1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загонетката на бегалците во Германија

Андреас Нол/ Симе Недевски25 август 2013

Кога пред 20 години Германија го заостри својот закон за азил, бројот на баратели на азил драстично се намали. Денес пак Германија е трета земја во светот по бројот на прифатени барања за азил .

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Политички прогонуваните уживаат право на азил“. Околу оваа кратка реченица во германскиот Устав пред две децении се водеше една од најемоционалните политички дебати во историјата на земјата. Со нејзиниот дотогаш либерален закон за азил, Германија стана привлечна дестинација за барателите на азил посебно од тогашна Југославија која беше среде воен конфликт. Околу 440 илјади луѓе во 1992 година побарале азил во Германија. По стапувањето во сила на драстично заострениот закон за азил во 1993 година, бројката на баратели во наредните години години се намали на околу 100 илјади.

Изненадувачка статистика

20 години по последната голема промена на законот за азил, во Германија повторно започна расправа за односот кон бегалците и сите оние кои во Германија бараат засолниште. Со 64.000 азиланти Германија се наоѓа на второто место по број на баратели на азил, по САД и пред Франција и Шведска. Но статистиките кои зборуваат за потеклото на земјите на барателите на азил кои доаѓаат во Германија, се малку изненадувачки. И додека второто и третото место за Авганистан и Сирија не се за чудење, првото место за Србија е сепак неочекувано.
Иако барањата за азил од земјите како Србија речиси и без исклучок се одбиваат, тие статистики им даваат аргументи на критичарите на германскиот систем за политички азил кои често зборуваат за злоупотреба. Притоа подготвеноста за згрижување на оние кои доаѓаат од воени подрачја во Германија е многу голема. Тоа го покажува и примерот за бегалците од Сирија. Германија, заедно со Шведска, прими речиси две третини од сириските бегалци во Европа.

Злоупотребата на азил- политичка тема

Комесарот на германската влада за бегалци Маркус Ленинг смета дека станува збор за „важен сигнал“ за остатокот на европскиот континент. Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) и Амнести интернешнал го поздравуваат и фактот дека прашањето за азилантите и бегалците исчезнало од предизборните кампањи (ако се тргне настрана десно екстремната Национална демократска партија на Германија- НДП).
Но политичарите, и тоа пред се' локалните, и тоа како се занимаваат со прашањето за економските бегалци од новите земји на ЕУ, како Романија и Бугарија, но и Србија и Македонија, бидејќи товарот за згрижување на барателите на политички азил за времето додека нивното барање се обработи, паѓа на грбот на општините и на градовите кои и онака се наоѓаат на раб на банкрот.

Навалица на надворешните граници на ЕУ

Тешко може да се предвиди како ќе се заврши ситуацијата со бројот на бегалци во Германија, особено ако се земе предвид дека ЕУ од неодамна ги прифати заедничките стандарди во областа на политиката за давање азил и згрижување бегалци. Во наредните две години тој компромис би требало да биде спроведен во пракса. Долгорочно тоа би можело да се одрази и на бројот на баратели на азил во Германија, која е се' уште број еден. Имено, по новото правило, барателите мораат да поднесат барање во земјата членка на ЕУ во која прво влегле. Тоа е интересно, особено за оние земји кои се наоѓаат на надворешните граници на ЕУ на кои набрзо ќе им се приклучи и Хрватска. Веќе сега јужните членки на Унијата се погодени од фактот дека се први во кои бегалците ќе бараат помош.
Прашање е дали новата пракса ќе доведе до тоа да се избегнат непријатните политички ситуации како онаа кога пред неколку месеци Италија на бегалците од Африка им дала неколку стотици евра и наводно им сугерирала да одат во Германија. Па дури и да се докаже дека бегалците веќе биле во некоја од земјите на ЕУ, германските судови по правило го одбиваат нивното прогонство во тие земји од хуманитарни причини бидејќи сметаат дека животните услови во бегалските сместувања, на пример во Грција и во Италија се „неприфатливи“.

Фотографија: dapd
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми