Забраната за влез во САД привремено во сила
5 декември 2017Врховниот суд на земјата во целосен опсег ја стави во сила најновата верзија на декретот на претседателот Доналд Трамп. Сепак, одлуката е само привремена, во очекување на тековните жалби против декретот, соопшти Врховниот суд во Вашингтон. Значи Врховниот суд сака уште посеопфатно да се позанимава со указот.
Трамп ја потпиша третата верзија на декретот на 25-ти септември. Таа содржи ограничувања за влез за граѓаните од претежно муслиманските држави Иран, Јемен, Либија, Сомалија, Сирија и Чад. Покрај тоа, на сите граѓани на Северна Кореја и на владини претставници од Венецуела им е забрането влегување во САД. Владата на Вашингтон тврдеше дека овие земји не ги исполнуваат барањата на САД за достаточни безбедносни проверки на барателите на виза и размената на информации.
Трамп во септември рече дека сака да ја намали заканата од тероризам за САД. Политичките противници на неговите укази во нив гледаат дискриминација. Забраната за влез требаше да стапи во сила на 18-ти октомври, но беше одложена од страна на пониските судски власти. Ова е веќе трета ваква мерка која ја воведе Трамп. Уште во двете други забрани судовите ги попречија плановите на претседателот. Додека ограничувањата во првите два декрета беа временски ограничени, одредбите од најновиот указ треба да важат неопределено време.
Исклучени од забраната за влез за граѓаните од шесте држави се луѓето кои можат да „докажат блиски односи со лице или институција во САД". Ова важи за бабите и дедовците, внуците, браќата и сестрите,чичковци и тетки, внуци и внуки, како и братучеди на странци кои живеат во САД. Односите со некој универзитет или работодавач ќе мора да бидат „документирани" за да се добие виза.