1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрана за организирање забави преку Фејсбук?

4 јули 2011

По големиот број хаотични забави организирани преку социјалните мрежи, неколкумина покраински министри за внатрешни работи во Германија побараа легализирање на можноста за забрана на такви собири.

Фотографија: picture-alliance/chromorange/ DW-Montage

Ригорозна борба против Фејсбук-журки - тоа е она што го бараат шефовите на полиции на сојузните покраини. „Доколку се загрозени јавната безбедност и редот, тогаш однапред мора да се забрани Фeјсбук-забавата“, вели министерот за внатрешни работи на покраината Долна Саксонија, Уве Шинеман, за весникот „Велт“ и додава: „Ако такви собири веќе се одржуваат, тоа мора да се запре.“

Слични се тврдењата и на неговиот колега од Северна Рајна Вестфалија, Ралф Јегер. „Доколку спроти одржувањето на некоја Фејсбук-забава постојат конкретни укажувања за опасност за учесниците или за трети лица, тогаш комуналните власти мора да имаат овластувања за забрана на таквата забава“, вели министерот за весникот „Велт“. Јегер додава дека на своите деца им препорачува да не посетуваат „дружби“ за кои се испратени анонимни масовни покани. „Никогаш не се знае кој ќе дојде“, вели внимателниот министер и татко.

Сцена од забавата на девојката од Хамбург, на почетокот на јуниФотографија: picture alliance/dpa

Реакцијата на министрите е предизвикана од неколку немили сцени што се случија на неодамнешни забави организирани преку Фејсбук во Германија. Една девојка од Хамбург, на почетокот на јуни, на социјалната мрежа (наводно по грешка) ја објавила поканата за прославата на својот 16. роденден. Поканата била испратена практично до сите корисници на Фејсбук, а не само на нејзините „пријатели“. На забавата пристигнале 1.600 неповикани гости. Улицата во којашто живеела девојката ја обезбедувале 100 полицајци. Приведени се 11 лица, а причинета е и материјална штета.

Кон средината на јуни, германската полиција растури неколку Фејсбук-забави организирани на отворено. По таа акција, во градот Вупертал спонатно се собраа околу 800 луѓе. Во текот на „забавата“ регистрирано е поголемо количество насилство. Шеснаесет лица завршија во болница, а 41 во притвор.

„Доследна“ примена на важечките закони

Министерот Шинеман вели дека сојузните покраини мора „доследно“ да ги применуваат важечките закони, но и да ја подобруваат воспитната работа со младите во училиштата и со нивните родители. Дури тврди и дека е потребно воведување на некаков вид дозвола за користење интернет, по пример на возачките дозволи. „Младите често не знаат што прават“, смета министерот.

Дури и безопасна покана на роденден многу често може да се претвори во „безбедносен проблем“, вели полицијатаФотографија: picture alliance/dpa

Сметката ја плаќаат родителите. Комуналните власти најавија дека сметката за чистење на отпадот од улиците на кои се собираат корисниците на Фејсбук, ќе им ги испратат на родителите на оние лица кои ја организирале забавата. Сметките се високи и инесуваат по неколку илјади евра.

Шефот на баварската полиција Јоахим Херман предупреди дека дури и безопасна покана на роденден многу често може да се претвори во „безбедносен проблем“ со несогледливи последици. За луѓето кои упатиле покана може да настанат и астрономски трошоци, зашто целта на таквите гости многу често е само неред и уништување, додава баварецот.

Во случај да се покрене истражна постапка поради некое кривично дело, предизвикувачот на проблемот во Германија мора да ги плати и трошоците на полициската работа. Но, тоа се случува само во многу ретки случаи. Во поголемиот дел случаи трошоците се покриваат од касите на сојузната покраина, односно од џебот на даночните обврзници.

Автор: Среќко Матиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми