1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загрозено владеењето на правото во ЕУ

Барбара Везел
21 јули 2021

Вториот извештај на Европската комисија за владеење на правото ја потврдува загриженоста поради развојот во одделни земји-членки околу предноста на европското право, независноста на судството и слободата на медиумите

Bildgalerie 50 Jahre Römische Verträge I Fahnenmasten mit den Flaggen der EU-Staaten wehen vor dem Gebäude des Europaparlaments in Strasbourg
Фотографија: Thomas Ruffer/imageBROKER/picture alliance

Предност на правото на ЕУ

Врховниот суд на Германија лани демонстрираше лош пример кога го доведе во прашање купувањето државни обврзници од страна на Европската централна банка и надлежноста на Судот на ЕУ. Сега станува збор за принципиелни прашања: во средината на јуни Уставниот суд на Полска ја означи за неважечка пресудата на Европскиот суд околу именувањето судии во Полска. Министерот за правосудство притоа нагласи дека уставот на Полска мора да биде над заедничкото законодавство на ЕУ. Конечната одлука на полскиот Уставен суд се очекува на почетокот на август.

„Предноста на правото на ЕУ е наш заеднички темел и ако тој се напаѓа, тогаш имаме проблем“, изјави еврокомесарот за правосудство Дидие Рејндерс. Меѓутоа, нејасно е што ќе се случи ако Варшава на Брисел навистина му фрли правна ракавица в лице. За тоа нема да одлучува ЕК, туку Советот на ЕУ, значи претседателоте на влади или држави-членки. Овој случај претставува најголема закана за единството на ЕУ кое го гарантираат Европските договори. Едно е јасно: ако Полска јасно одлучи против предноста на правото на ЕУ, тогаш и членството на Полска и од него произлегувачките права се доведуваат во прашање.

Независност на правосудството

Кога е во прашање независноста на судството, Европската комисија упати критики на сметка на неколку земји. Во Германија се критикува изборот на врховни судии, во Италија – спороста на судството, а за во многу земји има забелешки за спориот тек на дигитализација. Пофалби има за првите чекори во темелна реформа на судството во Малта, каде правосудството е тотално политизирано. Во однос на Бугарија, се истакува дека реформите во правосудството одат преспоро.

-повеќе: 

ЕУ и владеење на правото - доцно будење

ЕП сака да ги врати Унгарија и Полска на патот на правна држава

Но, тежиштето на критиката повторно е врз Полска и Унгарија. Унгарскиот парламент во меѓувреме овозможи избор на врховните судии надвор од вообичаената постапка, што го поставува прашањето за независност на целиот процес. Поранешните препораки на ЕК кои би воделе кон јакнење на независноста на судиите и посебно на  Националниот судски совет, Будимпешта во целост ги игнорираше, стои во извештајот.

Развојот во полското правосудство се набљудува со посебна загриженост, стои во извештајот. Од 2015 година моќта на владата и законодавецот во однос на правосудството порасна до тој степен што доведе до покренување постапка според член 7 од Договорите за Европската унија. Иако ЕУ и Европскиот суд имаат сомнеж во независноста на Националниот судски совет, тој и натаму продолжува со работа. Врховниот суд е дополнително ослабен во својата функција со најновите промени, а изборот на врховни судии не одговара на стандардите.

Слобода на медиумите

Медиумскиот пазар во Полска досега важеше за плуралистички, но најновиот развој на настаните како купувањето на медиумот Полска прес од страна на државниот концерн Орлен, се доживува како закана. Полскиот омбудсман го стави под прашалник ова купување поради влијаниет врз плурализмот на медиуми. Најновите законски предлози главно се свртуваат против странски сопственици на медиуми во Полска. Се бележи обид за заплашување преку судски тужби, напади од полицијата и недоволна заштита на претставниците на медиумите во извршување на секојдневната работа.

-повеќе:

Европа и борбата за слобода на медиумите

Илјадници Унгарци на протест за слобода на медиумите

Медиумите, според извештајот на ЕК, исто така се на удар во Унгарија. Тоа првенствено се однесува на независноста на Агенцијата за регулација на работата на медиумите, како и на спорната одлука за затворање на Клуб-радио. Освен тоа целно бил употребуван државен маркетинг заради остварување „индиректно политичко влијание преку медиумите“. И пандемијата, како што се наведува, се користи за ограничување на информирањето преку независните медиуми. Независните медиуми и натаму се изложен на притисоци и ограничувања во секојдевната работа.

Спорна одлука за затворање на Клуб-радио во УнгаријаФотографија: Felix Schlagwein/DW

Поединечни критики во поглед на медиумите се изречени и за неколку други земји како Малта, каде медиумите и по убиството на  новинарката Дафне Гаруан Галиција продолжуваат да бидат попречувани во извршувањето на нивните информативни задачи. Или во Словенија, која моментно претседава со Советот на ЕУ и каде во последно време е забележан притисок врз претставници на медиумите од страна на владини претставници. Но и Холандија, која важи за примерна земја кога е во прашање слободата на медиумите, е предупредена за подобро информирање за работата на владата и за подобра заштита на новинарите, посебно по убиството на истражувачкиот новинар Петер де Врис.

Се споменува и Хрватска, за која се изразува загриженост поради зачестени тужби против новинари.

Корупција

Во многу земји-членки прашањето за корупција уште е крупна тема. Пофалби во овој сегмент се изречени за Словачка, која во меѓувреме пред суд изведе големи корупциски скандали и го зајакна законодавството во тој сектор. Но, останува уште многу работа во поглед на контрола на парите од ЕУ и јавните средства.

Романија, се вели во извештајот, спроведе огромна реформа на законодавството кога е корупцијата во прашање, но во поглед на примената е потребна многу поголема политичка волја. Во негативен поглед во однос на борбата против корупција се споменати Малта, Бугарија и Кипар. Во Полска законодавството е во склад со ЕУ стандардите, но уште постојат сомнежи кога е во прашање независноста на правосудството кое ги имплементира овие закони против корупција. И тоа пред сѐ зашто службата за борба против корупција е во надлежност на министерот за правосудство и главното државно обвинителство.

Хрватска се споменува во контекст на секторот за јавни набавки каде, се вели, постои висок ризик за корупција.

И во овој сегмент Унгарија е на удар на критики. Борбата против корупцијата се спроведува во ограничен обем, се вели во извештајот. Проблеми се воочливи посебно при финанирање на партиите и лобирање. Унгарија е загрозена и од непотизам и клиентализам во секторот на јавната управа, како и од тесните врски меѓу политиката и стопанството кои не подлежат на никаква контрола. Големите процеси против корупција не донесоа никакви резултати.

Кои се консеквенциите од извештајот?

Прашањето за владеење на правото општо се зема како темел за „дебата во рамките на Европската унија“. Наведените пропусти во извештајот нема да предизвикаат никакви санкции. Но, во Европскиот парламент сѐ погласни се оние кои бараат консеквенции поради штетното однесување на некои членки врз заедницата.  Парламентот во меѓувреме се заканува со тужба и против самата Европска комисија, ако не се покренат правни механизми кои би завршиле со намалување на средствата за членките кои не го почитуваат правото на ЕУ.

-повеќе: 

Договор во ЕУ: Владеење на правото, па потоа европски милијарди

Моментно е блокирана исплата на средства од корона-фондот на ЕУ за Полска и за Унгарија. Сега би требало да започне расправа за тоа може ли исплатата да биде условувана со реформи и коректури на основните демократски и политички постулати. Ускратувањето на средства е последен инструмент со кој ЕУ може да се обиде земјите-членки да ги врати на вистински пат. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми