1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осум полицајци мртви, вечер обраќање на претседателот Иванов

Катерина Блажевска10 мај 2015

На попладневната седница на Советот за безбедност во проширен состав, повикани се и лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА - Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи.

Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Осум полицајци го изгубија животот во полициската акција со вооружената терористичка група која започна вчера (9.05) а заврши претпладнево. Во престрелката загинаа 32- годишниот Жарко Кузмановски од тетовското село Брвеница, 32- годишниот Сашо Самоиловски од Тетово и 28- годишниот жител на гостиварското село Зубовце, Ненад Серафимовски. Дополнително беа соопштени и имињата на другите жртви - Исамедин Османи од скопско Студеничани, Горан Илиевски од Гостивар и Бобан Ивановиќ. Двајца од нив им подлегнале на повредите во Клиничкиот центар. Утрово во последните часови од акцијата животот го загубил уште еден полицаец, а телото на друг било најдено при расчистувањето на теренот. Засега нема детали за нивниот идентитет. Ненад Серафимоски денеска ќе биде погребан на гробиштата во гостиварското село Зубовце во 14 часот.
Македонскиот полициски синдикат (МПС) изрази длабоко сочувство и тага по повод трагичното губење на животите на своите колеги, а на повредените припадници на Македонската полиција им посака поскоро закрепнување.
Од МПС, како што велат, им порачуваат на мрачните сили кои стојат зад овој трагичен чин, дека нема да се смират додека и последниот поединец не биде изведен пред лицето на правдата. Притоа, упатуваат апел до одредени политички структури и медиуми, да не го злоупотребуваат трагичниот настан за дневнополитички цели и да ги остават нив и семејствата на загинатите да се обидат достојно да се носат со длабоката болка и тага која ја чуствувааат.
По повод последните случувања, претседателот Ѓорге Иванов, за денеска во 17 часот свика седница на Советот за безбедност, во проширен состав. Освен членовите на Советот за безбедност, Иванов на седница, како што се нагласува од неговиот Кабинет, согласно со Деловникот за работата на Советот за безбедност, на седницата ги повика и лидерите на СДСМ, на ДУИ и на ДПА, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи.
По завршувањето на седницата, од претседателскиот Кабинет најавија дека Иванов ќе се обрати до граѓаните на Република Македонија.
Пораки од соседството
Состојбата во македонија го вклучи алармот и во соседството. Српскиот премиер Александар Вучиќ за денеска попладне свика вонредна седница на Бирото за координација на службите за безбедност. Тој упати и телеграма со сочувство до премиерот Никола Груевски за настраданите македонски граѓани во престрелката на полицијата со вооружената група во Куманово, во кое истакна дека Србија ги осудува сите одбиди за дестабилизација на Македонија и целиот регион.
„Силно ме потресе веста за страдањето на граѓаните на Македонија и на припадниците на македонската полиција во борбите со вооружените групи во Куманово. Во овие трагични мигови тешко е да се утешат семејствата на загинатите кои го чуваа мирот и безбедноста во Македонија. Србија ги осудува сите обиди за дестабилизација на Македонија и целиот регион и ќе направи се‘ за одржување на политичката и економската стабилност во целиот регион. Во името на Владата на Србија и во свое лично име, на Вас и на семејствата на загинатите ви изразувам искрено сочувство“, се вели во телеграмата.
И Албанскиот претседател Бујар Нишани искажа загриженост околу состојбата во Куманово апелирајќи на смиреност и почитување на меѓуетничките односи.
„Претседателот Бујар Нишани со голема загриженост ја следи состојбата во Куманово и нејзиното влијание врз стабилноста во соседната земја и меѓуетничките односи во Македонија. Шефот на државата искажува длабоко сочуство кон сите граѓани на Македонија, независно дали се Албанци или Македонци, кои загубија свои сакани“, се вели во соопштението од кабинетот на албанскиот претседател и се апелира до сите страни за воздржаност и зачувување на смиреноста. Тој порачува сите страни многу повеќе да посветат внимание на меѓуетничките односи, почитувањето на охридскиот договор, во превземањето на потребни чекори и активности за смирување на ситуацијата и изведување на виновниците пред лицето на правдата.
Министерството за надворешни работи на Србија, пак, уште синоќа им препорача на државјаните на Србија да не патуваат во Македонија, a српските државјани кои планираат да се враќаат од Грција треба да користат алтернативни правци преку Бугарија.

Претседателот Иванов ќе им се обрати на граѓаните за настаните во КумановоФотографија: MIA
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski


Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми