1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зад убиството на Чеченец во Берлин стои руска тајна служба?

Роман Гончаренко | Михаил Бушујев
27 август 2019

Еден Чеченец од Грузија е убиен во Берлин, среде бел ден, а за убиството е осомничен човек од Русија. Според одредени индиции, станува збор за атентат. Дали е тој нарачан од тајна служба?

Polizei: Radfahrer soll Mann in Berlin-Moabit erschossen haben
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Дали станува збор за обично убиство или усмртувањето на чеченскиот барател на азил во Берлин има политичка заднина? Во истрагата на убиството сѐ уште не е вклучено Сојузното обвинителство, но негов претставник вчера за новинската агенција ДПА изјави дека Обвинителството ја следи ситуацијата. Оваа највисока служба за заштита на државата ќе се активира доколку има укажувања дека зад делото стои „странска сила“. Медиумите шпекулираат за можна вклученост на руските тајни служби.

Убиство како на филм

Случувањата од петокот во Берлин наликуваат на филмско дејство, во кое во фокусот се поранашен чеченски борец, платен убиец и одмазда. Реалноста притоа не е помалку спектакуларна од фикција: кратко пред пладне, еден минувач во парк во Берлин беше застрелан со два куршума од еден велосипедист. Жртвата е еден 40-годишен барател на азил со чеченско потекло од Грузија. Во одделни руски и грузиски извори неговото име е забележано како Селимкан К., но познат е и под втор идентитет како Торнике К. 

Осомничениот убиец, благодарение на исказите на сведоци, брзо беше фатен. Тој се наоѓа во истражен затвор и молчи за обвинувањата против него. Според информациите од Обвинителството во Берлин, станува збор за 48-годишен човек со руски пасош. Медиумите велат дека тој е Чеченец. Руската амбасада во Берлин вчера издаде соопштение според кое одржува контакт со германските истражни органи. Полицијата во Берлин, недалеку од местото на злосторството, во реката го пронашла велосипедот, една перика и оружјето со кое веројатно е извршено убиството, пиштол од марката Глок 26 со калибар од 9 милиметри.

Кој беше Селимкан К.?

Сликата на жртвата, која може да се состави од различни извори, упатува на можните мотиви. Селимкан К. живеел во Германија од 2016 година. Тој потекнува од грузиската Панкиска Долина на границата со руската република Чеченија во Северен Кавказ. Овој тешко пристапен планински регион беше арена во втората чеченска војна, која почна во 1999 година и траеше околу една деценија. Борците на чеченските сепаратисти, но и исламистички терористи таму се криеја од руските трупи.

Сепаратистичките водачи во втората чеченска војна: Шамил Басаев (во средина) и Абу Ал Валид (втор од десно)Фотографија: Getty Images/AFP/Stringer

Селимкан К. своевремено се борел на страната на сепаратистите против Русија. „За време на втората чеченска војна тој прво се борел под водство на Шамил Басаев, а потоа под арапскиот лидер Абу Ал Валид“, се вели во писмо на претседателот на берлинското здружение на „Германско-кавкаското друштво“, Екехард Мас, упатено до Сојузната служба за миграција и бегалци, БАМФ. Дојче веле има увид во писмото датирано од 2017 година. Озлогласениот чеченски „господар на војната“ Басаев и во Саудиска Арабија родениот Валид беа убиени од руските воени единици. Во писмото до БАМФ, Мас ја споменува и руско-грузиската војна во август 2008 година. Салимкан К. тогаш формирал група од „200 доброволци за одбрана на Грузијците во Јужна Осетија“, но таа никогаш не влегла во акција.

Бројни медиуми известуваат и за соработка на Селимкан со грузиското Министерство за внатрешни работи, на пример во една заложничка акција во 2012 година во својство на „посредник“.

Не е изолиран случај

Мас го опишува Селимкан К. како свој „пријател“ кој „не бил ниту исламистички загрозувач ни терорист“. Во некои медуми стои дека германските служби првично го класифицирале Селимкан К. како опасен исламист, но подоцна ја повлекле квалификацијата. Мас во писмо до БАМФ бара заштитни мерки за Селимкан К., со оглед на тоа што тој и во Германија „добивал заканувачки пораки преку телефон“, а порано биле вршени и напади врз него, последно во 2015 година во Тбилиси.

Доколку се потврди сомневањето за нарачано убиство, тоа би бил случај на преседан за Германија, но истовремено продолжение на светска тенденција. Во 2009 година во Виена на улица беше ликвидиран чеченскиот бегалец Умар Исраилов, исто така поранешен борец во чеченската војна. За делото беа осудени тројца Чеченци кои живееја во Австрија. Претходно одделни познати чеченски борци беа убиени во Турција и во регионот на Заливот. И Екехард Мас, во разговор за Дојче веле, смета дека убиството на Селимкан К. е дел од серијата слични случаи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми