1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Борисов пред важни одлуки

20 јуни 2017

Договорот за добрососедство и соработка, но и инфраструктурното поврзување на двете земји, се дел од темите за кои ќе разговараат македонскиот и бугарскиот премиер. Се очекува нов дух на соработка меѓу Скопје и Софија.

Regierungsgebäude in Sofia, Bulgarien
Фотографија: BGNES

Ќе се затвори ли отвореното прашање со Бугарија на првата средба меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот бугарски колега, Бојко Борисов? Одговорот се очекува по дводневната официјална посета на македонската владина делегација на Софија, но не е исклучено да биде познат и денеска. Од македонската влада се воздржани во одговорот до каде е потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка, кој треба да произлезе од Декларацијата што во 1999 година што ја потпишаа тогашните премиери на Македонија и Бугарија, Љубчо Георгиевски и Иван Костов. Но, неофицијално потврдуваат дека работните групи на двете држави интензивно работат на негово усогласување. Воздржан на истото прашање беше и бугарскиот премиер во интервју за порталот МКД.мк.

„Не би сакал да го објавувам договорот пред да разговарам со Заев за тие теми. Но во секој случај Договорот за добрососедство гарантира добрососедство. Зашто многу често излегуваат спорови што не се од никаква корист. Јас имам принцип - историјата да им ја оставиме на историчарите, тие да спорат, тие да се докажуваат што е прво, што е второ. За нас е важно меѓу Софија и Скопје меѓу Скопје и Благоевград да направиме инфраструктурни проекти, да имаме автопат, железничка линија и таа инфраструктура да го сече Балканот во сите насоки. Тоа го гарантира бизнисот, туризмот, гарантира високи доходи, гарантира движење на луѓето. Тоа е слобода“, изјави Борисов.

Фотографија: BGNES/O. Popov

Тет-а тет разговори

Се очекува бугарскиот и македонскиот премиер за тоа прашање да разговараат на тет-а-тет средбата што ќе започне денеска во 9 часот и 50 минути. Се претпоставува дека на маса ќе бидат ставени теми кои во минатото предизвикуваа „искри“ на релација Скопје-Софија: несогласувањето на заедничко славење на датуми од историјата битни за двете земји, но и околу формулацијата за македонскиот јазик во Договорот, чии претходни верзии во некои домашни кругови беа толкувани како обид за оспорување на неговата автентичност. Се очекува средбата да стави крај или да означи почеток за брзо надминување на тие прашања, во интерес на соработката меѓу двете земји, а уште повеќе за интегративните процеси на Македонија. Денеска во 14 часот премиерот Заев ќе се сретне и со претседателот на Бугарија, Румен Радев, а се очекува да биде примен и од претседателот на Народното собрание, Димитар Главчев.

Бугарскиот премиер не ги крие симпатиите кон новата македонска влада, а Зоран Заев и како опозициски лидер беше средечно пречекан од Борисов при посетата на Софија на 29 мај 2015 година. Она што тогаш привлече внимание, е дека Заев беше пречекан заеднички и од десницата и од левицата во Бугарија.

Кршење на мразот

Борисов, како што објавија бугарски медиуми, денеска го дочекува Заев четири дена по операција на менискус на десното колено, четврта по ред, заради непочитување на лекарските совети да намали со омиленото играње фудбал и тенис во слободното време.

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Ќе скрши ли и Македонија нога?“ Овој шеговит жаргон што се употребува кога треба да се „скрши мраз“, односно да се постигне конкретен договор, се однесува на теми од повеќе сфери, за кои денеска и утре ќе разговараат гостите и домаќините. Во владината делегација се вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски. Предвидени се пленарни, но и одделни средби помеѓу македонските министри со нивните колеги од Бугарија: со вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, како и со министрите за култура, за транспорт и за енергетика, Боил Банов, Ивајло Московски и Теменушка Петкова. Тоа укажува дека на дневен ред ќе бидат прашања од културната соработка, транспортот, енергетиката и особено од инфраструктурата: патното и железничкото поврзување, кои беа запоставени во изминатата деценија.

„Ако има автопат до Скопје, во сабота и во недела Бугарите ќе одат во Охрид. Ќе биде лесно“, вели Борисов.

„Останува новото раководство во Скопје да изрази желба, да седнеме да направиме еден проект и да почнеме да работиме. Во тој однос, Македонија поголем пријател од мене - нема! Јас сум убеден дека патот води до благодат. Кога има пат, има туризам, има бизнис, има инвеститори (...) За патот од Скопје до Софија, на разговорот со канцеларката Меркел во Берлин, кога таа на прес-конференција го објави планот за Берлинскиот процес, вложив голем напор да ги убедам колегите во Брисел дека инфраструктурата веднаш го крева регионот. А Балканот беше заборавен. Ние што сме во ЕУ користевме претпристапни фондови, и сега фондови на ЕУ. Видете го метрото во Софија, на пример, каква придобивка, близу 3 милијарди. Скопје, како ќе си ги дозволи тие пари, ако не е во ЕУ?“, прашува бугарскиот премиер. 

Фотографија: BGNES

Големи очекувања од средбите има и бугарскиот академик, Стефан Воденичаров.

„Сметам дека за сѐ што требало да се направи меѓу двете страни, Бугарија секогаш била добронамерна и подавала рака. Очекуваме најпосле тој договор за добрососедство да биде потпишан и да се отвори вратата за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО“, изјави Воденичаров во интервју за БГНЕС.

Тој очекува да се изгради и пругата Македонија- Бугарија, да се се изработи заеднички модел во енергетски преносни системи и да се договори научна и образовна соработка. И македонска страна има такви очекувања од Бугарија, земја  која прва ја призна независноста на Македонија, а сега е пред можноста да и го олесни и патот кон ЕУ. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми