1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Завет да се чуваат спомените

Златка Пурковиќ31 јули 2006

Што за Илинденското востание знаат и имаат во сеќавање поколенијата на Илинденците?

Фотографија: dpa

Елена Наумовска Гуле, една од двете живи внуки на Питу Гули, никогаш нема да ги симне фотографиите од својот дедо обесени на ѕидовите. За неја тие се завет од татко и мајка и, света реликвија која мора да остане во семејството. Така ги чува и спомените за него:

“Кога заминувал, вујкото ги зел двете од децата и ги однесол каде што дедо ми ја собирал четата и му рекол “Каде одиш Питу, ја оставаш целата фамилија“, а тој му го одговорил она што го повторуваме дека “фамилијата му е пушката, а куршумите му се децата“. Некој посегнал за да им даде пари на децата да имаат, зашто биле сиромашни. Јас се сеќавам на она што ми го кажуваа вујковците, дека дедо ми скокнал и рекол дека кој ќе посегне да им даде пари на неговите деца, ќе му ја пресече раката со сабјата. Така и другите татковци со деца и вујко ми се вратиле со плачење. Питу заминал и знаел дека ќе загине. Кога почнале да гинат им рекол на соборците “кој што може спасувајте се и бегајте“, а тој не избегал. Тоа е она што ми е раскажувано од старите.“

Поддршката на најхрабрите во Крушевската Република ќе им ја даде и народот. Црвените јамболии, кои до ден-денеска можат да се видат по тремовите на крушевските куќи и за овој празник биле предзнак дека и народот е со востаниците:

“Поддршка за комитите, зашто биле херои, зашто излегле да ги бранат, зашто оделе да гинат, знаеле дека не бараат фотелји или нешто друго, нешто да им се даде, туку оделе да гинат, да го ослободат народот“, вели Наумовска Гуле.

Од Мечкин камен нема да се врати и Ставре војводата, секретар на Питу Гули. Неговите фотографии и спомените за храбрите Илинденци ги чува и Ленче Андреевска:

“Според раскажувањето на старите, имавме тетка, сестра на свекор ми, која тогаш била девојка, имала 17 години, и која раскажуваше дека кога рекле дека востанието пропадна, комитите се разотишле. Го чекале Ставре да дојде дома, но не дошол. Потоа им јавиле дека е убиен на Мечкин камен.“

Семејството Кареви за револуцијата ќе даде седум жртви, се сеќава Михајло Кареев, внук на Никола Карев:

“Илинден долго време не беше државен празник. Во 1953 година се донесе решение и се донесоа коските на Никола Карев. Благодарение на Тито Беличанец и групата што во тоа време беше во владата ги положија коските во куполата на споменикот Илинден. Од поколението, од постарите сме уште јас и сестра ми и уште една наша сестра што е во Србија, а внуци и правнуци има многу. Нашата фамилија е меѓу најбројните во Крушево. “

Михајло Карев неколку години ја дочекува коњаницата, која во чест на Илинден на коњи ја поминува Македонија за да стигне во Крушево и да им оддаде почит на Илинденците. Оваа година здравјето и неговите 80 години не му дозволуваат да го направи тоа, но спомените, сеќавањата и фотографиите ќе ги остави на оние кои доаѓаат по него.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми