1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Завршницата на Купот, почеток на разврската од сезоната

Златко Калински7 мај 2014

Работнички и Металург се актерите на 22-то финале на фудбалскиот Куп на Македонија. На Филип Втори Арената во Скопје, вечер започнува разврската на исклучително неизвесната фудбалска сезона во Македонија.

Фотографија: Petr Stojanovski

Работнички и Металург влегуваат во битката за трофејот.Финале со скопски шмек! Од „Дебар маало“ и од „Автокоманда“ ќе се упатат вечер кон Градскиот парк двете спротивставени навивачки групи за да бидат дел од испишувањето на значајното поглавје за двете клубски истории. Првпат на Работнички и Металург им се вкрстуваат патиштата во завршниот меч.

Финале без фаворит

Фудбалскиот куп во својата натпреварувачка природа не признава „големи и мали“ тимови. Но, ако постои изедначеност на актерите на големата претстава, таа е токму во моментов. Работнички и Металург му припаѓаат на врвот на македонскиот фудбал. Двете екипи истовремено се и во трката за шампионската титула. Работнички е лидерот на табелата игра одлично, а тренерот Игор Ангеловски верува во можностите на своите играчи:

„Ова е натпревар, кој го очекуваме цела година. Сигурен сум дека моите фудбалери ќе одиграат квалитетно и ние ќе го кренеме победничкиот пехар. Металург има одличен состав, тоа е тим што уште повеќе не мотивира да се претставиме во победничко светло.“

Металург на првенствената табела заостанува за три бода зад Работнички, но во трите меѓусебни првенствени натпревари има блага предност. По двете соочувања без победник, неодамна славеше како гостин над Работнички со 2:1. Срѓан Захариевски тренерот-дебитант, првото свое искуство на клупата на Металург сака да го круниса барем со еден трофеј:

„Натпревар посебен, кој не може да се споредува со ниту еден првенствен. Во секоја друга прилика може да се калкулира, да се компензира, пропуштеното да се надомести…! Но, ова е настап беа алтернатива, момент кога се врачува пехарот. Сметам дека тимот што ќе направи помалку грешки ќе победи.“

Трет пат Работнички или втор пат Металург?

Пред една деценија започна големиот фудбалски подем на Работнички. Период со три титули првак на Македонија, со настапи во Европа, со незаборавното надигрување со славниот англиски Ливерпул. Златното време е надополнето и со освојувањето на Купот на Македонија во 2008 и 2009 година. Во меѓувреме Работнички одигра уште два пати во финалето. Благоја Тодоровски, капитенот на Работнички верува во „трета среќа“, дека после 5 години пехарот одново ќе ги осветли клупските витрини:

Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Нема ништо поубаво за еден спортист од моментот кога го крева трофејот. Добро играме цела сезона и го сонувавме овој момент. Меѓу играчите владее прекрасна атмосфера, сите сме орни за борба и желни одново да го донесеме пехарот.“

Металург еднаш досега славеше во Купот. Во 2012 „Железарците“ се кренаа до финалните височини и со победата над Тетекс со 2:0 останаа во фудбалските облаци. На Миле Крстев, прекалениот фудбалски воин и капитен познато му е возвишеното чувство:

„Мораме да одиграме цврсто, борбено. Одлично се познаваме со играчите на Работнички. Во серија сме без пораз против нив, но тоа ништо не значи. Ќе пресуди мотивацијата, срцето, борбеноста на секој дел од теренот…Јас сум на својот играчки залез, имам големи причини да се надевам на слика слична како во 2012 кога пехарот беше во моите раце и дека оваа сезона ќе биде круна на мојата кариера.“

Дведецениска историја на Купот

Дваесет и една епизода зад себе има македонската фудбалска куп приказна. Првата во 1993 година ја испишаа двете највлијателни фудбалски имиња, Вардар и Пелистер.Скопските „црвено-црни“ со 1:0 со голот на Жанко Савов станаа првите славодобитници. Вардар со пет трофеи е најуспешниот клуб во Купот на Македонија. Слога Југомагнат има осум, најмногу настапи во финалето, од кои во три излегуваше како победник. Тетекс ги одбројува последните часови како актуелен носител на трофејот по минатогодишната победа над Шкендија по изведувањето на пеналите.

Дваесет и второто поглавје меѓу Работнички и Металург, исклучително привлечно, е вечер во 20 часот и 15 минути на Филип Втори Арената во Скопје.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми