1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По две-три стебла марихуана за лична употреба

ДТЗ /ДВ
30 декември 2020

„Лично сметам дека за 0,5 грама за лична употреба, не треба да се одговара“, вели премиерот, кој во легализацијата на марихуаната гледа можност за развој на туризмот

Israel Hanf-Plantage in Safed
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Sultan

Легализацијата и декриминализацијата на канабисот нема да биде привилегија само на богатите. Со оваа владина мерка се отвора можност секој граѓанин за своја лична употреба да може да одгледува мала количина канабис. Ова го најави денеска од собраниска говорница македонскиот премиер Зоран Заев, кој одговараше на пратенички прашања. Премиерот очекува широка дебата во Собранието за целосна легализација на марихуаната со цел развој на туризмот и услужните дејности. Тоа, според него, може да биде во кафетерии каде е дозволена консумација по примерот на Амстердам, но државата треба да се стреми и за целосна легализација, преку која и граѓаните ќе можат да одгледуваат одредена количина марихуана под контрола или да ја дадат на компанија да ја одгледува за нив. „Лично сметам дека за 0,5 грама за лична употреба, не треба да се одговара“, вели Заев. 

Потенцијал за економски развој

Според премиерот, легализацијата на марихуаната е потребна за развој на угостителството и туризмот.  „Во Холандија, во БДП услужните дејности учествуваат повеќе од 60 отсто. Ние немаме море, немаме пристаништа, извори на нафта да го развиваме нашиот економски сектор. Ова е добар потенцијал за државата да може да го искористи за развој на економијата, отворање нови работни места, развој на туризмот“, рече Заев во Собранието.

-повеќе на темата: Скопје и Охрид како Амстердам: Планот на Зоран Заев за легализација на марихуаната

Очекувањата се да се користи марихуаната за развој на туристичките места, по системот на Амстердам, каде има кафетерии со посебни услови за користење на марихуаната. Во сите земји, вели Заев, каде е легализирана, за 30 до 50 отсто е паднато користењето на кокаин, хероин и тешки дроги. Затоа треба да се размисли и за целосна легализација. „Ова нема да биде привилегија само на богатите да инвестираaт, целта е да се овозможи секој граѓанин до две-три стебла, под контрола на Агенцијата која е предвидена во самиот закон, да може да ги користи за сопствена потреба или да ги делегира на компанија да ги одгледува за него“, објаснува премиерот.

Опозицијата блокира

Според Заев, опозицијата го кочи развојот на државата преку блокирање на Законот за опојни дроги, односно за производство на марихуана за медицински цели. Тој објаснува дека неговите роднини имаат само една лиценца од 59 други кои постојат во државата и дека секој што исполнува услови ќе добие лиценца.
„Законот е заглавен и тоа е право на опозицијата да го кочи развојот на државата. Верувам дека државата траба да го искористи овој потенцијал, затоа што поднебјето ни е такво и успева“, рече Заев.

-повеќе на темата: На повидок легализација на канабисот во Северна Македонија

Премиерот во повеќе наврати потенцираше дека доколку помине законот во Собранието, може да се очекуваат повеќе од 250 милиони евра од производство на канабис за медицински цели и отворање нови високоплатени работни места. Тој најави и дека може да се прошири листата на дијагнози за кои ќе може да се користат производи од канабис како лек, а ќе се отвори и дебата за декриминализација, како и за целосна легализација. 

-повеќе на темата: За дома - марихуана, за извоз - сушен цвет од канабис

 „Не е во ред некој да оди во затвор затоа што користел половина грам природен канабис за лична употреба, во време кога веќе насекаде во светот оваа билка станува легална и за медицинска и за економска дејност. За оваа работа претстои почетокот на 2021 година, кога очекуваме да дебатира парламентот. За севкупната легализација ќе има дебата до крајот на јуни 2021 година, претходно ќе издебатираме, ќе го слушнеме гласот на граѓаните, а потоа и парламентот ќе постапува соодветно на насоките добиени од граѓаните“, порача Заев на презентацијата на владиниот план „Акција 21 – европски стандарди дома“.

 

Планот на Зоран Заев за легализација на марихуаната

08:01

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми