1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев бара техничка влада, за ВМРО ДПМНЕ тоа значи-нема разговори

ЖА/макфакс3 јули 2014

Целта на СДСМ е воопшто да нема разговори за изнаоѓање решение, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Заев: Бараме техничка влада со само еден мандат – организирање фер избори.

Фотографија: Amalia Oganjanyan

Штом Зоран Заев нема да прифати разговори без условот техничка влада, тоа значи дека разговори нема да има, што всушност е и целта на СДСМ.

Ова беше истакнато во реакција на ВМРО-ДПМНЕ што денеска (03.07.2014) партијата ја испрати до медиумите по изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој рече дека не може да се постигне никаков договор без исполнување на условот техничка влада.

„Стратегијата да се направи штета на државата и граѓаните за да се освои власта, повторно ќе биде поразена од народот и на наредните избори. Ова не е изненадување за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е СДСМ, тоа е Зоран Заев, тоа е Бранко Црвенковски, тоа е Радмила Шекеринска. Тоа е кодот, матрицата, политиката. Тоа е немање идеи за нормален натпревар и битка на нерегуларен начин да ја узурпираат власта, против волјата на мнозинството граѓани“, се вели во реакцијата на партијата.

Заев: Бараме техничка влада со само еден мандат – организирање фер избори

Ако власта смета дека може да победи и на чесни избори, ова е шанса да го докаже тоа. Бараме техничка влада со еден единствен мандат – да ги организира следните избори, истакна претходно денеска лидерот на најголемата опозициска партија во земјата, СДСМ, Зоран Заев, за време на отворената трибина која беше организирана од страна на социјалдемократите и нивните коалициони партнери под слоганот „Што да се прави за повторно освојување на слободата“.

Целта на СДСМ и коалицијата, како што истакна Заев, е преку овој отворен повик за широк граѓански фронт да се интегрираат идеи и можности за, како што нагласи, нормализирање на државата.

„Низ солидарност, партнерство, меѓусебно почитување можеме заеднички да ја вратиме уништената демократија и задушената слобода во нашата земја. Да ги утврдиме заедничките вредности за кои се заложува СДСМ, но се важни и за СДСМ и за граѓаните на Македонија и за граѓанскиот сектор. Стратегијата на којашто работиме, не е стратегија за доаѓање на власт. Тоа е стратегија за слободен избор. Последните избори беа кулминација на криминалните изборни циклуси што во континуитет ги спроведува власта на Никола Груевски. Во земјава нема демократска битка, туку демократска фасада. Нема владеење на правото, туку правда по терк на власта. Нема ни институции, ни медиуми. Сe‘ е партија“, истакна во своето обраќање лидерот на СДСМ.

Според него, опозицијата е надвор од парламентот за да покаже дека нејзините вредности не се на продажба и дека нема да прифаќа „шупливи“ договори што може да ја уназадат државата.

„Она што може да нe‘ врати е изделување на државата од партијата, регулацијата на медиумите и правична застапеност на опозицијата на јавниот сервис МРТВ и останатите медиуми, јасно презицирање на Избирачкиот список и изборното законодавство, спроведување попис и, пред сe‘, договор за формирање техничка влада што ќе го гарантира спроведувањето на сево ова и организирањето слободни, фер и демократски избори“, рече Заев и нагласи дека СДСМ и коалициските партнери не бараат техничка влада за да владеат заедно со Груевски.

Заев упати повик до сите граѓани „на силна заедничка битка“, за, како што рече, враќање на Македонија „каде што и‘ е местото, меѓу цивилизираниот свет, како дел од НАТО и Европската унија“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми