1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев на средба со Мицотакис, Османи со Дендиас

16 септември 2020

Следат разговори за билатералната соработка, со фокус на Акцискиот план за имплементација на преземените обврски од Договорот од Преспа

Treffen der Ministerpräsidenten von Nordmazedonien und Griechenland, Zoran Zaev und Kiryakos Mitsotakis
Фотографија: Government of the Republic of North Macedonia

Македонскиот премиер Зоран Заев, кој со владина делегација од вчера престојува во дводневна работна посета на Грција, денеска ќе разговара со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу. Заев во Атина учествува на 24-та конференција организирана од магазинот „Економист“ за борба против пандемијата со Ковид-19 и за нејзиното влијание врз глобалната и европската економија. Вчера, на првиот работен ден на конференцијата Заев се сретнал со поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, со кој преку Преспанскиот договор ставија крај на тридеценискиот спор за името на земјава, и ги одблокираа македонските евроатлантски перспективи.

„Со мојот пријател и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас и со поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд, на свечената вечера се согласивме дека ова е време кога заедно со националните интереси на секоја земја, ги споделуваме и солидарноста и кохезијата за да направиме уште еден чекор напред кон подобра заедничка иднина. Пандемијата со Ковид-19 значително го промени нашето секојдневие, но заедно сме тука за да станеме посилни, за да ја совладаме и победиме заканата која предизвика здравствена, економска и социјална криза. Заеднички ја исцртуваме стратегијата за да излеземе од кризата посилни и со продлабочено пријателство од справувањето со кризата“, напиша Заев на Фејсбук, под заедничката фотографија со Ципрас и Оланд. 

 Разговори за соработка

Македонскиот премиер, на покана на компанијата „Гастрејд“, вчера веќе оствари средба и со Кристос Копелузос, извршен директор на групацијата „Копелузос“, која е основачки акционер на компанијата „Гастрејд“. Според соопштението од Владата, на средбата бил изразен взаемен интерес Северна Македонија да се вклучи во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис во Грција, како нова, независна влезна точка за снабдување со природен гас на земјите од Југоисточна Европа.

Повеќе:

-Две години Преспа: „Ние сме за утре, тие се за некни“

-Преспанскиот договор – заштитна повелба на македонската држава и нација

-Германија: Мировна награда за Заев и Ципрас

„Со покажаниот интерес, за кој од конзорциумот „Гастрејд“ изразија поддршка тоа да биде остварено, Република Северна Македонија ќе биде дел од проектот за изградба на пловна станица на 17 километри од Александрополис за привремено складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од 170.000 кубни метри и можност и можност за снабдување со природен гас од над 5,5 милијарди кубни метри. Со овој проект се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот, и во земјите кои ќе покажат интерес“, се вели во соопштението. 

Фотографија: Government of North Macedonia

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ќе ја има својата прва официјална средба со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас. Според предвидената агенда, ќе бидат отворени бројни теми во рамките на билатералната соработка меѓу двете земји, а во фокус ќе биде ангажманот и активностите на двете министерства за интензивирање и продлабочување на политичкиот дијалог и вкупната соработка, согласно со Акцискиот план за соработка и имплементација на преземените обврски од Договорот од Преспа. Се очекува посебен осврт да се даде и на работата на експертските комисии за унапредување на добрососедските односи, како и на разгледувањето на можноста за нивна поинтензивна комуникација и непречена работа во услови на пандемија.

„Излези момче...“

Во пресрет на денешните средби Заев - Мицотакис и Османи- Дендиас, во Скопје се одржа протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за одбрана на Гоце Делчев. На протестот во кој беше нагласена заложбата за ЕУ, претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов, им се придружи на учесниците во протестот во пеењето на навивачката песна „Излези момче..,“ па со микрофонот в рака и самиот запеа „...кренете раце високо горе, наше ќе биде и Солунско поле“. 

Повеќе:

-ВМРО-ДПМНЕ на протести во одбрана на Делчев

Од СДСМ одговорија дека „губитникот Мицкоски три години работел против ЕУ и против НАТО, се уште брани криминал, а идеалите на Делчев за него се непозната категорија“.

„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беа едниствените кои навиваа Северна Македонија да не добие датум за почеток на преговори, единствените кои блокираа реформи и структурни закони важни за интеграцијата во ЕУ (...) Бранителот на криминалот и неправдата, Христијан Мицкоски е последниот кој може да зборува за идеалите на великанот Гоце Делчев. Залудна е глумата на Мицкоски, граѓаните знаат дека тој е антизападен и антинароден политичар кој сака да ја врати државата назад во изолација и режим. Затоа граѓаните го казнија на три изборни циклуси и затоа тој и неговото нереформирано ВМРО-ДПМНЕ остануваат во опозиција“, се вели во реакцијата на СДСМ.

„Исцртана бугарската јазична почва“

„Нотите“ за Солунското поле и битката за Гоце Делчев се само дел од темите на кои ќе се тестираат договорите со Грција и Бугарија. Во однос на прашањето „чиј е Гоце Делчев“, односно за начинот на кој ќе се чествуваат личностите од заедничката историја, веќе е е извесно дека и за решение, и за кавга, се потребни двајца. Вчера, Националниот младински комитет на бугарското ВМРО, по повод почетокот на новата учебна година во Бугарија, ги поздрави учениците, нивните родители и наставниците, со обраќање во кое се вели дека „браќата Миладинови и Гоце Делчев, се големите Бугари кои ги дале своите животи за бугарскиот народ да има свој национален идентитет“.

Повеќе:

-Европска меморија versus бугарска амнезија

-Бугарска спирала кон дното

-Северна Македонија и бугарскиот историски империјализам

Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Учители, родители и деца, запомнете дека и покрај протестите на политичарите во соседна Македонија, покрај Васил Левски во историјата на Бугарија се извишува колосот Гоце Делчев, според кого ослободувањето на Бугарите во Македонија не може да биде извршено само со оружје: ‘Моралната револуција - револуцијата во умот, срцето и душата на еден ропски народ - е најголемата задача’. Да ги следиме овие негови зборови, затоа што секое ново знаење е сила, а силата е слобода. Не успеавме да го завршиме Делчевото дело со пушки и бомби, ајде да го направиме тоа со образование“, се вели во обраќањето.

Во него, наставниците се повикуваат да се сетат и на други дела. „Сетете се на делото на бугарските браќа Миладинови, кои и покрај тешкотиите собрале 660 народни песни од Панаѓуриште до Охрид, и од Софија до Струмица, со кои неспорно ги отцртаа границите на бугарската јазична почва. Во нашата историја има и многу други примери за херои кои решиле да водат борби со оружје посилно од мечот и потешко за совладување од барутот - оружјето на образованието. Овие луѓе го прифатија учителството како нивна повик и мисија, а не како професија. Тие нека бидат ваши икони и ваш пример, за да ја има Бугарија“, се вели во обраќањето на националниот младински комитет на ВМРО.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми