Загревање на етничката порнографија
11 август 2016Јавните „препукувања“ на државните врвови на Хрватска и Србија во поединечни ситуации изгледаат како никогаш да нема да престанат. Сепак подоцна, комуникацијата некако повторно се смирува. Тоа останува така сѐ до следната укажана прилика за разгорување на страстите. Ваквите преписки се одвиваат во речиси правилни циклуси. Така, се добива впечаток дека одредени политички теми помеѓу двете држави се едноставно нерешливи, односно дека претставуваат хронични проблеми.
Токму поради тоа многумина веруваат дека всушност станува збор за прашања со кои двете страни намерно манипулираат. Таквите ситуации кои се подгреваат до точка на криза, всушност им одговарат на политичките елити кои немаат содржајни програми. Поентата и целта е секако, да се задржи политичкото влијание и економската моќ.
Избегнување на економските теми
„Точно е, многу политичари воопшто и не сакаат да се решат тие прашања“, објаснува за ДВ Јозо Радош, европратеник и поранешен министер за одбрана на Хрватска. Тој смета дека „причината за тоа е што во спротивно ќе почне да се говори за деликатни економски теми. Политичарите се држат до меѓуетничките поделби како да се нивни лични расправии, за кои не смеат да попуштат. Со тоа и партиите се делат на патриотски и антифашистички, што предизвикува дополнителни поделби во хрватското општество“.
Радош смета дека одговорноста помеѓу државите не е сосема еднакво застапена, иако според него тоа не е пресудно; „Во последните години Србија сè поинтензивно се занимава со потсетување на конфликтот. Точно е дека во Хрватска се релативизира усташтвото до степен како да нема патриотизам без тоа зло. Но исто така е факт и дека во Србија токму државно раководство е склоно кон екстремни ставови, или барем така беше до неодамна, а во Хрватска, радикалните десничарски ставови во последно време ги застапуваат маргинални групи“.
„Не водат пилешки мозоци“
Белградскиот новинар Милош Васиќ смета дека меѓудржавните спорови на етничка основа воопшто не се случајни. Според него, за елитите кои го прават тоа е најбитно економските и социјалните прашања да останат недопрени. Денешните елити се формирани врз основа на тој интерес, дури може и да се каже дека поради интересот за лична материјална корист тие се потпираа на конфликтите меѓу Србија и Хрватска од пред четири века.
„Тие знаат дека на власт остануваат сѐ додека со сигурност функционираат нивните споени канали на национализам, дури и по цена на нова крв“, убеден е Васиќ.
„Тука во Србија е забележливо ужаснување поради неодамнешната рехабилитација на Алојзије Степинац“, продолжува тој, „додека на рехабилитацијата на четничкиот злосторник Дража Михајловиќ се гледа како на нешто најнормално. Ете, тоа е демократија. Но морам да кажам дека не е исто дали станува збор за кардиналот Степинац, Бранимир Главаш или Миро Барешиќ. Сепак случаите треба да се одвојат, но да не навлегуваме сега во поединости. Еве, сега сакаат да го рехабилитираат и Милан Недиќ, веројатно и тоа е демократија, па се е дозволено. Но, според мене, тој направи поголемо зло и од Михајловиќ, тој е и понатаму наш голем национален историски срам, можеби и најголем“.
Васиќ таквите тенденции ги нарекува „подгревање на етничката порнографија“, која претставува најдобар начин на оттргнување на јавното внимание од реалниот живот. Васиќ потсетува на стара еврејска поговорка - кога знамето ќе се развиори, целата памет е во трубата.
„Не водат пилешки мозоци, но барем знаат во тоа да најдат своја материјална корист. Се плашам дека и така ќе остане, додека народот не добие или сам организира некоја здраворазумна, пристојна политичка сила која на дневен ред ќе стави некои универзални општествени вредности“, заклучува Милош Васиќ.
Обожување на нацијата и државата
Конечно, во свесната намера за потсетување на конфликтите верува и Небојша Блануш од Факултетот за политички науки во Загреб.
Во идеолошката манипулација поради мобилизација на избирачкото тело на ефтин и емоционално ефикасен начин, Блануш гледа позитивна идентификација со фашизмот. „Тоа се срамни производи на националната политика на двете земји – хрватските и српските партии се само врв на сантата мраз од нивниот краен иделошки израз. Некои сметаат дека е потребно да се чека страстите и будалите да се издуваат. Јас мислам дека ни треба јасна политика на соочување со минатото, но за тоа треба политичка храброст. По тоа прашање, мнозинството политичари во овие земји се кукавици и конформисти“, објаснува загребскиот политиколог.