1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Ципрас - ѕвезди, Вучиќ и Тачи како скарани деца

ЕМФ
18 февруари 2019

Германскиот печат ја потенцира улогата на Зоран Заев за решавање на спорот за името со Грција и оценува дека тој и грчкиот премиер Ципрас биле „санибојс“ на Минхенската безбедносна конференција.

Deutschland Münchner Sicherheitskonferenz 2019 | Verleihung der Ewald-Von-Kleist Medaille an Alexis Tsipras und Zoran Zaev
Фотографија: Press Office Prime Minister/Andrea Bonetti

Во текстот со наслов „Рашавачи на конфликти“, весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ се осврнува на заслугите на македонскиот и на грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас за решавањето на спорот за името, притоа ставајќи посебен акцент на улогата на Заев:

„Грчкиот премиер Алексис Ципрас е многу фален во странство за неговата храбра политика за надминување на 'спорот за името' со Македонија разгорен од неговите претходници и за барањето начини за помирување со малата соседна земја на север. Притоа, недоволно беше вниманието посветено на човекот без кого Ципрас немаше да успее и покрај најдобрите намери. Тоа е Зоран Заев, премиерот на Македонија, избран на таа функција во мај 2017 година, кој својот мандат ќе го заврши како премиер на Северна Македонија. На Заев му успеа внатрешнополитички да го спроведе преименувањето на Македонија во Северна Македонија, што беше предуслов за надминување на 'спорот за името', и во парламентот да ги истурка уставните измени. Патот дотаму беше трнлив. Мнозинството за уставни измени беше обезбедено со многу напор. Но, на крајот, ризикот се исплатеше, со што се тргна барем еден од долготрајните проблеми на Балканот. Северна Македонија наскоро ќе се приклучи на НАТО. Грција беше прва земја членка на алијанста која го ратификуваше Протоколот за приклучување. Човекот од (северно)македонската страна, благодарение на кого е постигнав пробивот, често нагласува дека негова главна задача е економската политика - а тука, ако владата сака да го запре трендот на масовно иселување на младите, има да се направи уште многу... Како повеќепати реизбран градоначалник на Струмица тој од 2005 година рано научи дека еден социјалдемократ во земјоделски регион може да опстане само со прагматична политика. Теоретизирањето до денес не му лежи, тој практично повеќе се држи до мудроста на теоретичарот Карл Попер - целиот живот е решавање проблеми“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас со премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас по врачувањето на наградата во МинхенФотографија: Regierung Nord-Mazedonien

Повеќе:Заев за ДВ: Пријателство со Алексис до крајот на животот

Истиот весник се осврнува и на српско-косовскиот конфликт и во текстот со наслов „Балкански контрасти“, меѓу другото оценува:

„Алексис Ципрас и Зоран Заев беа 'санибојс' на овогодишната Минхенска безбедносна конференција. Не само што канцеларката Ангела Меркел во својот многу фален говор ги истакна премиерите на Грција и Северна Македонија како светол пример, не само што двајцата во Минхен ја добија наградата Клајст... Туку, Ципрас и Заев на едночасовна дебата објаснуваа зошто им успеало она што на многу политичари денес им се чини невозможно - да најдат компромис и да ги земат предвид и интересите на соседот. Не беше случајност што шефот на безбедносната конференција Волфганг Ишингер директно по настапот на Ципрас и Заев на дневен ред стави контрастна програма. Само што двајцата најдобри во генерацијата ја напуштија бината, на нејзе се качија српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот косовски колега Хашим Тачи. Ишингер, кој порано беше посредник на ЕУ за Косово и го познава Балканот, лично модерираше со српско-косовскиот разговор и на почетокот ги праша двајцата шефови на држави зошто не ум успева она што го остварија Ципрас и Заев...Вучиќ го спомна 'Бриселскиот договор' од 2013 година, постигнат со посредство на ЕУ. Со него Србија и Косово се обврзуваат на нормализација на односите. Србија ги оствари сите задачи од договорот, а Косово не, рече Вучиќ... Заедницата на српски општини на Косово, договорена во 2013 година, ја нема до денес. 'Тие имаа само една обврска што мораа да ја исполнат', рече Вучиќ. 'Тоа беше пред 2126 дена и не ја исполнија!'.. Тачи одговори малку невешто и рече дека договори како она за основање заедница на општини на Косово може да се исполнат само ако се во согласност со уставот и законите на земјата. Тој не спомна дека Уставниот суд на Косово го прогласи за неуставно основањето на Заедница на српски општини во форма каква што бара Белград. Наместо тоа, Тачи рече дека помирувањето помеѓу Србија и Косово е многу потешко отколку она помеѓу Атина и Скопје. Грција и Македонија никогаш не биле во војна, потсети тој. На, Косово пак, помеѓу 1998 и 1999 година во крвави борби загинале околу 13.000 луѓе. Така, во студена атмосфера се редеа едно обвинување по друго. На почетокот Тачи му се обраќаше на својот соговорник со 'претседателот Вучиќ', но откако тој повеќепати му се обрати само со 'господинот Тачи', и косовскиот претседател се префрли на такво ословување. На крајот отпадна дури и она 'господин', па се изговараа само презимињата. Сѐ звучеше по малку како кога се караат деца во школски двор...Дуелот може да се резимира со укажување дека надминувањето на 'спорот за името', кој избувна во 1991 година, по осамостојувањето на Македонија, траеше 28 години. Косово стана независно во 2008 година. Според оваа логика, Тачи и Вучиќ имаат време до 2036 година за да најдат решение со иста бразина како Атина и Скопје.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми