1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев повикува на граѓански фронт против власта

Б. Георгиевски7 април 2016

Лидерот на опозициската СДСМ денеска ги повика сите граѓани да се приклучат во широк фронт против власта. Заев повторно го обвини Груевски дека го урнал Договорот од Пржино. Уличните протести се една од опциите.

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanosovski

„Нема да седиме дома и на телевизија да ги гледаме изборите“, порача попладнево лидерот на СДСМ, Зоран Заев најавувајќи широк фронт против владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Заев останува на ставот дека опозицијата ќе ги бојкотира изборите поради тоа што не се исполнети условите од Договорот од Пржино- прочистување на избирачкиот список и регулација на медиумите.

„На 5 јуни се невозможни избори“, рече Заев, дополнувајќи дека „едностраниот акт за распуштање на парламентот“ не и остава избор на опозицијата. Тој повика во широкиот граѓански фронт да се вклучат сите партии, невладини организации, интелектуалци, синдикати, целата демократска јавност и „сите борци за слобода“.

„Улицата е една од опциите“ кои и стојат на располагање на опозицијата, рече Заев, обвинувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дека го урнисале Договорот од Пржино.

Заев рече дека немало притисоци од странските амбасадори поради одлуката да се бојкотираат изборите, а телефонски за одлуката го информирал и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Останува нејасно што ќе се случува со членовите на Државната изборна комисија од редовите на СДСМ, и со нивните министри во владата. Заев вели дека за тоа ќе се дискутира и на утрешната средба на опозициските коалициски партнери.

„Министрите се заробени да останат во Влада. Спасовски (МВР) и Ременски (Министерство за труд и социјална политика) не можат да си дозволат да не го почитуваат законот. (...) Правиме правни напори како да ги извлечеме министрите од Владата“, рече Заев.

Запрашан дали може да се очекува повторно објавување на „бомби“, Заев рече дека сите материјали му се предадени на Специјалното јавно обвинителство, но вели дека „нема да се изненади доколку СЈО биде укинато преку Уставниот суд“. Во таков случај, СДСМ ќе бара сите материјали од нелегалното прислушкување да и се вратат на партијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми