1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терористичка закана на Косово

Рефки Алија/ Симе Недевски15 ноември 2013

По апсењето на шест члена на движењето Муслимански верници на Тавхид и Џихад, осомничени за планирање терористички напади, јавноста на Косово е вознемирена. Се стравува од радикализираните повратници од сириското боиште.

Фотографија: AP

Социологот на религија Исмаиљ Хасани смета дека е крајно време истражните органи и министерството за внатрешни работи на Косово да ја расчистат ситуацијата, да утврдат за што всушност станува збор, но и да го утврдат степенот на одговорноста на надлежните органи. Сепак, овој универзитетски професор не смета дека станува збор за влијание на исламскиот фундаментализам. Тоа, според него, е премногу остра квалификација. „Станува збор за поединечни т.н 'погони', во кои се регрутираат луѓе по различни основи. Очигледно станува збор за многу рафиниран облик на дејствување на тие групи кои за жал се дел од косовското општество“, вели професорот Хасани.

Најновото апсење на Косово е само уште еден во низата примери кои покажуваат колкава опасност на Балканот претставуваат радикализираните борци кои се враќаат од сириското боиште. Само од Косово, како што неофицијално се тврди, против режимот на Башар ал-Асад во Сирија се бореле или се борат меѓу 100 и 150 луѓе. Меѓу нив е и Генц Сељими, еден од шестемина уапсени, за кого постои сомневање дека едно време војувал во Сирија. По враќањето на Косово, како што пренесоа некои медиуми, тој започнал да им се заканува на припадници на некои државни институции.

Можни судири меѓу муслиманите

За многумина, па и за професорот Хасани, сето тоа е донекаде очекувано. По војната на Косово 1998-1999, значително се зголеми бројот на оние кои исламот го практикуваат на начин кој не е традиционален на тие простори: мажите се препознатливи по долгите бради и кусите пантолони, а жените по фереџињата. Никој не знае колкав е точниот број, но се споменува дури и бројка од околу 50 илјади.

Сѐ поголем број косовски муслимани од редовите на сите национални заедници, е вознемирен поради тоа и во нив гледа голема опасност, која дури би можела да предизвика и некакви можни судири меѓу муслиманите во иднина. Долгогодишниот имам и професор по историја во Призрен Енвер Бафтију ги дели ваквите стравувања: „Тие отвораат пат за поделба и лоша иднина во овој дел од Балканот. Мислам оти тоа е лошо за иднината на нашите деца и за младината.“

Загрижен е и Флорија Чехаја, извршен директор на Косовскиот центар за безбедносни студии: „Врз основа на досегашното искуство сметам дека нашите институции не се ни приближно подготвени да ги стават под контрола овие групи.“

Без политички последици

Петрит Сељими, заменик министер за надворешни работи на Косово, вели дека во министерството ја следат ситуацијата во Сирија и предупредуваат на евентуални последици за косовските граѓани во тој регион. Но, потсетува: „Владата и косовскиот муфтија јасно рекоа дека тие нема што да бараат во Сирија. Знаеме дека таму има мал број Косовци, кои се на различни страни. таму има и луѓе од Србија, БиХ, Хрватска, Македонија, Албанија, од Косово, но и од цела Европа. Тие во Сирија војуваат од различни мотиви, од платенички до чисто идеолошки. Затоа не верувам дека за Косово ќе се создаде поинаква слика од онаа која постои за другите балкански и европски земји, чии граѓани, за жал, учествуваат во сириската трагедија“.

Фотографија: DW

Се огласи и претседателството на Исламската заедница на Косово. Тоа во соопштение ги осуди законите кон косовската полиција, како и заминувањето на сириското боиште: „Народот на Косово ја поддржува праведната борба на сирискиот народ, но заминувањето на сириското боиште во име на борбата за исламот, не само што нема никаква врска со верските принципи, на кои се повикуваат припадниците на некои непознати групации, туку, за несреќа, го продолжува животот на Башар ал-Асад и страдањето на сирискиот народ.“

Меѓутоа, како што пренесе косовската телевизија КТВ, синот на муфтијата Наим Трнава, преку интеренет изјавил дека „размислува да замине и да војува во Сирија.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми