1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Каракачанов ја сака Македонија „на погрешен начин“

БГ
18 ноември 2020

Во интервју за ДВ по бугарското вето во ЕУ, премиерот Заев тврди дека е сигурен дека Борисов не е пречка за земјата. Тој му порачува на бугарскиот вицепремиер Каракачанов дека ја сака Македонија „на погрешен начин“

Nordmazedonien DW-Interview Premierminister Nordmazedoniens Zoran Zaev
Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

„Тврдам дека огромно мнозинство од бугарскиот народ е против блокада и пречки за македонскиот народ на патот кон ЕУ“, вели македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за Дојче веле по бугарската блокада на патот кон ЕУ.
„Тврдам исто така дека и Борисов е против, затоа што тој е отсјај на својот народ. Но секако, тој има и коалициски партнери. Јас често го слушам мојот добар пријател Каракачанов. И тврдам дека тој ја сака Македонија, но некојпат на погрешен начин ја сака Македонија. Му го имам тоа и нему кажано. Тоа е како што велат „аман брату, немој толку да не сакаш“. Значи тој ја сака Македонија, но на погрешен начин. Треба да продолжи да ја сака, но и да покаже дека тоа што нему му тежи и му е проблем, како што вели: Блгарски Македонец; тоа се решава“, вели Заев.

Дел од разговорот со премиерот Зоран Заев:

Заев: Каракачанов ја сака Македонија „на погрешен начин“

03:00

This browser does not support the video element.

Тој уште еднаш потенцира дека Скопје нема никакви претензии кон соседот.
„Јавно тврдам дека немаме ниту територијални, ниту малцински претензии, за да слушне тој и да му олесни на Бојко Борисов. Јавно тврдам дека Северна Македонија е исто што и Република Северна Македонија. Јавно тврдам дека заедничката историја е реалност и постои. Во таа заедничка историја се изнедриле Бугарите и Македонците, бугарскиот и македонскиот јазик. И во едни такви околности, треба тоа да го зграпчиме и да градиме пријателство и братство. Тоа е љубовта која што носи иднина. Другата љубов не е вредна затоа што носи раздор и непријателство. Јас сум убеден дека и Каракачанов, кој е претседател на партија со десна определба, не сака конфликти со своите соседи, не сака да ги раздели Македонците од Бугарите, тој сака да гради пријателство внатре. Тој ги знае моите ставови. Јас сум често домаќин на културни манифестации на Бугарите во земјава. Јас како премиер го возобновив и го подигнав споменикот на полковник Константин Каварналиев во Дојран, затоа што се борел за слободи и права во Првата светска војна. Затоа што тоа може да биде мост на пријателство. Јас сум разговарал лично со градоначалници на општини и институции да тргнат табли на кои што се зборува за „непријателски" народи и да ја променат таа табла. Јас сум тој којшто работи, заедно со целиот мој народ, на јакнење на пријателството и братството на двата народи, но не можете нешто ако е изгубено со децении, за две години да го постигнете, треба дополнително време, а тоа зависи од сите нас."

Целото интервју со премиерот Заев гледајте го наскоро на нашата интернет страница и на нашите социјални канали.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми