1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев во Брисел, Иванов во Москва

24 мај 2017

Заев денеска со Могерини ќе разговара за евроатлантските перспективи, а Иванов со Путин за унапредување на билатералната соработка со Русија.

Macedonien Gjorge Ivanov erteilt das Mandat zur Regierungsbildung an Zoran Zaev in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Мандатарот за состав на новата македонска влада и претседател на СДСМ, Зоран Заев, денеска во Брисел ќе присуствува на неформалната вечера на премиерите на шесте земји од Западен Балкан со Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини. Заев, кој во Брисел е поканет како „мандатар“, еден час пред пред заедничката вечера ќе има тет-а-тет средба со Могерини, на која се очекува да разговараат за реформите, евроатлантските перспективи на Македонија и за актуелните процеси во земјата.

„Ова ќе биде можност да објасниме колку многу ќе работиме на реформите за да им дадеме причина на нашите европски партнери да се фокусираат кон целиот регион и кон нашата Македонија. Македонија ја чека ЕУ, сакаме и полнoправно членство во НАТО и веруваме дека овие примарни цели на нашите граѓани ќе бидат истовремено сериозно поддржани од нашите партнери“, изјави Заев.

Не се нарушува динамиката на разговорите

Средбата се смета за продолжение на разговорите што Могерини ги имаше при посетата на регионот во март годинава. Од западнобалканската шесторка, Заев е единствениот политичар кој е официјално поканет на средбата од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) и покрај тоа што се уште не е премиер. Техничкиот премиер Емил Димитриев не доби покана и останува дома, а на средбата во Брисел покрај Заев ќе присуствуваат српскиот премиер во заминување, Александар Вучиќ, премиерот на Црна Гора - Душко Марковиќ, на Албанија - Еди Рама, на Косово - Иса Мустафа и на БиХ - Дениз Звиздиќ.

Фотографија: picture-alliance/AP/G. V. Wijngaert

Од СДСМ велат дека заминувањето на Заев во Брисел нема да влијае врз динамиката на разговорите со коалициските партнери за формирање влада, бидејќи ставовите околу клучните принципи за функционирање на владата веќе биле усогласени и веќе се влегува во разговори за кадровскиот состав на владиниот кабинет. Мандатарот е уверен дека тој процес ќе заврши во планираниот рок.

„Правиме напори тоа да биде ден поскоро. Се надеваме до крајот на оваа недела да ги финишираме преговорите. Реков дека ќе ни требат десетина дена и отприлика сите што преговараме, си презедовме обврска тие да не траат повеќе од десетина дена“, изјави Заев.

Москва загрижена за Македонија?

И додека мандатарот во Брисел ќе разговара за евроатлантските перспективи на земјата, прашање е кои теми ќе бидат „на масата“ при денешната средба во Москва меѓу македонскиот претседател Ѓорге Иванов и претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. Како што пренесуваат руски медиуми повикувајќи се на соопштение од Кремљ, „двајцата претседатели ќе разговараат за унапредувањето на билатералната соработка, а ќе разменат мислења за актуелните регионални прашања, пред сѐ за ситуацијата на Балканот“.

Токму во предвечерјето на средбата Иванов -Путин, српски и босански медиуми повикувајќи се на руската новинска агенција Тас, ја пренесоа изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, дадена по неговата средба во Москва со хрватскиот шеф на дипломатијата, Давор Иво Штир.

„Одредени членови на македонската опозиција претставуваат опасност за Македонија поради нивните активности“, изјавил Лавров и нагласил дека „Москва го поддржува решавањето на ситуацијата во Македонија исклучиво во согласност со Уставот на таа земја“. Како што пренесуваат медиумите повикувајќи се на агенцијата Тас, „двајцата министри разговарале за ситуацијата во Македонија, која, како што оцениле, дава причини за загриженост“.

Фотографија: picture-allianbce/AP Photo/A. Zemlianichenko

Заслужен за зачувување на православната вера

Дали ваквата загриженост ќе му биде пренесена и на македонскиот претседател? Иванов доаѓа на средбата со Путин штотуку овенчан со наградата „Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори“ доделена за 2016 година, која синоќа на свечена церемонија во московскиот храм „Христос Спасител“ му ја врачи патријархот на Руската православна црква, Кирил. Наградата ја доделува Фондацијата за единство на православните народи, формирана во 1995 година со благослов на патријархот Алексеј Втори, а Иванов ја добил како „признание на неговите заложби во зајакнувањето на меѓуправославните односи, улогата на религијата во општеството и јакнење на принципите на верска толеранција“. Истата награда претходно ја добил и домаќинот на Иванов, рускиот претседател Владимир Путин, а со неа биле наградени и претседателот на руската државна дума Сергеј Наришкин, рускиот премиер Дмитри Медведев и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Рускиот патријарх Кирил ги поздравил напорите на македонскиот народ за зачувување на православната вера, посочувајќи дека претседателот Иванов е особено заслужен за тоа. Притоа нагласил дека Македонија е мала земја, но се соочува со големи предизвици, меѓу кои и мигрантската криза која дополнително ја отежнува ситуацијата. Како што истакнал патријархот Кирил, Руската православна црква прави напори да започне дијалогот помеѓу МПЦ и СПЦ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми