1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев ги почнува разговорите за владиниот кабинет

19 мај 2017

Првата средба на лидерот на СДСМ ќе биде со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а се очекува разговорите да продолжат и во текот на викендот, бидејќи треба да се усогласат позициите на сите партнери од мнозинството

Zoran Zaev
Фотографија: Picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Мандатарот за состав на влада, Зоран Заев,од денеска почнува интензивни разговори со лидерите на партиите од парламентарното мнозинство, со цел да се договорат најсоодветните кадровски решенија за идниот владин кабинет. Првата средба на лидерот на СДСМ ќе биде со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а се очекува разговорите да продолжат и во текот на викендот, бидејќи треба да се усогласат позициите на сите партнери. Уставниот рок до кој треба да биде договорен владиниот состав истекува на 6 јуни, но намерата на мнозинството е тој договор да се постигне многу порано.
Синтагмата „поделба на владиниот колач“ во СДСМ ја третираат како несоодветна, бидејќи, како што велат, „целта не е квантитативно да се поделат функциите, туку да се најде квалитетен кадровски одговор за потребите на идната реформска влада, пред која стои предизвикот на итни и тешки реформи“.

Еден од главните филтри низ кој ќе поминат имињата на кандидати за владиниот кабинет, е тие да не се опфатени од истраги на СЈО, ниту да се надеваат дека власта ќе им помогне да избегнат санкции, ако во иднина бидат засегнати со кривични постапки. На таков начин коалицијата сака да создаде основи за силен имунолошки систем против корупција и криминал, но и да промовира цврста основа за реформи во правосудниот систем.

Потребна е стабилна влада

Покрај овие „основни преговарачки позиции“, партиите не ги откриваат ресорските преференции во новиот владин кабинет, бидејќи тие не зависат само од поединечен партиски интерес, туку и од усогласување со другите партии. Најавите од типот „ДУИ се надева на осум позиции, од кои пет министерски и три вицепремиерски“, засега остануваат во сферата на шпекулации, со оглед дека тие позиции може да се намалат, доколку Движењето „Беса“ покрај поддршката со потписи за мнозинството, реши да учествува во новата влада. Во новото мнозинството доминира ставот дека заради стабилност на владата, а имајќи ги предвид обемните реформи што следат, би било добро сите партнери да партиципираат во владата. 

Иако имињата на кандидати за министри што деновиве се вртат во јавноста се главно во сферата на шпекулации, извесно е дека од редовите на СДСМ одредени ресори дефинитивно ќе бидат предводени од Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски и Љупчо Николовски. Очекувања имаат и другите партнери во коалицијата предводена од СДСМ, но потенцираат дека за нив е најважно да се формира владата и да почне процесот на реформи. Во ДУИ не ги откриваат кадровските адути, но навестуваат дека на тешките реформски обврски ќе одговорат со искусни и компетентни кадри. Алијанса за Албанците најверојатно ќе добие едно министерско место, а финишот на разговорите ќе покаже дали и со колку позиции ќе партиципира „Беса“ во владиниот кабинет. Мнозинство очекува до крајот на следната недела во Собранието да биде изгласан новиот владин состав, а веднаш потоа се очекува и седница за измените на Изборниот законик, со кој треба да се продолжи мандатот на градоначалниците.

Парламентот наскоро би требало да ја изгласа новата владаФотографија: Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski

ВМРО-ДПМНЕ будно ќе следи

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека будно го следат целиот процес, а доколку Заев скршне од патот за кој има потпишано гаранции, тие жестоко ќе реагираат.

„Треба да останеме со отворени очи и доколку измрда, тргне кон друг пат, различен од оној за кој даде гаранции и ветувања, ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира жестоко во согласност со демократските можности и ќе се спротистави, а верувам дека и сите други ќе го направат тоа. Во ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе останеме будни, ние имаме план, ние знаеме што правиме, имаме подготвени чекори и во правец на зачувување на унитарноста и во следење на овој процес понатаму“, изјави лидерот на партијата, Никола Груевски.

И додека е сосема очекувано новата опозиција будно да ги следи чекорите на идната власт, она што предизвика бројни коментари во јавноста е однесувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Еден ден откако Заев го доби мандатот за состав на влада, Груевски најави нова странска инвестиција во Македонија што ќе се реализира во јули. Во ваквиот потег аналитичари препознаваат провокација, но и почеток на подготовките за локалните избори. 

Ќе оди ли Заев во Брисел? 

Но, освен на домашен, битките ќе се водат и на меѓународен терен. Од динамиката со која ќе биде составен и изгласан владиниот кабинет, зависи дали Зоран Заев на 24 мај ќе отпатува во Брисел, каде високата претставничка за безбедносна и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, ги повика шесте премиери од земјите на Западен Балкан, на средба на која „ќе се разгледува ситуацијата во регионот, во светлото на најновите настани“. На неформалната работна вечера, Могерини очекува со премиерите на Македонија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Србија и Косово „заеднички да ги согледаат идните чекори кои регионот ќе го водат напред“. Средбата се смета за продолжение на разговорите што Могерини ги имаше со лидерите во регионот, во март годинава. Бидејќи е неизвесно дали до 24-ти мај ќе биде изгласана новата влада на премиерот Заев, прашање е дали во Брисел ќе биде поканет мандатарот Заев. Неофицијално, се спомнува можноста поканата да биде упатена и до мандатарот.   

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми