1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Задолжителни корона-тестови при влез во Германија

Матијас фон Хајн
29 јули 2020

Балкан, Турција, САД: оној кој стигнува во Германија од некоја од 130 ризични земји, мора да се тестира од коронавирус. Обврската за задолжителен тест ќе важи од следната недела. Најважните прашања и одговори околу тоа:

Deutschland Frankfurt a.M. Flughafen | Coronavirus | Test
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Кој треба да биде тестиран?

Корона-тестовите ќе бидат задолжителни за сите кои стигнуваат во Германија од некое т.н. ризично подрачје. Обврската ќе важи веројатно од следната недела.

Германскиот сојузен министер за здравство Јенс Шпан притоа отфрли обврска за задолжително тестирање на сите патници-повратници. Корона-тестот претставува „посегнување во приватноста" и мора да биде оправдан, изјави министерот.

Меѓутоа, резултатите на пример на доброволното тестирање на аеродромот во Франкфурт покажуваат: 80 проценти од лицата чии тестови биле позитивни на коронавирус, стигнале од земји од Европа кои не се сметаат за ризични.

Правна подлога за задолжително тестирање претставува Законот за заштита од инфекции, чиј член 5 неодамна беше променет и важи за вонредни ситуации како пандемијата на коронавирус. На овој начин државата може да воведе задолжителен лекарски преглед на патниците од ризични подрачја, заради констатирање и спречување на внесување опасна пренослива болест.

За патниците кои доаѓаат од ризично подрачје сега важи обврската за двонеделен карантин, кој може да го избегнат доколку покажат негативен корона-тест.

Кои држави важат за ризични подрачја?

Институтот Роберт Кох ги смета за ризични околу 130 земји во светот, од Авганистан до Централноафриканската Република. Од ЕУ во нив моментно спаѓа Луксембург. Во ризични земји засега спаѓаат и САД, Русија, Турција, Израел и Мароко, но и балканските земји како Северна Македонија, Србија или Босна и Херцеговина.

Повеќе:

Тест-центри за коронавирус на германските аеродроми

Германија воведува обврзувачки корона-тестови за ризичните земји

Германија: Барања тестовите за корона да се плаќаат од свој џеб

Од С.Македонија во Германија: гратис корона-тест на аеродром

Која земја ќе биде класифицирана како ризична, одлучуваат заеднички повеќе сојузни министерства: за здравство, за надворешни работи и за внатрешни работи. Најважен критериум е бројот на новоинфицирани во последните седум дена. Доколку има повеќе од 50 нови инфекции на 100.000 жители, земјата се прогласува за ризично подрачје.

Но, на одлуката влијае и фактот дали станува збор за локален кластер или широко распространета зараза, колкави се капацитетите за тестирање и кои мерки ги презема државата за сузбивање на пандемијата.

Се вршат проверки дали покрај цели држави, за ризични подрачја можат да се прогласат и одделни региони. Германското Министерство за надворешни работи веќе издава препораки да не се патува во одделни региони, како Каталонија, Арагон и Навара во северна Шпанија, без притоа цела Шпанија да биде декларирана за ризично подрачје.

Како ќе се одвива тестирањето?

Овде многу прашања се уште отворени. Но, се знае дека на аеродромите и пристаништата ќе постојат централни пунктови за тестирање за патниците-повратници од ризични подрачја. По нивното пристигнување полицијата ќе им укажува на можностите за тестирање. Кој треба да биде тестиран, ќе произлегува од посебен формулар во кој патниците ги внесуваат своите податоци.

Досега постојат тест-центри на аеродромите во Франкфурт, Келн-Бон, Дортмунд, Минстер/Оснабрик, Лајпциг/Хале, Нирнберг и Минхен, а наскоро и во Берлин.

При досегашните доброволни тестирања, на пример на аеродромот Келн-Бон, од лицата кои се тестираат се земаат лични податоци и телефонски броеви. Резултатите од тестот повратниците ги добиваат најрано за 24 часа преку апликација. Додека да биде познат резултатот, патниците од ризични подрачја мора да останат во карантин. Доколку тестот се покаже негативен, отпаѓа задолжителниот 14-дневен карантин.

На листата на ризични земји која ја составува Институтот Роберт Кох во прва линија се држави надвор од Европа, па затоа тестовите ќе се вршат првенствено на аеродромите и пристаништата. Но, министерот Шпан укажува дека вирусот може да го донесуваат и патниците кои се враќаат или доаѓаат во Германија од ризично подрачје со автомобил или воз. Уште не е јасно кој ќе го врши нивното тестирање.

Кој ќе ги плаќа тестовите?

За патниците кои доаѓаат од ризично подрачје тестовите за коронавирус ќе бидат бесплатни. Уште минатата недела покраините се договорија на патниците кои се враќаат од ризични земји да им овозможат бесплатни проверки директно на аеродромите. На аеродромот Келн-Бон тоа веќе функционира успешно, од тест-центарот велат дека со воведувањето бесплатни тестови, се зголемил бројот на лица кои се тестираат.

Министерот Шпан истакна дека трошоците не смеат да бидат пречка за тестирање на поединци и социјално прашање.

Политичарката од Зелените, Кордула Шулц-Аше за радио Дојчландфунк изјави дека заштитата на населението е јавна задача. Освен тоа, постојат многу причини за патување во ризично подрачје, не само приватни.

Уште е нејасно на кој начин ќе се финансираат тестовите за коронавирус. Трошоците за останатите корона-тестови ги презема здравственото осигурување, а државата најави учество со дотации.

Но, постои и критика на најавеното преземање на трошоците за тестови. Покраинскиот министер за здравство од Северна Рајна Вестфалија Карл-Јозеф Лауман пледира трошоците да ги плаќаат самите патници: „Оној кој патува во ризична земја мора да е свесен за својата постапка и за последиците". И Либералите се залагаат за тоа лицата кои биле на одмор во ризични земји, сами да ги плаќаат тестовите за коронавирус. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми