1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зоран Заев ја поднесе оставката до Собранието

ДТЗ
22 декември 2021

Ова го направив за да може да продолжи да се развива западно-европската идеја и прогресивниот концепт во земјата да си создаде услови за сопствено освежување и зајакнување,наведува Заев во образложението.

Nordmazedoniens Ministerpräsident Zoran Zaev kündigt Rücktritt an
Фотографија: Metodi Popow/imago images

Премиерот Зоран Заев денеска ја депонираше оставката до Собранието, со што и формално се повлече од фунцијата. Во писменото образложение наведува дека одлуката ја презел како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати. 

„Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, заради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било да продолжам да ја водам Владата на евроатлантскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата“, образложува во оставката Заев. Тој во писмото до претседателот на Собранието, Талат Џафери наведува дека нема усно да ја образложи оставката.  

Преземање одговорност 

Заев наведува дека со оставката со која ја презема одговорноста, сака да остави пример за да се препознаваат доблесните одлуки кога тоа е неопходно и со тоа да даде уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на народот, но исто така и на идните лидери за да бидат свесни за својата граѓанска должност кога ја преземаат грижата за својата земја. 

Новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, се очекува да го наследи и на премиерската функција. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Затоа што демократијата значи и одговорност. Ова го направив и за да може да продолжи да се развива нашата западно-европска идеја и прогресивниот концепт во земјата да си создаде услови за сопствено освежување и зајакнување. Со тоа да не се дозволи да биде поразен на национално ниво – за да можат токму тие современи демократски сили да опстојат и да продолжат да се борат за напредокот на Северна Македонија – во име на слободата, демократијата, различностите, добрососедството, НАТО и за полесно и побрзо да ги почнеме преговорите со ЕУ“, се наведува во дописот до Џафери.  

Во писмото тој вели дека во неговиот мандат се донесени историски одлуки како договорот со Грција со кој Македонија се збогувала со референцата БЈРМ и го потврдила македонскиот јазик и идентитет како и членството во НАТО, а го споменува и концептот „Едно општество за сите“. 

Заев е убеден дека времето ќе покаже дека неговата одлука е во согласност со определбата да биде политичар кој презема одговорност за да бидат донесени тешки, но историски важни одлуки за добрата и сигурна иднина, без притоа грижата за личниот политички рејтинг да го стави пред државните интереси. 

По оставката - нов мандатар 

По оставката на Заев, претседателот Стево Пендаровски во рок од десет дена треба да го даде мандатот на друг мандатар за состав на Владата. По констатирањето на оставката на премиерот, шефот на државата, во рок од десет дена, треба да одреди нов мандатар кој би составил нова влада и програма во период од 20 дена.

Заев вчера го имаше последниот јавен настап како премиер во Тирана, каде што учествуваше на иницијативата „Отворен Балкан“ во Тирана, заедно со новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој се очекува да го наследи и на премиерската функција.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми