1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите во Македонија наесен или на крајот на годината

Б. Георгиевски/стандард10 мај 2016

Австрискиот Стандард денеска објавува интервју со лидерот на СДСМ, Зоран Заев во кое тој дава проценки за можностите да се изнајде решение за кризата и новиот датум за одржување на парламентарните избори.

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanosovski

Изборите дефинитивно нема да се одржат на 5 јуни, но останува проблемот со амнестијата на претседателот Ѓорге Иванов, пишува австрискиот Стандард во текстот во кој се цитира лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.

Иванов со амнестијата, всушност и направи мечкина услуга на ВМРО-ДПМНЕ, оценува весникот.

„ВМРО-ДПМНЕ бара лицата кои беа амнестирани од претседателот Иванов индивидуално да поднесат барање за нејзино повлекување. Заев инсистира на целосно повлекување на амнестијата. 'Условот е актот на амнестијата да биде целосно повлечен'“, вели Заев за Стандард.

„Прашањето е колку од водечките кадри на ВМРО-ДПМНЕ имаат намера да побараат анулирање на амнестијата. Досега таква намера искажаа само експремиерот Никола Груевски, парламентарниот спикер Трајко Вељаноски и можеби и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков“.

„Но за останатите водечки функционери на ВМРО амнестијата и натаму ќе важи, и тоа не е прифатливо. 'Што со ексминистерката за внатрешни работи Јанкулоска, или со ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески?' прашува Заев.“

Во изминатите недели по амнестијата, пишува натаму австрискиот весник, се зголеми притисокот врз владејачката ВМРО-ДПМНЕ, и станува се појасно дека меѓународната заедница нема да ги признае изборите на 5 јуни, доколку на нив учествува само ВМРО-ДПМНЕ.

Заев во разговорот не сака да шпекулира кога би се одржале изборите.
„Доколку владејачката партија сака, може да ги исполни условите за одржување избори за еден месец. Но не веруваме дека тоа го сака“. Проблемот е во 139 илјади фантомски гласачи на изборните листи кои треба да бидат избришани, вели Заев.
И гласачите од дијаспората ќе треба поинаку да се регистрираат, смета опозицискиот лидер, но владејачката партија ни тоа не го дозволува.

Според Стандард, СДСМ се надева на избори најрано наесен.

„Кога ќе се исполнат минимум услови би можеле наесен или на крајот на годината да имаме избори“, вели Заев.

„Амнестијата на претседателот Иванов, од која во најголем дел профитираат членовите на ВМРО-ДПМНЕ, донесе една сосема нова динамика. Затоа што оттогаш Европската Комисија се залага за одложување на изборите. На тој начин Иванов и направи мечкина услуга на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Стандард.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми