србија, раскажува Жељко Станетиќ од Граѓанскиот центар на Војводина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми