Опсегот за употреба на името останува главна тема во разговорите за решавање на дводеценискиот спор меѓу Скопје и Атина. Решението ќе се бара во следните недели.
Реклама
„Многу е важно дома да не бидеме обезличени. Кога влегувавте во оваа зграда, таму пишува - Влада на Република Македонија. Да не мораме тоа да го смениме.“. Ова во интервју за бугарската телевизија (БТВ) го изјави премиерот Зоран Заев, во контекст на разговорите за решавање на спорот за името.
„Ако не успееме да постигнеме решение за името, веројатно нема да имаме европска иднина... Нема да станеме членка на НАТО. Тогаш ќе мора да Европската Унија да ја доведеме во Македонија. Ако не се најде решение, прашањето ќе остане отворено. Но, по три месеци, по шест месеци ќе продолжиме повторно да го бараме решението“, изјави премиерот.
Пред почетокот на вчерашните разговори за името во Виена, Заев пред македонските новинари изрази оптимизам дека може да се направи исчекор.
„Креативноста на двајцата министри, тимовите зад нив, и јас и Ципрас од друга страна, даваме поддршка и охрабрување за да се изнајдат конструктивни и креативни решенија, кои буквално ќе ги задоволат двете страни во нивните очекувања и ќе бидат достоинствени за двете земји“, рече премиерот.
Воздржаност за средбата
Во време кога е емитувано интервјуто на БТВ, министрите за надворешни работи на Грција и Македонија, Никос Коцијас и Никола Димитров, во Виена веќе ја почнаа втората рунда разговори - на неформална вечера во реномираниот ресторан „Соле“ на Аки Нуредини, родум од Камењане, Тетовско, каде што вчераа и на 29-ти март, пред минатата рунда разговори.
Работната вечера уследи по речиси четиричасовни разговори на двајцата министри во присуство на специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц. Тема на разговорите и натаму останува најтешкото прашање - опсегот на употреба на името, за кое Грција се залага да биде за севкупна употреба - и за домашна и за меѓународна. По средбата, само Нимиц даде куса изјава.
Димитров и Коѕијас разговарале интензивно и срдечно
00:40
„Ова беше интензивна дискусија. Двете страни се многу посветени на наоѓање решение. Процесот ќе продолжи во наредните недели“, рече посредникот.
Ова е трета средба на министрите со Нимиц во Виена. Првата се одржа на 13 февруари. На втората од 30 март домаќин на тројката беше австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнајсл, бидејќи објектите на ОН каде вообичаено се водеа разговорите, поради Велигенските празници тој ден останаа затворени. Таа средба која траеше 6,5 часа, беше оценета како „многу конструктивна“.
Таква оценка Нимиц не даде за последната средба, а воздржани останаа и министрите. Според упатени во разговорите, молкот е знак дека процесот е влезен во најтешката и најсуптилна фаза. Според дипломатски извори, процесот очигледно се приближува кон точка кога најверојатно ќе биде неопходна дополнителна помош, од оние кои во јавноста тривијално се наречени „дипломатски булдожери“ или „тешкаши“.
„Не значи дека таа помош ќе биде видлива за јавноста. Битна е добрата проценка - дали и кога треба да се вклучи таква помош, и на каков начин“, велат дипломатски извори.
Раздвиженост во Скопје и Атина
Но, интересот на европските функционери за напредокот во разговорите продолжува и на јавна сцена. Иако не е најавен како тема за разговор, спорот за името сигурно ќе биде тема на денешната средба во Атина на грчкиот премиер Алексис Ципрас со претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, кој попладнето ќе се состане и со претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.
Спорот за името ќе биде и една од темите на денешната средба на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во седиштето на Алијансата во Брисел. Средбата уследи непосредно по вчерашната рунда разговори за името во Виена, и неколку дена откако грчкиот министер во интервју за грчко радио изрази песимизам за постигнување решение до почетокот на летото, со став дека „е очигледно оти Македонија во јуни нема да стане членка на НАТО“. Грчките медиуми пишуваат дека Столтенберг и Коѕијас ќе разговараат за прашањето за името меѓу Македонија и Грција и за грчко-турските односи.
Во истовреме, Македонија продолжува да ги јакне контактите и соработката со јужниот сосед. Градоначалникот на Атина Јоргос Каминис денеска и утре ќе престојува во посета на Скопје. Станува збор за возвратна посета, откако градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ја посети Атина во почетокот на февруари.
Децениски спор за името меѓу Македонија и Грција
Спорот за името меѓу Македонија и Грција траеше речиси три полни децении, и беше окончан со Преспанскиот договор. Спорот беше проследен со многу протести, блокади и вето за членството на Македонија во НАТО.
Спорот меѓу двете земји ескалираше веднаш по прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија. Грција го блокираше приемот на земјата во ОН и признавањето од страна на Европската заедница и покрај позитивната препорака од т. н. Бадинтерова комисија.
Фотографија: Dnevnik
Забрана за зборот „Македонија“
Првичната грчка позиција на почетокот на 1990-те години беше дека во името на соседната држава не смее да се содржи зборот „Македонија“. Носители на таквата политика беа владата на премиерот Констанин Мицотакис, и подоцна особено шефот на дипломатијата Андонис Самарас. Самарас поднесе оставка и предизвика пад на владата на Мицотакис по приемот на Македонија во ОН под референцата БЈРМ.
Фотографија: Reuters/A. Avramidis
Привремената спогодба од 1995 година
На 13 септември 1995 година во Њујорк беше потпишана Привремената спогодба која требаше да води кон нормализација на билатералните односи. Претходно, на 6 јануари 1992 година, Македонија го смени државното знаме со симболот на сонцето од Вергина и Уставот во делот кој, според Грција,содржеше иредентистички позиции. Со тоа беше ставен крај и на 18-месечното трговско ембарго кон Македонија од Атина.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Antonov
Меѓународно признавање
По спогодбата со Грција, Македонија успеа да се избори за меѓународно признавање под уставното име од 118 држави, како и да влезе во најзначајните европски и светски институции. Но, спорот остана да се влече и во децениите кои следеа. Посуштествени напори од двете страни да се реши спорот, според неофицијални информации, се направени во 2001 и 2005 година, но без успех.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
(Нe)потребна провокација
Кон крајот на 2006 година, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски одлучи да го преименува аеродромот Петровец во Скопје во „Александар Велики“. Грција остро реагира, а спорот полека се враќа на голема врата, сѐ до целосната ескалација на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Самитот во Букурешт
И покрај обидите на медијаторот Метју Нимиц со засилени дипломатски напори и под притисок на САД да се изнајде решение за спорот до самитот на НАТО во Букурешт, тоа не се случи. Атина го блокираше приемот на Македонија во воената Алијанса. На 3 април 2008 година, НАТО му порача на Скопје дека поканата за членство останува отворена доколку се најде компромис со Атина за името.
Фотографија: AP
Тужба во Хаг
Во ноември 2008 година, македонската влада одлучи да покрене тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција поради ветото во Букурешт. На 5 декември 2011 година, Судот пресуди во корист на Македонија и заклучи дека Грција ја прекршила Привремената спогодба. Но, во истовреме Судот заклучи дека нема правна сила да ѝ нареди на Грција да го повлече ветото.
Фотографија: MIA
Антиквизација
Процесот што започна со преименувањето на аеродромот во Скопје во 2006 година, по самитот во Букурешт доби далеку пошироки димензии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ започна со масовно преименување на објекти и улици и изградба на проектот Скопје 201, во чиј центар се наоѓа споменикот на Александар Велики (наречен Воин на коњ). Проектот чинеше повеќе од 600 милиони евра и ѝ донесе многу критики на земјата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Преговори во (не)пријателска атмосфера
Иако преговорите околу спорот за името продолжија и во следните години, по самитот во Букурешт, ескалираа националистичките страсти и навреди меѓу двете држави. Грција остро реагираше на билбордот (на фотографијата) на кој грчкото знаме беше претставено со свастика. На слични провокации од грчка страна, особено од страна на грчката армија, реагираа и македонските власти.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
Чија е Македонија
И во северна Грција во меѓувреме речиси сите позначајни објекти го носат името „Македонија“. Официјалната „црвена линија“ на Атина во меѓувреме е дека мора да се најде заеднички прифатливо име за меѓународна употреба „ерга омнес“ со географска додавка. Најчесто се споменуваат придавките северна и горна кон името Македонија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Barbarousis
„Вечниот“ Метју Нимиц
Единствена константа во деценискиот спор остана американскиот правник и дипломат, Метју Нимиц. Именуван од страна на Обединетите нации за медијатор во спорот пред 23 години, Нимиц и натаму е оптимист и верува дека може да се најде решение за проблемот. Последната серија средби со политичките лидери во Скопје и Атина ја имаше во јули годинава.
Фотографија: MIA
Нов оптимизам
Смената на власта во Македонија и падот на ВМРО-ДПМНЕ донесоа нов оптимизам дека може да се најде решение за спорот. Владата на Заев по секоја цена сака да обезбеди прием во НАТО на следниот самит на Алијансата во 2018 година. Пречката за тоа и натаму останува Грција, но провејува оптимизам дека под притисок од меѓународната заедница и со нова политика во Скопје, би можело да дојде до исчекор.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
12 фотографии1 | 12
„Време е подобро да се запознаеме“, изјави тогаш атинскиот градоначалник, а веќе сега со Шилегов ќе потпишат спогодба за соработка меѓу двата главни града.
Не се знае дали двајцата ќе се осврнат и на тековните разговори за името, но сигурно е дека таа тема ќе биде акцентирана при утрешната посета на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Тој на последниот ден од турнејата во земјите од Западен Балкан, ќе престојува во Скопје, каде утре ќе одржи самитот Брдо-Бриони, чиј домаќин ќе биде претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. На овој самит, кој се смета за еден вид подготовка на самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи на 17 мај во Софија, се очекува да присуствува и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.