Заев: осудените за Смилковско езеро се невини
27 мај 2015 Седумтемина етнички Албанци кои се осудени за случајот Смилковско езеро се невини, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за весникот „Ди Цајт“.
„Тие неправедно седат во затвор“, вели Заев, но стравува оти објавувањето на „вистината за случајот“ може да предизвика немири во албанската заедница во Македонија.
„Може да има и жртви. Затоа во моментов водиме интензивни разговори со албанската заедница, за да најдеме начин да спречиме таква реакција. Мораме да биде многу внимателни со вистината. Мораме да го сочуваме единството на народот“, вели Заев. На прашањето дали стравува дека состојбата може да излезе од контрола, опозиционерот одговара потврдно: „Да, до одреден степен сум многу загрижен. Мораме да ги подготвиме луѓето за вистината, мораме да бидеме многу одговорни“.
Заев, сепак, не очекува да се повтори конфликтот од 2001 година, и оценува дека „народот е сплотен“. „Нашиот граѓани се најдобри чувари на мирот. Тоа е најдобрата порака. Се плашам дека поединци сепак можат да прибегнат кон насилство“.
Во разговорот, лидерот на СДСМ говори и за шансите премиерот Никола Груевски да поднесе оставка на функцијата.
„Мислам дека ситуацијата не е едноставна за него. Мислам дека наскоро ќе им олесни на опозицијата и на граѓанското движење. Се надевам дека заеднички ќе најдеме решение за кризата и ќе ги смириме граѓаните. Прво ни е потребна една преодна влада. Таа треба да ги подготви новите избори. Пред нас стојат итни задачи кои мораме да ги исполниме. Слободата на медиумите и независноста на судството мора повторно да бидат воспоставени. Мора да дојде до одвојување на партијата од државата. Тоа се основните задачи“, вели Заев.
Сепак, лидерот на СДСМ вели дека не очекува оставка од Груевски.
„Не верувам дека тој ќе даде оставка. Тоа би значело лично признание на вината. Сметам дека преку преговори можеме да изградиме преодна влада. И потоа, и за него би имало можност за достоинствено повлекување“. Според Заев, „за Груевски мора да постои можност за излез во рамките на еден процес“. Тој потсетува дека веќе имало оставки во владата, и тоа го толкува како „јасна порака од Груевски“. „Тој е подготвен“, вели Заев.
Во интервјуто, Заев ги отфрла тврдењата дека големите сили (Западот и Русија) се вмешале во политичката криза во земјата. „Нашето место е во Европа. Сакаме добри односи со Русија, но пред сѐ сакаме во Европа. За тоа не постои алтернатива“.