1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заврши штрајкот на камионџиите во Грција

2 август 2010

Сопствениците на товарни камиони и цистерни во Грција синоќа (01.08.) го прекинаа штрајкот кој траеше шест дена и создаде голем недостиг од гориво на бензинските станици во државата.

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Собранието на федерациите на превозници одлучи со мало мнозинство штрајкот да биде прекинат“, соопшти синдикалниот лидер Јоргос Цорцатос.

Камионџиите го почнаа штрајкот во знак на протест поради владиниот предлот за либерализација на транспортниот сектор, што беше еден од условите за добивање на пакетот-помош од Меѓународниот монетарен фонд и Европската унија. Овој сектор веќе долго е црна точка во грчката економија, а поради монополот кој го уживаат неколку превозници, веќе 40 години во Грција не е издадена нова дозвола за работа. Тоа досега им отвораше можност на привилегираните превозници да препродаваат годишни дозволи и за суми од 300 илјади евра годишно.

Со тесно мнозинство одлучено штрајкот да се прекинеФотографија: AP

Опозицијата критикува за нарушен имиџ

Со владиниот план, чија реализација треба да почне од септември, се предвидува зголемување на конкурентноста во транспортот и укинување на монополската позиција на грчките превозници во тој сектор.

Штрајкувачите попуштија откако за време на викендот грчката Влада ги ангажираше армијата и големите петрохемиски компании кои со полициска придружба се грижеа за дотур на горива.

Опозициските партии во земјата ја критикуваа владата поради тоа што дозволи спорот со камионџиите да трае толку долго и да се наруши, како што рекоа, имиџот на земјата во странство.

„Последниве денови, состојбата во грчкото општество беше нарушена, исто како и имиџот на земјата во странство. Тоа беше вина на владата“, соопшти најголемата опозициска партија Нова Демократија.

Oстанува проблемот со снабдувањето на бројните островиФотографија: AP

На островите е се‘ уште критично

Најголеми штети од штрајкот претрпе стопанството и тоа во екот на туристичката сезона. Голем број туристи ги откажаа аранжманите во Грција, а илјадници останаа блокирани во земјата поради недостигот на гориво.

Состојбата од викендов се нормализира, но останува проблемот со снабдувањето на бројните острови, кои речиси цела недела немаат добиено намирници.

Автор: БГ/ГЧ/афп/

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми