1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Завршува ерата на Жак Ширак

Тони Гламчевски12 март 2007

Во Франција се затвора една страница од нејзината политичка историја. Жак Ширак по четириесет години политичка кариера, од кои дванаесет како претседател на Републиката, се повлекува од политиката. Ширак во радио-телевизиското обраќање до француската нација не направи биланс, но на своите наследници им остави вистински тестамент.

Жак Ширак заминува од претседателската функција
Жак Ширак заминува од претседателската функцијаФотографија: AP

Со многу силни чувства претседателот Жак Ширак им соопшти на своите сонародници дека нема да се обиде да освои трет по ред претседателски мандат. „На крајот од мандатот кој ми го доверивте, за мене е дојден моментот да ви служам на друг начин“. На друг начин, но со истиот ентузијазам и со истата страст, Ширак најави дека ќе продолжи да се бори за правадата, за мирот и за големината на Франција и во интерес на Французите.

Седумдесет и четиригодишниот Жак Ширак, кој ќе му стави крај на својата четириесетгодишна политичка кариера во мај, се воздржа да му даде подршка на било кој од кандидатите за негов наследник. Велејќи дека се уште има време.

Шест недели пред првиот круг од претседателските избори, Ширак на Французите им испрати неколку пораки, своевиден политички тестамент.„Не се здружувајте со екстремизмите, расизмот, антисемитизмот или отфрлањето на другиот. Во нашата историја, екстремизмот за малку ќе не однесеше во пропаст. Тој разделува. Тој е отров. Тој расипува и уништува. Се во душата на Франција му вели „не“ на екстремизмот“.

Според Жак Ширак, вистинската и убава борба на Франција е единството и кохезијата. Нејзиното богатството е нејзината разноликост.

Тој побара од своите сонародници да „веруваат во Франција“ и во европската конструкција.„Франција треба да ја афирмира потребата од една силна Европа, една политичка Европа, Европа која го гарантира нашиот социјален модел.“

За Ширак Европа е влогот за иднината, идеал кој треба секогаш да се носи.

Според Ширак, Франција треба и понатаму на меѓународната сцена да се залага за трпеливост, дијалог и почитувањето меѓу луѓето и културите, од што зависи мирот и сигурноста на светот. Потоа за рамноправен економски развој на сите земји и се разбира еколошката заштита на планетата.

Сите претендентите за наследник на Ширак, нема да се препознаат во неговата дискусија. Во моменот кога се навлегува во сериозниот дел од кампањата, наспроти сите најави дека новиот претседател на Франција ќе треба да се бара од дуелот меѓу кандидатот на владеачката десницата Никола Саркози и кандидатката на социјалистите Сеголен Ројал, нив им се приклучи Франсоа Бајру.

Бајру, кандидат на УДФ, политичка формација од центарот на десницата, црпи во резервоарот на гласови од двете страни. Според анкетата на ИФОП за „Журнал ди Диманш“, четириесет денови пред првиот круг од гласањето, Саркози води со 28% од намерите на гласачите, следен од Бајру и Ројал, секој со по 23%. Не треба да се заборави кандидатот на крајно десниот национален Фронт, Жан-Мари Ле Пен, кредитиран со дури 13 % од намерите на гласачите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми