1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев заминува од функцијата по две години и седум месеци

3 јануари 2020

Меѓупартискиот договор за предвремени парламентарни избори во април годинава, го преполови мандатот на актуелната влада. Денеска се избира преодна влада што ќе ги спроведе изборите

Nord-Mazedonien | Pressekonferenz des Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Денеска ќе биде фреквентно на релација парламент - Водно - парламент. Собранието треба да одржи две седници: Една на која ќе биде констатирана оставката на премиерот Заев, што повлекува и оставка на целата Влада, и втора, на која треба да се изгласа преодната влада што ќе ги спроведе предвремените парламентарни извори на 12-ти април 2020 година. На предлог на најголемата опозициска партија во таа преодна влада треба да учествуваат двајца министри (во ресорите внатрешни работи и труд) и тројца заменици - министри (во ресорите финансии, администрација и земјдолство). Ваквото право на опозицијата произлегува од одредбите на Пржинскиот договор потишан во јуни 2015 година меѓу четирите партии кои тогаш имаа најголем број пратеници. Тие правила потоа станаа дел од регулативата во Законот за Владата, односно треба да важат за сите парламентарни избори. 

Фотографија: Regierung Mazedonien

Избор на преодна влада

По разочарувањето од европскиот самит на кој не беше донесена одлука за почеток на преговори на земјата со ЕУ, лани на крајот од октомври лидерите на парламентарните партии се договорија да се одржат предвремени парламентарни избори во април 2020 година. Со тоа практично се преполови мандатот на актуелната влада. Заев заминува од функцијата по две години и седум месеци.

Откако неговата оставка ќе стигне во парламентот, таа треба да биде констатирана на седница на Собранието. Денеска треба да биде констатирана и оставката на пратеничката Невенка Стаменковска, која е предложена од ВМРО-ДПМНЕ за заменик - министер во МИОА.

Повеќе на темата:

-Денот Д за кадровски предлог за МВР

-ВМРО-ДПМНЕ во четврток ќе го каже конечниот збор

-Избори на 12 април, техничка влада од 3 јануари, пописот се одложува

По констирањето на оставката на премиерот, претседателот на државата, Стево Пендаровски, треба да му го даде мандатот на Оливер Спасовски. Обврската произлегува од членот 43 од Законот за Владата, во кој се вели: „Сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата, Собранието ќе избере нова, преодна влада, за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов претседател на Владата кој го предлага најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство“.

СДСМ за претседател на преодната влада го предложи актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Откако тој ќе го добие мандатот од шефот на државата, до парламентот треба да достави предлог за формирање влада, во која ќе бидат и кадрите предложени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Потоа парламентот треба да одржи и втора седница, на која Спасовски во експозе пред Собранието треба да ги образложи приоритетите и целите на преодната Влада. Според роковите, преодната Влада треба да биде изгласана од Собранието најдоцна до полноќ, со оглед дека партиите се договорија предвремените парламентарни избори да се одржат на 12-ти април. Мандатот на преодната влада трае до денот кога Државната изборна комисија ќе ги објави конечните резултати од изборите.

Врзани потписи

Во преодната Влада, ќе бидат најголемиот дел од сега актуелните министри и заменици. Нови кадри на предлог на опозицијата се: Наќе Чулев - министер за внатрешни работи, Рашела Мизрахи - министерка за труд и социјална политика, Невенка Стаменковска - дополнителен заменик министер за информатичко општество, Гордана Димитровска, дополнителен заменик министер за финансии и Цветан Трипуновски, дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со цел да се избегне еднострано одлучување, во ресорите каде што се вклучени кадрите на опозицијата, министрите и дополнителните заменици- министри имаат т.н. врзани потписи. Ако актот или документот е потпишан само од едното лице, тој нема да произведува правно дејство. Доколку има несогласување околу одредено правно, финансиско или кадровско прашање кое се однесува на организација на изборите, спорот во рок од 24 часа е должна да го реши ДИК и таа одлука е конечна.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми