1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Го остваруваме она што го сонуваа генерации пред нас

25 март 2020

Добивме потврда дека храбрите чекори се вреднувани, дека успехот дома високо се цени и надвор, во интервју за ДВ, вели лидерот на СДСМ, по одлуката ЕУ да почне преговори со Северна Македонија.

Nord-Mazedonien: Interview mit Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Government of N. Macedonia

Веста дека ЕУ ги отвора пристапните преговори со Северна Македонија, во некои други околности најверојатно ќе беше одбележана сосема поинаку. Но, пандемијата со коронвирусот ја смести оваа значајна вест во симболична минутажа пред обемните информации за здравствените биланси и новите мерки за заштита. Лидерот на СДСМ и поранешен премиер, Зоран Заев, чиј мандат беше одбележан со најкрупните историски одлуки за деблокирање на интеграциските процеси на земјата, веста од Брисел ја дочекал работејќи на предлози за надминување на економските последици од актуелната криза.

- Историската вест ме затекна во седиштето на партијата, во мојот кабинет, каде најчесто го минувам работниот дел од денот во овој период, конкретно во разговор за мерките и решенијата што треба да се преземат во надминување на последиците врз економијата предизвикани од кризата со коронавирусот, и за заштита на здравјето на граѓаните.

ДВ: Разочарувањето од октомврискиот самит беше повод да се заложите за проверка на довербата на предвремени избори, и се повлековте од премиерската функција. Заради пандемијата со коронавирусот изборите се одложија. Како се чувствувате денес, по таквиот неверојатен сплет на екстерни околности, а по кои признанието за Северна Македонија сепак стигна?

-Иако е тешко време, се бориме со короновирусот, како и мнозинството граѓани на Република Северна Македонија денеска се чувствувам гордо и исполнето. Има на што да бидеме горди, сите наши граѓани можат да бидат горди. Конечно го остваруваме она што генерации пред нас го сонуваа и го посакуваа, она што нашата генерација со децении го очекуваше. Ова е верификација на државничките политики во изминатите 2,5 години со кои од „заробена држава“ станавме „светол пример“. Покажавме дека сме еднакви со Европа, еднакви со развиениот западен свет. Потврда дека храбрите чекори што ги презедовме се вреднувани и препознаени, дека успехот што го постигнавме дома, високо се цени и надвор.

Фотографија: DW/F. Schmitz

По влезот во НАТО, за само две и пол години, ја реализираме и втората стратегиска цел - интеграцијата во ЕУ. Тоа е историски, државнички успех и затоа им честитам на граѓаните и се заблагодарувам на поддршката. Завршивме голема работа, обезбедена е сигурна и подобра иднината за нашата татковина, за сите наши граѓани. Поставени се темелите за подобар живот на сегашните и идните генерации. Тргнавме напред и враќање назад веќе нема!

ДВ: Го понесовте најголемиот товар во време на бројни опструкции и на внатрешен план. Кога ќе се сетите на сите моменти во изминатите две и пол години, кои ви беа најтешки при трасирањето на патот до интеграциските цели?

-Точно е дека имавме опструкции од опозицијата во изминатите 2,5 години и целосно отсуство на државничко чувство, не беа дел од важни процеси за иднината на земјата но не би сакал во овие моменти да зборувам за тоа. Граѓаните знаат се, и ценат кој работи за државата, а кој нема став и манипулира. Секако, имаше моменти кога некои не веруваа дека ова е можно да го постигнеме, кои беа скептици дека за кусо време ќе седиме на иста маса со земјите членки на НАТО и дека нашето знаме ќе се вее пред седиштето во Брисел. Имаше  бројни предизвици и во самите разговори при решавањето на отворените прашања. Сепак, најтежок момент за мене беше историската грешка, кога Унијата во октомври не ги отвори вратите за нас, иако имавме исполнето се што требаше и бевме „светол пример“. Многумина беа убедени дека вратите на Унијата за нас засекогаш ќе бидат затворени. Не беше лесно во тие моменти да се одржи вербата, да се остане посветен на процесот, да се продолжи напред.

Повеќе:

-Конечно „зелено светло“ од Брисел за Скопје

-Мас по одлуката на ЕУ: А сега да им помогнеме да се справат и со коронавирусот

По извештајот на ЕК: Берлин бара брз почеток на пристапните преговори на ЕУ со Скопје

Но, кога интересот на државата ти е водилка, и кога си решен да продолжиш затоа што иднината на државата е во прашање, успехот е тука. Еве денеска тоа го гледаме, неколку месеци подоцна се потврди историскиот успех. Ние сторивме се што требаше, ги исполнивме сите услови и ете конечно сега, кога и Унијата е подготвена, започнуваме преговори за полноправно членство, целосно подготвени за отворање на првите поглавја и за процесот што значи трансформација на целото наше општество.

Фотографија: picture-alliance/AP/B. Grdanoski

ДВ: На кого сѐ денес најмногу би сакале да се заблагодарите за поддршката на интеграцискиот пат, со оглед дека во тој процес многумина влечеа напред, но некои стоеја покрај ѕид кога се носеа уставните измени…

-Долг е списокот на оние кои помогнаа и се залужни денес за Северна Македонија да биде она што е земја членка на НАТО а земја преговарач со ЕУ. Најпрвин им заблагодарувам на граѓаните, затоа што имаа верба, не поддржуваа, храбро, јасно и достоинствено покажаа дека се за ЕУ и за НАТО. Секако, имаат своја заслуга сите досегашни парламентарни состави, влади и претседатели на државата кои го поставија патот по кој денес ние одиме.

Но, треба да се заблагодарам посебно на пратениците од последниот пратенички состав кои донесоа огромен број важни одлуки, меѓу кои најзначајни секако беа верификацијата на Договорот со Грција, Договорот со Бугарија, уставните измени, реформските закони, меѓу кои и Законот за јавно обвинителство. Мнозинството од тој пратенички состав покажа одговорност пред сегашноста и иднината и иако за нив околностите не беа воопшто поволни, се исправија, донесоа исправни одлуки и затворија важни процеси. Со тоа си обезбедија место во историјата, но обезбедија и сигурна иднина за сите нас. На крајот им благодарам на сите мои соработници, на сите членови на Владата со кои заедно баравме и успеваме да најдеме решенија за отворените прашања. 

ДВ: Добрата вест доаѓа во исклучително тешка здравствена криза, по која ќе следи и економска. Точни ли се информациите дека тешко ќе оди задолжувањето на земјава во странски финансиски институции, поради исти барања од многу земји?

-Точно, пред нас е сериозен предизвик, да се сочува здравјето на граѓаните и да се соочиме со последиците, пред се економските последици. Секому му е јасно дека целиот свет запаѓа во економска криза многу посилна и пострашна од онаа што беше во 2008/2009 година. Јасно е дека побарувачката за кредити ќе се зголемува секојдневно затоа е важно да се земаат кредити сега, да се наоѓаат начини на финансирање многу брзо, затоа што сега ќе бидат поевтини отколку за месец или два. Но, најаважно е паралелно со мерките за заштита на здравјето на граѓаните, веднаш да се почне со санирање на економските последици, за да се неутрализира првиот бран од економските последици.

Сите текстови, видеа и фотогалерии за коронавирусот на едно место

Токму во таа насока се и мерките што јас и СДСМ го предлагаме, тоа се мерки кои преку солидарност ќе обезбедат доволно среддства за да се извлечеме од кризата, без притоа да повлекуваме стотоици милиони евра скапи кредити кои во иднина тешко и скапо ќе ги враќаме. Мерките коишто ги предлагаме се поставени на здрава основа, со соодветна финансиска конструкција и се темалат врз солидарноста. Секој човек е важен и секој работник е важен. Затоа мора да го зачуваме секое работно место и да обезбедиме приход за секој човек.

Убеден сум дека добрата вест денеска ќе отвори можност и за помошта што може да ја добиеме од Унијата за справување со економските последици од ситуацијата со коронавирусот. Имаме сериозен и одржлив план. Покажавме дека можеме да се справиме со сериозни предизвици, ќе покажеме дека можеме да се справиме и со коронавирусот и со економските последици од оваа глобална пандемија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми