Загриженост во ЕУ: Колку вакцините се моќни против Омикрон?
ЖА / агенции
27 ноември 2021
Здравствената служба на ЕУ смета дека новата варијанта на ковид која се појави во Јужна Африка може да се прошири низ Европа. Забрзано се испитува ефикасноста на постојните вакцини против Омикрон
Реклама
Б.1.1.529 е ковид-варијанта кај која постои досега најголемо отстапување кое е откриено во текот на пандемијата, соопшти синоќа ЕЦДЦ, Европската служба за здравство со седиште во Стокхолм, во првата проценка на степенот на закана кој произлегува од новата мутација на коронавирусот. Тоа предизвикува сериозни грижи поради евентуално намалување на ефикасноста на вакцините против коронавирус и зголемување на ризикот од реинфицирање.
Според ЕЦДЦ, варијантата Б.1.1.529, која од Светската здравствена организација го доби називот „Омикрон“, содржи голем број ген мутации во споредба со првичниот вирус. Сѐуште постои голема несигурност во поглед на брзината на пренесување, дејството на вакцините и ризикот од повторно заразување, но ЕЦДЦ поаѓа од висока веројатност од натамошно внесување и ширење на новата варијанта во Европа.
Овие нејаснотии налагаат превентивен пристап, се апелира итно на засилено спроведување на нефармацевтските мерки, како држење физичка дистанца и носење заштитна маска. Патувања во засегнатите области каде е детектиран новиот сој на вирусот треба да се избегнуваат. „Врз база на нашите искуства со претходните варијанти, мораме да бидеме проактивни и да преземеме превентивни мерки за да добиеме во време потребно за собирање на неопходните сознанија“, истакна директорката на ЕЦДЦ Андреа Амон.
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Глобалната кампања за вакцинација против Ковид-19 зема сѐ поголем замав. Во различни земји, создадени се или на повидок се вакцини, кои сега се главно оружје на човештвото во справувањето со пандемијата.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
Фотографија: Matthew Healey/AFP/Getty Images
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
Фотографија: Channi Anand/AP/picture alliance
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Фотографија: Aizar Raldes/AFP/Getty Images
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
Фотографија: Johnson/AP/picture alliance
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
Фотографија: Laily Rachev/Biro Pers Sekretariat Presiden
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.
Фотографија: C. Stoll/Sanofi
10 фотографии1 | 10
Новата Омикрон варијанта беше откриена најпрво во Јужноафриканската Република, па во Боцвана, но до вчера нејзино присуство е регистрирано и во Израел, Белгија и во Хонконг. Светската здравствена организација ја класифицираше новата варијанта во категоријата „загрижувачки“, што е сигнал дека некоја варијанта е попренослива или може да води кон потешка форма на заболувањето.
Производителите на вакцини против коронавирус Бионтек/Фајзер, Модерна, Џонсон и Џонсон и АстраЗенека најавија дека ќе ја стават под лупа варијантата Омикрон за да откријат во колкава мерка нивните вакцини штитат од инфицирање со неа. Бионтек најави први одговори на ова прашање најдоцна за две недели.
ЕУ на загрижувачката појава на новата мутација Омикрон реагираше со драстични ограничувања на влезот во Унијата за патници од просторот на Јужна Африка. Претседателката на Европската комисија, Урслула фон дер Лајен побара укинување на сите авионски летови во и од овие земји „додека не се има јасна слика за опасноста од новата варијанта на вирусот“.