Една контрола на граничниот премин Табановце/Прешево
26 август 2019Премиерите на Северна Македонија и на Србија, Зоран Заев и Ана Брнабиќ, денеска го пуштија во употреба проектот One-stop-shop, заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување на граничниот премин Табановце/Прешево.
Со овој проект се очекува намалување на можноста за царински измами и корупција, а истовремено и олеснување на трговијата и зголемување на стабилноста и безбедноста во регионот.
Премиерот Зоран Заев истакна дека двете влади денеска исполнуваат уште една обврска од проектот за интеграција на Република Северна Македонија и Република Србија, како на регионално, така и на европско ниво.
„Ова претставува последна фаза во создавањето услови за поголема размена на стоки и полесно движење на граѓаните. Времето на минување на граница ќе се намали за повеќе од половина, што ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи меѓу двете држави, како и на бројот на транзитни туристи“, истакна премиерот Заев.
Тој додаде дека на деловните луѓе за половина ќе им се скрати времето за царинските постапки, контролите ќе се вршат на едно место од страна на царинските служби, а предвидено е и меѓусебно признавање на сертификатите на граничните агенции, фито-санитарни и ветеринарни.
Српската премиерка Ана Брнабиќ оцени дека воведувањето на заедничката гранична контрола претставува можен почеток на нова епоха во развојот на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан.
Со воведувањето на заедничката гранична контрола, полицајците и цариниците од двете земји ќе работат во заеднички канцеларии, во кои на едно место ќе се врши контрола на сите гранични формалности. Договорот меѓу Северна Македонија и Србија беше потпишан меѓу двете влади на 12 јули годинава, по што беше експресно брзо усвоен и од собранијата на двете земји.