1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: одлуката на Иванов за Законот за јазиците е кукавичлук

БГ
16 март 2018

Премиерот Заев го обвини шефот на државата Иванов дека го крши Уставот одбивајќи да го потпише Законот за јазици, кој деновиве по трет пат беше изгласан во Собранието во тензична и хаотична атмосфера.

EBRD Gipfel zum Westbalkan in London Zoran Zaev
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Leal-Olivas

Премиерот Зоран Заев го обвини претседателот Ѓорге Иванов за кукавичлук поради неговиот однос кон Законот за јазици. Премиерот смета дека шефот на државата го крши Уставот со одлуката да не го потпише законот. Тој се надева дека законот сепак ќе заживее.

„Да го оставиме законот за употребата на јазиците да го види денот. Мене ми е жал што претседателот на државата одлучи буквално да не го почитува Уставот и објави по втор пат дека нема да го потпише законот. Тоа не е добро, тоа е флагрантно кршење на Уставот на Македонија и секако институциите немаат право да дозволат тоа да се случи. Но, истовремено тоа за мене значи кукавичлук, да не се дозволи законот да живее заради тоа што ако се пушти законот да заживее конечно ќе ја реализираме последната правна обврска од Охридскиот договор. И сите ќе видат дека нема да има ниту Тиранска агенда во Македонија, дека Македонија нема да биде држава на Албанците или не знам кои од малцинските заедници во државата“, изјави Заев.

Груевски во обид да му ја одземе картичката на Џафери за време на собраниската седница за законот за јазициФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Премиерот Заев застана и во одбрана на собранискиот спикер Талат Џафери кој претрпе многу критики поради начинот на кој беше изгласан законот. Според Заев, сѐ било согласно Деловникот на Собранието, а за го утврдат спротивното надлежни се Уставниот суд и Венецијанската комисија.

Во однос на случувањата во Собранието на денот на гласањето на Законот за јазици денеска се изјасни и експремиерот Никола Груевски кој беше предводник на блокадите насочени кон собранискиот спикер Џафери. Груевски вели дека „не му била целта да предизвика инцидент во Собранието“, ниту пак „физички да се пресмета со Џафери“. Целта му била, вели Груевски, „јасно и гласно да покаже дека не се согласува со начинот на кој се носи законот“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми