1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Загреб во двојна вонредна состојба

Хелена Пуљиз
23 март 2020

Додека зборувавме дека поради ширењето на коронавирусот, светот онаков како што го познававме се урива, никој не ни помислуваше дека среде кризата со пандемијата во Загреб ќе доживееме и буквално уривање на светот.

Kroatien Schwerstes Erdbeben seit mehr als hundert Jahren erschüttert Zagreb
Фотографија: Imago-Images/Pixsell/S. Strukic

Земјотресот кој во неделата наутро ги разбуди од сон Загребчани и ги протера на улица, сонливи, уплашени и уморни - се случи во време на највисок степен на психоза поради ширењето на заразата.

Во моментот додека го пишувам ова, се редат послаби потреси во низа – до 18.00 часот веќе имаше повеќе од 30. Истовремено ветрот дува сѐ посилно, а постојано пристигаат предупредувања луѓето да не седат на улица бидејќи ветрот може да се засили и до 80 километри на час поради што е можно да летаат делови од оштетените згради. Бројот на заболени од коронавирусот постојано расте, властите упорно не повикуваат да останеме дома, едно девојче повредено во земјотресот се бори за живот, стотици луѓе кои останаа без кров на глава мора да се сместат во студентски домови.

Губење контрола

Сите настрадани кои имаа можност заминаа кај роднини, кај пријатели, во викендици. Иако дома одамна прогласивме социјална изолација, примивме една пријателка со нејзината мачка, бидејќи нејзиниот стан во центарот на градот е небезбеден за престој. Телефоните звонат постојано - пријателите и роднините преку сите комуникациски канали испраќаат пораки со љубов, утешни зборови и охрабрување. Се тешиме и охрабруваме едни со други додека се обидуваме да се справиме со ова што се случува, полека да се смириме и да се вратиме во состојбата на страв на која коронавирусот има ексклузивно право.

Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Bandic

Од сегашна перспектива, тој страв се чини е поедноставен, полесен. Главно е доволно да се изолирате за да се избегне зараза поради што се чини дека барем делумно имаме контрола врз развојот на ситуацијата. Но земјотрес – тоа е сосем нешто друо. Земјотрес никако не може да се контролира.

Повеќе:

-Силен земјотрес го потресе Загреб

-Први случаи на коронавирус во Швајцарија, Австрија и Хрватска

-Коронавирусот пред портите на Хрватска

Во саботата вечер отидовме на спиење во страв дека премногу луѓе последните денови ја прекршуваа наредбата за самоизолација, бидејќи ни е ограничено движењето, бидејќи ни е наредено да останеме дома со оглед на фактот дека е тоа најсигурниот начин да избегнеме зараза, бидејќи економските прогнози се едноставно катастрофални, бидејќи како и поголемиот број жители на земјинава топка стравуваме за нашите животи и животите на најмилите. Бев пресреќна што во саботата навечер популарно – научните серии ме смирија доволно за релативно спокојно да заспијам.

Но, тогаш во 6.24 од сон ме разбуди бука и тропање на кристалните чаши и прозорците, и дрмање на креветот. Во моментот кога отворив очи, се слушна вистински застрашувачка бука од длабината на земјата пропратена со силен трескот на креветот, собата, зградата, градот. И заглушувачки врисок на мачките и лаење на кучињата, алармот на банката од приземје и стотици автомобили околу неа. Истрчавме под касата на вратата додека сѐ грми и удира, преплавени од страв од кој ти се заледува крвта во жилите. Тресењето престанува по што следи брзо миење во купатило, пресоблекување, ги грабнуваме моболните и вода, првата јакна која е при рака и излетуваме од станот. Дел од соседите се веќе на улица, други исто сега излегуваат надвор – но сите се преплашени.

Фотографија: DW/H. Puljiz

Студ

Паѓа и снег. Значи снежи и е студено по два месеца воглавно сончеви денови, и релативно топол период за ова време од годината?! Зима речиси и да немавме во 2020. Но еве и таа стаса со земјотресот. Првите вести достапни на интернет велат дека не погодил земјотрес од 5,5 степени спроред Рихтер, дека мора да останеме на отворено оти ќе следат и нови потреси, но и да стоиме на дистанца со останатите бидејќи ни се заканува зараза од коронавирус. Ми студи бидејќи излетав во пролетна јакна, а ни останатите не се нешто многу топло облечени за ова снежно утро.

Речиси половина час нема нов потрес поради што тргнувам до станот да земам подебела јакна и ракавици. Во моментот кога ја затворам вратата од станот повторно се слуша татнеж од земјата поради што излетувам со светлосна брзина, без топла јакна и ракавици. Прескокнувам по пет скалила со невидена брзина и излегувам надвор на сигурно.

Постојано пристигаат вести. На истокот и во центарот на градот дел од зградите се урнати. Пристигаат и првите фотографии, а потоа информации дека едно дете е во критична состојба, дека има заглавени под урнатините, трудниците од Петрова болница се на улица во ноќници, родителите цврсто ги држат своите деца. Снимките сведочат дека во многу градски болници се урнале тавани. Се обидуваме да се држиме подалеку едни од други додека се тешиме и разменуваме информации. Но во заедничка несреќа како некоја тајна сила да не привлекува едни кон други, па наредената минимална оддалеченост од еден метар меѓу нас мора свесно да се контролира.

Фотографија: Imago-Images/Pixsell/M. Lukunic

Катастрофите како можност за политичка катарза

Имаше уште едeн потрес, но неброен број пати се ширеа лажни вести дека ќе следат уште посилни потреси. Службата за цивилна заштита околу девет и пол, порача сите оние чии домови не се оштетени да се вратат дома, а оние несреќните ќе мора и понатаму да останат на улица. Повторно доминираат предупредувања за социјална изолација и наредби за самоизолација на заразените со коронавирусот.

Умрени од страв, се враќаме во домовите, а додека сме дома се вадиме од памет на секој посилен звук при поминување на автомобил или посилно лупање од кај соседите - и сме во исчекување на нов потрес. Нервите ни се напнати, слухот изострен. Како на смена, трзнуваме де на урбани звуци, де на помали потреси. Страв од смртоносниот земјотрес полека исчезнува, но растат бесот и лутината. И тоа лутина и бес поради состојбите во болниците кои во никој случај не одговораат на износите кои сме ги платиле за нивна изградба, обнова и опремување. Лутина и бес поради болници кои со децении не се довршени, поради уривање на зградите во центарот на градот во чија обнова исти така истуривме милиони и чија статика ја нарушија неразумните „пријателски“ релации и оние кои „знаат да се снајдат“ што во Хрватска е еуфемизам за политички криминал.

Сепак, надежта сѐ уште е тука и расте. Надеж дека на сето ова конечно ќе му дојде крајот и дека најважните јавни функции во државата, кога сето ова ќе пројде, ќе ги извршуваат стручни и добронамерни луѓе како главниот епидемиолог др.Алемка Маркотиќ и министерот за здравство др. Вили Берош кои засега успешно и неуморно не штитат од здравствена катастрофа и уживаат авторитет и почит од народот – нешто што е овде реткост.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми