1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев го „исчисти“ Тевдовски, ќе ги среди ли и финансиите?

Костадин Делимитов
24 јуни 2019

Премиерот го презема на свој грб менаџирањето и со државната каса. Потегот е храбар, но тешко нему, коментираат упатените. Што му пресуди на министерот, популарно наречен „Данска“, е нејасно.

Mazedonien Regierungssitzung
Фотографија: Mazedonien Regierung

Македонија е Северна, ама сепак далеку од Данска. Ова на своја кожа најдобро го почувствува Драган Тевдовски, министерот за финансии во македонската влада чие промовирање дански стил на работа му донесе црвен картон. И тоа од никој друг, туку од премиерот Зоран Заев, кој не само што го разрешува, туку и времено му ја презема функцијата. Веста дека министерот, кој до вчера токму од премиерот добиваше пофалби за својата работа, е единствениот од економскиот тим што не ја преживува чистката, одекна силно во јавноста. Но и отвори многу дилеми на кои барем засега нема одговор. Според Заев, смената во ресорот финансии е поради тоа што годинава фокусот на Владата ќе била економијата:

„Влегуваме квалитетно, министерот Тевдовски останува да работи околу мене, веројатно како советник во тој дел. Следуваат храбри решенија, храбри одлуки каде што бенефит треба да видат сите граѓани. Главна задача во идниот период е порастот на платите. Не само кај здравството, и од 5 септември и кај голем дел од јавната администрација, туку сакаме да направиме и еден квантен скок на севкупното качување на платите. Верувам дека до крајот на годината ќе имаме доволно финансиски капацитети за да ги покачиме и пензиите од 1 јануари идната година. Останува да го дигнеме економскиот стандард. Јас и досега работев со Тевдовски, ги знам сите постапки и проекции. Летово нема да се случат некои драматични работи околу ребаланс на буџетот, веројатно околу есента“, изјави Заев.

Бизнисмените го поздравуваат потегот на Заев

Потегот на Заев предизвика многу реакции во јавноста. Од поддршка, преку пофалби, сѐ до критики. За многумина изненадување, но не и за стопанствениците:

„Потегот е за поздравување. Јас не знам кој е жртвено јагне, но знам дека во делот на растењето на стопанството ние две и пол години со оваа влада само во последниот квартал имаме некаков раст. Ако сакаме да стасаме до пазарна економија и да обезбедиме позначен развој, ни треба бизнис заедница на повисоко рамниште, но дефинитивно и проактивен министер кој ќе носи сериозни закони во корист на државата и сите во неа. Не е првпат да имаме ваков министер како Тевдовски и затоа сметам дека потегот на премиерот да ја преземе одговорноста и да направи сериозен пораст на економијата во државата е исклучително храбар и за поздравување“, реагира бизнисменот Горан Рафајловски. 

Што му пресуди на министерот, популарно наречен „Данска“, е нејасноФотографија: Vlada.gov.mk

Бизнис заедницата која градеше партнерски однос со владата, но и силно ја критикуваше, пред сѐ поради воведувањето на прогресивното оданочување, сега бара сериозни промени во курсот:

„Не е битно дали промената требало да се случи порано или не. Важно е дека таа се направи. Дајте да видиме како ќе се одвиваат работите, добивме нов министер за финансии, привремено. Сега негова задача е да се опкружи со луѓе кои сериозно ја познаваат проблематиката и ќе се обидат да донесат раст на економијата. Сериозно да почне да функционира Управата за јавни приходи, да почне да го наплаќа секаде данокот. Знам дека ќе биде тешко и болно, но нема напредок ако не се плаќа данок. Што сме ние поглупави и поимучни од тие што не плаќаат данок? Тоа мора да се корегира“, укажува Рафајловски. 

Тешка обврска за Заев

И додека стопанствениците бараат сериозен пристап и поддршка, дел од експертите предупредуваат дека премиерот преземал тешка обврска на свој грб:

„Само по себе министер за финансии е толку обемна функција и не знам што ќе биде попрво - дали премиер или министер, тешко на негова душа. Не станува збор за некое друго министерство кое може попатно да се менаџира, овде треба сериозен и дневен ангажман. Премиерот и досега имаше преголема обврска на надворешен план околу договорите со Грција и Бугарија и затоа немаше посветеност на внатрешните работи. Но сега, и покрај таков ангажман, да презема дополнителни задачи е сериозен предизвик“, укажува Абдулменаф Беџети, ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа. 

Беџети: Најавата дека наскоро ќе има ребаланс на буџетот е порака дека имало несогласувања околу динамиката на реализирање на буџетот, или уште кога тој бил конципиран имало некои разлики со министерот за финансииФотографија: Sveto Toevski

Несогласувања околу буџетот!?

Во отсуство на конкретни информации околу причините за смената на Тевдовски, тој препознава можни мотиви за потегот:

„Најавата дека наскоро ќе има ребаланс на буџетот е порака дека имало несогласувања околу динамиката на реализирање на буџетот, или уште кога тој бил конципиран имало некои разлики со министерот за финансии. Инаку, зошто тој би најавувал ребаланс. Тоа значи дека со постојното дизајнирање на буџетот не бил задоволен. Она што е важно во вакви услови е да не се вратиме во некаква состојба на фискална експанзија, бидејќи консолидирањето на јавните финансии е тешко и не е едноставно. Генерално, министер за финансии треба повеќе да кажува Не отколку Да! Треба да биде чувар на државната каса. И во таа смисла, дали и колку премиер ќе може тоа да го прави да биде полош отколку подобар во услови на разни барања од коалиционите партнери, е предизвик. Тоа укажува дека веројатно ќе влегуваме во зона на фискална експанзија“, предупредува Беџети. 

Повеќе: 

Прогресивниот данок и битката за социјална еднаквост

Бунт против персоналецот: лицемерие или издржани критики?

Судир на концепти или интереси - владиниот економски тим е во криза?

Поинакви мотиви за смената?

Во дел од јавноста се шпекулира и за други можни мотиви за смената на Тевдовски. Дел од упатените предупредуваат дека тој е повеќе жртва на бизнис групи во Владата отколку на погрешни економски политики:

„Тевдовски не остава впечаток за јавноста, не е робустен играч, но во владата тој најдобро ги разбира макроекономските прашања. И тој е еден од ретките којшто на некој начин не е корумпиран. Еден е притисокот од вицепремиерот Кочо Анѓушев со кого одамна не комуницираат добро, но друго е што сега таму остануваат сите што имаат зделки. Нема суштински промени и излегува дека метлата е само за Тевдовски“, коментира за Дојче веле поранешен висок функционер.  

Мицкоски: Виновникот за целата сиромаштија и несреќа на народот продолжува да биде Зоран ЗаевФотографија: Petr Stojanovski

Критики од опозицијата

И додека јавноста шпекулира околу причините за смената на Тевдовски, опозицијата критикува дека Заев се однесувал како мал деспот којшто не можел да види ништо подалеку од сопствениот интерес и интересот на сопствената фамилија:

„Народот се спротивставува на пеплосувањето и уништувањето кое го прават луѓето од власта. Народот е против деспотизмот на Заевв кој е лидер на СДСМ, во исто време премиер, а сега официјално дознаваме дека ќе биде и министер за финансии. Ако овој претходниот за финансии му беше маска, денес гледаме дека веќе таа маска ја нема, а виновникот за целата сиромаштија и несреќа на народот продолжува да биде Зоран Заев. Само се стеснува кругот на криминалот и на тоа дека сите пари одат кај Вицето", изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Успесите“ и неуспесите" на Тевдовски

Драган Тевдовски е 12. министер за финансии кој ја презеде функцијата на 1 јуни 2017 година. Неговиот мандат го одбележаа повеќе реформи во делот на управувањето со јавниот долг, фискалната транспарентност, јавните набавки, пензиските и даночни реформи. Дел од нив јавноста ги дочека на нож, како на пример онаа за прогресивниот данок, или воведувањето на акцизата на дизелот, а како последно, повратот на ДДВ, проект кој треба да стартува од 1 јули. Премиерот Зоран Заев постојано го посочуваше како еден од најдобрите министри. И самиот Тевдовски во неговите последни настапи не оставаше впечаток дека токму тој ќе биде клучната промена во владината реконструкција. Напротив, постојано укажуваше дека е задоволен од промените и реформите во министерството. Како последно - неодамна, при презентацијата на оценката на кредитната агенција Фич, која по 13 години го зголеми кредитниот рејтинг на државата на ББ+.

Процедурата во Собранието за негова смена во меѓувреме е почната. Кандидатурата за министерската позиција на премиерот Заев е доставена во законодавниот дом. Таа е обемна и детално го опишува целиот негов бизнис и политички беграунд. Собраниската седница е закажана за среда 27.06, а на неа освен за нов министер за финансии, ќе треба да се гласа и за промени во уште пет други ресори. Од новите имиња, Трајан Димковски ќе биде министер за земјоделство, Насер Нуредини за животна средина и просторно планирање, Хусни Исмаили за култура, Горан Милевски за локална самоуправа и Садула Дураки за политички систем и односи меѓу заедниците. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми