1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Ги вративме слободата и демократијата

29 декември 2019

Се разбира, граѓаните на слободни избори ќе донесат одлука, но јас најсилно ќе се борам и ќе се залагам да укажам најилустративно - што ќе се случи ако се врати режимот, вели премиерот Заев во интервју за Дојче веле.

Nord-Mazedonien: Interview mit Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Government of N. Macedonia

Раздвижено е на Илинденска број 2: средби, прес-конферeнции, консултации со опозицискиот лидер околу нивни предлози за составот на техничката влада. Вчерашната средба Заев - Мицкоски заврши со потреба да се направат дополнителни консултации околку опозицискиот предлог за технички министер за внатрешни работи. 

ДВ: Може ли проверката на уставноста на предлогот за технички министер за внатрешни работи, а евентуално и за други предлози, да го измести рокот за формирање техничка влада?

Зоран Заев: Преодната влада треба да се формира на трети јануари и од тоа не треба да има никакви отстапки. Изборите на 12-ти април треба да ги гледаме како затворено прашање, сите партии се согласни со датумот. На предлозите на опозицијата за министри и дополнителни заменици министри треба да се гледа на едноставен и прагматичен начин. Јас побарав од Христијан Мицкоски да не предлага кандидати против кои има обвиненија од домашните обвинителства, бидејќи сметам дека тоа е етички, исправно и одговорно така да биде, пред се заради граѓаните. Сигурен сум дека и граѓаните не сакаат министри под обвиненија. Секако, со кандидатот што го предлагаат за МВР, се појавува и дилемата околу уставноста, имајќи предвид дека Уставот експлицитно бара за министер да се назначи цивилно лице, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ е воено лице. Значи, пред воопшто да се разгледува неговата биографија, пред се мора да осигураме дека преземаме чекори кои во согласност со нашиот Устав. Време до трети јануари има, ќе продолжат разговорите со опозицијата, верувам дека оваа дилема брзо ќе се расчисти. Ги слушаме експертите, целата јавност веќе зборува за тоа. Ако е очигледно дека ова предложено решение не може да помине заради тоа што Уставот тоа не го дозволува, сигурен сум дека опозицијата нема да си дозволи да инсистира на кршење на Уставот и дека ќе може брзо да предложи друг кандидат околу кој би се согласиле.

ДВ: Наскоро ќе го напуштите премиерскиот кабинет. По двеипол години на чело на Владата, од денешен аспект, што би направиле поинаку?

Секогаш може да се направи повеќе од тоа што е направено. Јас сум задоволен колку е направено во изминатите двеипол години. Се решија историски прашања, ги забрзавме интеграциите, стануваме членка на НАТО, наскоро очекуваме датум за почеток на преговорите со ЕУ, ја придвиживме економијата, паралелно со сите овие други крупни стратегиски прашања кои што ги донесовме - владата, парламентот и граѓаните заедно. Тегоба останува правосудниот систем. Сите знаеме дека тука веројатно можевме многу повеќе да направиме. Доколку направиме рекапитулар - законите ги донесовме непосредно пред јунскиот самит на ЕУ во 2019 година, а потоа следуваше нивната практична имплементација и реализација, а тоа сега од поединците и од правосудниот систем. Деновиве гледам дека почнува и реализација на Законот за судски совет, со проверката или прочистувањето на судството. И другите институции ќе си дојдат на ред. Но ако прашате - што можевте повеќе, тоа сигурно е правосудството. 

ДВ: Но, не зависи се од законите. Случајот со СЈО покажа дека пред се зависи од интегритетот на личностите кои што се на тие функции...

Се согласувам со тоа, затоа што секогаш самите институции се личностите внатре во нив. Но затоа стоевме зад институциите, затоа постојано се обидуваме да ги јакнеме институциите. Поединецот е минлива категорија, почнувајќи од мене. Јас сум веројатно најразочаран од тоа што го видовме и тоа што се случи, конечно јас сум и пријавителот на тој случај, но дефинитивно не смееме да губиме надеж во институциите.

ДВ: Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и неговите сопартијци често знаат да се заканат дека „кланот Заев“, како што велат, ќе заврши во затвор. Се плашите ли од промена на власта?

Промена на власта нема да се случи, но не заради заканите. Семејството Заеви добивале закани и закани од режими, па еве, во најава и од некој нов режим. Дадов ветување дека режим никогаш повеќе нема да има, и ќе се борам тоа да не се случи никогаш повеќе. Верувам дека граѓаните ќе дадат сериозна поддршка на ваквите политики и овој пат по кој се движиме, затоа што никој и не понудил друга алтернатива. Ако сум се водел од стравовите, немаше да биде ни „Вистината за Македонија“, немаше да биде ни пркосот во Собранието, ни оние храбри одлуки кои досега ги донесовме кои и ја отворија перспективата на нашата земја. Апсолутно немам страв од никој и ништо, ниту јас, ниту моето семејство.

ДВ: Опозицијата во неколку наврати најавува дека ги следи судските процеси за некои актуелни афери, и ако почувствува дека отстапуваат од некоја очекувана насока, дополнително ќе објави некакви сознанија. Стравувате ли од таков тип на сознанија за кои се најавува дека можат и Вас да ве дискредитираат?

Низ ваквите најави чувствувам дека нашето општество будно и внимателно следи се. Ако некој поседува некаков вид на докази и аргументи, значи некој имал порив да реагира на некои извитоперени, незаконски работи што се случувале, и им ги предал на опозицијата. Јас добивав многу материјали како шеф на опозицијата, и должност на опозицијата е да биде главниот коректив. Должност и е да и дише во врат на власта, должност е да пријави, а не да се заканува. Треба тоа да го пријави веднаш. Ако одлучила дека ќе следи, треба да пријави веднаш. Само на тој начин можеме да заздравиме докрај како општество и да се трансформираме. Јас сум толку растоварен. Знам дека немам лоша мисла, а не да сум правел нешто лошо. Јас сум човекот со црвената папка кој се бореше за слободата и демократијата, знам како се борев против рден режим и немам никакви предрасуди. Мојата желба и моето очекување е сите алатки на колективноста во нашето општество да функционираат со полна сила. Тоа ќе ја забрза трансформацијата на процесите на подобро и на тој начин ќе се европеизира земјата.

ДВ: Дали со инсистирањето на ветинг во правосудството може да си дадеме автогол за можноста да почнеме на преговори со ЕУ? Ако тврдиме дека во судството ништо не чини, тоа може да биде искористено како аргумент дека земјава не е подготвена за почеток на преговори, се додека не ги среди состојбите во таа сфера...

Прво, ние се квалификуваме со исполнување на бенчмарковите - со задачите кои ни беа дадени и тоа ниво се очекуваше од нашата земја за да започне преговори. Ние ги исполнивме целите кои ни беа зададени од Европската комисија на еден прецизен начин. Успеавме во многу разговори, дијалог и непроспиени ноќи, тоа со консензус да го усвоиме. Тоа беа четирите цели кои не квалификуваа за почеток на преговорите. Понатаму се очекува низ преговорите за поглавјата 24 и 24 да го унапредиме целото судство. Имајќи го тоа предвид, јас затоа не зборувам за ветинг, туку за прочистување на правосудството. Ние тоа го усогласивме со Европската комисија. Немаме ние потреба од ветинг во онаа форма како што е случај во Албанија. Албанија помина низ еден процес на ветинг и стигна до самиот крај, но сега треба да го заврши. Ние сме во апсолутно различна ситуација. Нашето прочистување треба да ги тргне оние малкумина судии и обвинители од правосудството, за да можат чесните и професионалните да работат. Судскиот совет има надлежности согласно Законот за судски совет и за судовите, со целосни инструменти и алатки, како да направи разграничување на судир на интереси, разрешување или санкционирање на одредени судии. Антикорупциска комисија, со новиот Закон што го донесовме, ги има клучните алатки за проверка на парите, имотот, капиталот на членовите и семејствата на судиите и обвинителите. Ја повикавме ЕУ да ја употреби алатката за мониторинг на случаи од висок профил. Во моментов се прави една целосна проверка на премиерот и на министрите, што е здраво и добро. Но треба да се направи истото и во правосудството. За мене, одлуката на Судскиот совет за разрешување на поранешниот претседател на скопска „eдиница“ е дел од тоа прочистување, согласно законот. Тој процес ќе трае и верувам дека брзо ќе даде резултати.

ДВ: Жалите ли што предоцна го започнавте овој процес на прочистување. Сега звучи малку како предизборно ветување. Зошто не успеавте во изминатите двеипол години тоа да го реализирате?

Ви кажав, ако за нешто жалам, тоа е правосудството. Но не можевме порано да го започнеме, кога законите ги донесовме на крајот на мај, чекајќи го јунскиот самит. Согласно тие закони се прави прочистувањето, а потоа започна летото и го слушнавме народот како разочарано реагира на одложување или паѓање на предмети, и тоа го крена алармот. Ние сме влада која внимателно слуша и веднаш ги употребивме алатките. Не можам и не треба да бидам и шеф на судството. Можеби во некои периоди сме можеле со јавувања да ги санираме овие проблеми, но ние се боревме против тоа, зарем повторно да се враќаме во таа состојба. Јас до денес апелирам до сите во правосудството исклучиво да одлучуваат согласно Устав, закон и сопствено убедување. Дури и да е погрешно сопственото убедување, има второстепени инстанци, има Врховен суд, има и меѓународни судови. И да престанат сите приземни поткупувања, закани, влијанија, играрии со адвокатите и слично, тоа мора да заврши. Владеењето на правото и правната држава се предуслов за се друго: и за економија, и за добар социјален систем, и за добро здравство и образование, и за привлекување на странски и домашни инвестиции кои зависат од правдата.

ДВ: Самитот на ЕУ во Брисел донесе големо разочарување за сите во земјава. Се шпекулираше и дека размислувате за заминување од функцијата, за „Њујорк Тајмс“ рековте дека сте биле психолошки уништени. Што ви минуваше низ мислите во тој период?

Јас сум Зоран Заев - многу обичен и едноставен човек. Бев скршен и здробен, затоа што целиот наратив во тој период беше исполнет со суперлативи кон нас. Бевме најдобриот пример во Југоисточна Европа, светските лидери започнуваа и завршуваа говори со Преспанскиот договор. Ние покажавме дека во 21 век, и покрај сите модерни тактики и технологии, сепак дипломатијата и дијалогот, градењето пријателства и фокус кон иднината, решаваат дури и вакви прашања. Преспанскиот договор е прв од ваков карактер познат во светот, постигнат по пат на дијалог и дипломатија - има и други слични договори постигнати после војна. И сега тоа да се казни - е навистина болно. Верувам исто беа скршени и граѓаните, не само јас. Видовте дека не реагирав веднаш, преспав, па следниот ден ми остана да продолжам да се борам. Да продолжиме понатаму со реформите, да ја европеизираме земјата, да ги менуваме нашиот однос и нашата одговорност, нашата продуктивност и посветеност кон сето тоа што го работиме, за на крајот да им покажеме и на оние кои имале резерва, а во нашиот случај тоа беше Франција, која е пријателска земја. Задоволен сум затоа што на крајот беше констатирано дека ние сме завршиле се, а згора на тоа ги постигнавме и Договорите со Бугарија и Грција. Тие велат „нам ни треба време“. Во ред, но ако тука се вратат национализмот и радикализмот, ние потоа ќе загубиме децении.

Меркел е „џин политичар“, вели ЗаевФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Од тој аспект, ние продолжуваме со нашите политики, да ги разубедиме сите оние кои што имаат некакви резерви. Доколку тие имаат потреба да ја реформираат ЕУ, во ред нека тераат, но тука не смеат да застанат, тоа е паралелен процес. Ние повторуваме дека не сакаме веднаш да бидеме членка на ЕУ, туку да ја задржиме мотивацијата, да го направиме следниот чекор. Кога ќе бидеме и ние, и ЕУ подготвени, тогаш ќе станеме членка. Дали тоа ќе се случи за 5,7, или 10 години, никој не може денеска да каже.

ДВ: Во јуни, пред самитот на ЕУ, бевте во Берлин. По средбата со канцеларката Меркел рековте дека дека сте добиле ветување оти одлуката за почеток на преговори ќе се оствари на октомврискиот самит. Тоа не се случи. Дали довербата во Меркел остана и потоа, во однос на ЕУ- интеграциите, не само за земјава, туку и за регионот?

Џин политичар. Само тоа ќе го кажам. За сите овие двеипол години со сите тие меѓународни комуникации и контакти запознав реткост од жена политичар, на која навистина можам да и симнам шапка и да кажам дека и се воодушевувам. Ја знам и нејзината борба како канцеларка за Република Северна Македонија на последниот Европски Совет, ги знам сите и тактички, и официјални настапи, и се што направила. Секако, не зависеше само од Германија, зависеше и од други земји, прилично силни и моќни двигатели на ЕУ, како што е пријателска Франција. Ја разбирам дебатата, јас сум разумен чoвек. Останува само уште повеќе да ги разубедиме тие што резервирани. Јас мислам дека Франција е разубедена. Секако ги прифаќам аргументациите за новите методологии кои би биле фер шанса за вистински трансформации. Ние имаме намера тоа да го правиме, а не да се влечкаме две децении, туку колку што може побрзо со одржливи ефекти кои нема да не враќаат назад. Верувам дека ако Европската комисија и земјите членки брзо ги адаптираат ваквите нови методологии, тоа дава голема шанса и за нас, и за Албанија, и за другите земји кандидати за ченство во ЕУ. Но, без оглед кога ќе ја адаптираат методологијата, паралелно мора да се носат и одлуки за проширувањето.     

ДВ:  Може ли да зборуваме за поконкретни рокови?

-Ова прашање ќе се одлучува во март, во јуни и во октомври. Тие се роковите кога Европскиот совет одлучува. Во мај не, на тој самит не се носат одлуки за проширување.

ДВ: Вие кога очекувате?

Јас очекувам час поскоро, тоа е и причината зошто одлучив да одиме на избори. Како премиер упатен во сите детали дома, а секако и во оние за меѓународната интеграција на нашата земја, се плашев дали таа одлука ќе биде основа за враќање на национализмот и радикализмот дома, и кон соседите. Се плашев да не се наруши кревкото единство и убавото едно општество за сите, што го растеме и ќе го растеме. Се плашев од нови провокации кон Бугарија и Грција кои би дошле од кај нас. Зошто? Затоа што ќе ни стават ново вето заради реторика инспирирана од кај нас. Ќе ви кажам за тој четврток кога беше изјавата на лидерот на опозицијата. Вели - ова е изгледа на подолг рок замрзнат процес, ние Преспанскиот договор ќе го прекинеме. И што да очекуваме, дека Мицотакис ќе не награди за ова прашање? Истовремено, шефот на опозицијата не сака да го употреби новото уставно име. Што да очекуваме од соседите во таква ситуација? Мора да се води грижа за земјата. Јас презедов одговорност, иако не е наша одговорноста за одлуката на европскиот самит. Претседателот Макрон донесе таква одлука, верувам дека ќе се коригира. Но јас сум тој што зборуваше со граѓаните - ајде да испорачаме, ќе испорача и ЕУ - и тука чувствувам одговорност. Тоа е причната што решивме да одиме на предвремени избори.

ДВ: По повлекувањето од премиерската функција, најавивте средба со вашиот пријател, Бојко Борисов. Дали ќе разговарате за историските прашања на кои заглави заедничката Комисија, но и за неразумните ставови кои во последниов период стигнуваат од Софија?

Тоа е дел од мојата приватна агенда. И ветив на ќерката дека ќе ја посетам. Таа е студент во Софија, а сите деца сакаат родителите да видат каде студираат. Досега немав можност тоа да го направам. Мојата сопруга е таму, и моите родители беа. По Божикните празници веројатно ќе одам во посета. Ја искористив приликата, кога со Борисов бевме на носачот на авиони во Средоземното море, да ја договориме средбата начелно, меѓу 7 -ми и 10-ти јануари. Ќе седнеме да поразговараме за овие работи. Идејата ми е да дојдат и неколку луѓе со мене, да разговараме.
Се работи за идентитетски прашања кои Бугарија ги прифати согласно со Уставот, но треба да направиме исчекор. Историските прашања верувам дека ќе ги решиме и ќе им помогнеме на двете комисии, како што беше оригиналната замисла: низ договорот да градиме пријателство, а не да создаваме непријателство. Верувам дека ќе најдеме решение, јас и советниците имаме креативни размислувања.

На Борисов ќе му понудам креативни решенија, вели Заев. Фотографија: Cabinet of the President of North Macedonia

ДВ: Кога би направиле ретроспектива на изминатава година, кои економски резултати би ги издвоиле како значајни?

Тука е убавиот мегдан. Веројатно 50 отсто од енергијата нашата земја треба понатаму да се посвети на економијата, а 50 отсто на трансформацијата на сите институции. Зошто? Со Бугарија и со Грција сме пријатели, немаме проблеми со ниту еден од соседите, а интеграциите движат. Дома му е „мајката“ во периодот кој претстои. Економијата ги даде резултатите уште во оваа 2019-та. Само пред двеипол години имавме минус 1,8 отсто раст, комплетна рецесија. Сега завршивме со 3,6 отсто во трите тромесечија, верувам во четвртото може да биде и подобро, што ги надмина проектираните граници кои беа 3,5 отсто. Тоа носи повеќе приходи во државата, па може да дадете поголеми плати, пензии, да ја поддржите повеќе економијата, здравство, образование и се што ви треба. Има нови 60. 000 вработени, не само што обезбедува плати тоа го полни буџетот, има 742 милиони евра странски инвестиции за двеипол години.

Имаме 300 отсто зголемување на социјалната помош, дадовме државна социјална пензија, овоможивме детски додаток за 20 пати повеќе, исто и за образовниот додаток, направивме мерки кои значат мотивација младите –обезбедивме милијарда денари за нивен тренинг и брзо вработување, реалкоација на средства за повисоки плати за негователки и воспитувачки во градинките за 21 отсто, во центрите за социјални работи за 21 отсто, во образованието за 20,6 отсто, специјалистите во Клинички центар за 40 отсто, другите специјалисти за 35 отсто, општите лекари за 25 отсто,  медицинските сестри во клинички за 23 отсто, Армијата веројатно повеќе од 30 отсто, а следната година ќе има во полиција. И не само во јавната администрација. Ова се случува кога платите пораснаа во просек за 2.600 денари, а минималната плата ја зголемивме за 60 отсто. Низ бројките се гледа економијата. Надминавме и некои параметри на земји во соседството. Се уште не сме форамално членка на НАТО, и не сме почнале преговори со ЕУ, а веќе го чувствуваме тоа подобрување. Во 2020 година овие бројки ќе бидат уште подобри.

Заев: Дома му е „мајката“ во периодот кој претстои.Фотографија: Government of N. Macedonia

ДВ: Опозицијата ве критикува за неуспех во реализација на капиталните инвестиции, за беда, сиромаштија, корупција, дава една сосема поинаква слика на она што вие сега го кажувате.

Граѓаните знаат се. Знаат каде сме слаби, знаат каде сме успешни и што сме направиле. Тоа што го зборува опозицијата е надвор од умот, затоа што низ бројките се гледаат работите на економски план. Прво беше „мрачно, катастрофа“, сега престанаа да зборуваат за економијата. Споредбата на двеипол со 11 години апсолутно е немерлива во полза на овие двеипол години. Веројатно храбрите политички одлуки дадоа еден акцелератор и за ваквите бројки. На економски план разликата е огрома со тоа време што го сменивме - режимот,  и сегашното време. И во другите аспекти успесите се евидентни. Покажавме дека знаеме да слушаме, знаеме да се повлечеме, да се коригираме, и верувајте, тоа е многу важно за државата. Ако имате самобендисани, нарцисоидни политичари, кои никако не отстапуваат од тоа што го зацртале без разлика што цел свет им вели – „ало, што правите", тоа ќе носи сериозни штети. Политиките што ги имаме обезбедија слобода и демократија, а со нив доаѓа и транспарентноста. Да не зборувам колку е тоа различно од она што порано се случуваше. Полугите на државата се поставени, како што ние социјалдемократите велиме - на правиот пат.    

ДВ: Дали успехот во социјалната сфера ве мотивираше да ја кандидирате Мила Царовска за вицепремиер за економски прашања?

Така е. Социјалната сфера, социјалната политика и трудот се дел од економијата, а ние сме партија и левичарска влада која што најмногу инвестира во човечките ресурси и човечкиот капитал, политиките кон работниците, пензионерите, земјоделците, стечајните работници... Верувам дека менаџментот на, веќе искусната Мила Царовска, во овој сектор и тоа како може да биде успешен. Верувам дека во тој ресор, како потптретседател на Владата за економски прашања ќе продолжи успешно да го движи, за да имаме уште поуспешни економски политики, од оние кои ги имаме денес.  

ДВ: Ги предизвикавте партиите на Албанците да ви објаснат што не е во ред со проектот Мини Шенген, но останува нејасно зошто ви беше потребно да влегувате во оваа авантура кога најголемиот дел од олеснувањата и заедничките проекти кои се договараат во него, веќе постојат со ЦЕФТА договорот, со Берлинскиот процес и со други постојни иницијативи, но не се спроведуваат. Стои ли зад проектот и интересот на некоја друга земја-членка на ЕУ во регионов?

Суштината на иницијативата за регионална соработка лежи во нашиот заеднички придонес за остварување на четирите слободи на ЕУ во Западен Балкан – за слободно движење на луѓе, производи, услуги и капитал во нашиот заеднички регион. Ние сме отворени за сите иницијативи кои одат во насока да ja зајакнат регионалната соработка и што го забрзуваат процесот на интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан. Ова е автентичен процес на нашата земја, на Албанија и на Србија, за кој веднаш повикавме да се приклучат и другите земји од регионот. Иницијативата за подлабока регионална соработка не е ничија ексклузивна сопственост или затворен клуб. Уште од стартот рековме дека иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан. Ако внимателно ги следите моите изјави во врска со таа иницијатива, ќе забележите дека јас инсистирам секогаш дека станува збор за заврзување на соработката. Да, речиси сите проекти се веќе вградени во ЦЕФТА и Берлинскиот процес, ама има една важна разлика. Во ЦЕФТА и во Берлинскиот процес нашата соработка секогаш е поттурнувана и миниторирана од некоја земја членка на ЕУ. Во овој случај станува збор за наша, автентична и непосредувана иницијатива, за да ги забрзаме тие процеси. Освен тоа, произлегоа и некои други идеи и иницијативи што ги нема во ЦЕФТА или во Берлинскиот процес. На пример, се согласивме и ќе работиме на тоа државјани од трети земји, надвор од регионот, кога ќе влезат во една земја, во Србија, Северна Македонија или Албанија, да не треба да поминуваат низ граничните и царинските формалности на секоја од нашите граници. Има многу неискористен потенцијал во зголемувањето на регионалната соработка. Ќе добиеме повеќе почит и поддршка од ЕУ, ако самостојно покажеме политичко лидерство и грижа за унапредување на соработката. Сметам дека една зајакната регионална соработка може да направи сериозен придонес во релаксирањето на политичките односи во регионот. Во нашиот регион мораме да ги воведеме европските принципи на соработка и функционирање. Мораме да ја донесеме Европа на Балканот во секоја од нашите земји. Тоа е составен дел од нашата домашна задача за интеграција во ЕУ.

ДВ: Многупати во изминативе месеци говоревте за значењето на Преспанскиот договор. Опозицијата во земјава се уште го спори и сака да го поништи, новата грчка влада не го цени, но го почитува. Како денес гледате на неговото значење?

Договорот од Преспа и понатаму останува историски договор меѓу двете земји. Отвореното прашање со Грција за името на нашата земја беше непремостлива пречка за нашите евро-атлантски интеграции. Со тој договор се откочија перспективите на нашата земја за членство во ЕУ и НАТО. Ние веќе сме де факто членка на НАТО. Благодарение на Договорот од Преспа, Северна Македонија и Грција сега се сојузници во најмоќниот воено безбедносен сојуз на светот. Соодветно на стандардите и на соработката меѓу земјите членки на НАТО, Грција е гарант и чувар на безбедноста на небот над нашата територија. Договорот од Преспа е договор за долгорочно пријателство и за стратешко сојузништво меѓу Северна Македонија и Грција. Отвори дополнителна и силна соработка на сите полиња. Грција беше еден од најголемите странски инвеститори во нашата земја. Сега интересот е уште поголем. Отвораме нови гранични премини. Меѓуграничната соработка на регионите на нашата граница доби нов поттик. Ништо од ова немаше да биде можно ако не беше Договорот од Преспа.

 ДВ: Сметате ли дека тој ќе преживее доколку паднете од власт?

Ние нема да паднеме од власт. Се разбира, граѓаните на слободни избори ќе донесат одлука, но јас најсилно ќе се борам и ќе се залагам да укажам најпластично, најилустративно, најдраматично што ќе се случи ако се врати режимот. Сѐ што направивме за две и пол години, а направивме многу, ќе биде отфрлено. Она што го најавува опозицијата е закана дека ќе биде поништен договорот од Преспа, тоа значи дека земјата ќе биде доведена да биде исклучена од НАТО. Но едно е јасно, граѓаните кои во огромно мнозинство ги поддржуваат ЕУ и НАТО интеграциите на земјата, нема да дозволат земјата да скршнe од патот за кој се бореа генерации.

Овде можете да го погледнете интервјуто со премиерот Зоран Заев:

Заев: Ги вративме слободата и демократијата

27:58

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми