1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Срамота за Германија!

18 мај 2018

Европската Комисија го тужи самопрогласениот пионер за заштита на животната средина и климата, заради загадениот воздух во многу градови. Време е германските претстави и реалноста да се поклопат, смета Јенс Турау.

Symbolbild Abgase
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Murat

Доста изненадувачки – само пред неколку дена германското Министерство за животна средина соопшти дека Германија на меѓународните конференции за заштита на животната средина и натаму се доживува како пример. Земјата добивала пофалби за промената во енергетската политика и за повлекувањето од атомската енергија. Другите земји најновите проблеми на Германците ги примија со „изненадувачка доза на разбирање". Но дали тоа така и ќе остане?

Промашувањата на германската политика за животна средина

Европската Комисија сега ја тужи Германија и уште пет други членки на ЕУ заради зголеменото загадување во многу градови. Тоа е срамота бидејќи се пречекоруваат горните граници за кои самата влада претходно се залагала, а од друга страна е лоша вест за илјадници возачи на дизел возила во земјата. Но одблизу погледнато, во основа е промашување на една политика која гласно формулира амбициозни цели, ама не успеа во сопствениот двор да ги создаде условите за нив. Германија во изминатите децении редуцираше голем дел од емисијата на штетни гасови, многу повеќе отколку други индустриски земји. Но, потоа се изгуби еланот за заштита на климата, меѓу другото затоа што Германците сакаат да возат скапи и брзи возила и по можност - од домашно производство. Домашните производители долго време играат на картата на дизелот. Тие долго време се оглушуваа на предупредувањето на експертите дека со дизелот се создаваат други штетни емисии на гасови кои се опасни за околината, како азотни оксиди. Откако тоа конечно им стана јасно, одлучија да користат трикови наместо да направат вистинска промена.

Јенс Турау, автор на коментарот

Повеќе:

-Забраната за дизел-возила во градовите е дозволена

-Германија воведува бесплатен јавен превоз поради загадувањето?

-ЕК се заканува со тужби против загадувачите на воздухот

Навистина, политиката во меѓувреме реагираше и побара воведување на електробуси во сообраќајот. Но, влијанието од таквите чекори ќе се почувствува на долг рок. Во секој случај, според оценката на Европската Комисија, не доволно бргу. Пред сѐ темелната и брза ефикасна мерка – скапата модернизација со која навистина би се прочистиле издувните гасови кај дизел возилата, ја плаши и новата влада. Трошоците треба да им се наметнат или на производителите или на возачите. А сите тие се гласачи.

Притисокот однадвор би можел да биде од помош

Можеби тужбата од Брисел ќе ѝ помогне на големата владина коалиција сериозно да ги реши двата главни предизвици во политиката за заштита на животната средина и климата: да се намалат нивоата на загадување во градовите за да се спречат забраните за возење. И да се прекине производството на електрична енергија од јаглен за да се исполнат зацртаните цели во однос на климата. Во однос на првото прашање веќе дојде притисокот од ЕУ, во однос на второто можно е притисокот да дојде од меѓународната сцена. Во секој случај, пред следната конференција за клима на ОН во полскиот град Катовице во декември, специјална комисија назначена од владата треба да подготви план за запирање на употребата на јаглен. Амбициозен план со оглед на тоа дека комисијата се формира деновиве.

Во целата земја е видлива енергетската промена: насекаде се гледаат ветерници, Германците сѐ повеќе возат велосипеди или користат воз како превозно средство, а исто така го селектираат отпадот. Тоа беше доволно во изминатиов период, но сега очигледно веќе не. Значи сработете си ја домашната задача. Сѐ додека тоа не се исполни, на конференциите за животна средина ќе бидат славени други. Сиромашните земји кои се погодени од климатските промени во јужната хемисфера, и покрај нивната често очајна ситуација, не се откажуваат од борбата против емисијата на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми