1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев со поглед кон иднината, Радев бара решение за минатото

ДТЗ
6 октомври 2021

Има ли надеж за деблокада на европската перспектива по разговорите на премиерот Заев со Макрон, Меркел и Радев на Самитот во Словенија?

Slowenien | Westbalkan-Gipfel
Бугарскиот и францускиот претседател Румен Радев и Емануел Макрон со премиерот Заев и вицепремиерот Димитров по средбата во Брдо. Фотографија: Government of RNM

Потребен е поглед кон иднината за да се решат билатералните спорови кои влечат корени од минатото. Ова го порача премиерот Зоран Заев кој заедно со вицепремиерот Никола Димитров, имаа средба со претседателот на Франција, Емануел Макрон, германската канцеларка, Ангела Меркел и претседателот на Бугарија, Румен Радев на Самитот во Словенија. На разговорите е изразена посветеност на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, со што е потврден стратешкиот интерес на Унијата за ова прашање. 

„Им ги споделив очекувањата и јасните определби на македонските граѓани за европска иднина на Северна Македонија и дека итно се потребни европски чекори од страна на сите земји-членки на ЕУ со цел да не се дозволи разочарување на нашиот народ, а со тоа и зголемување на ризиците од засилување на ретроградните националистички струи“, вели Заев. 

Заев им се заблагодари на Франција и Германија, кои гледаат напред кон иднината и што помагаат при решавањето на балканските спорови.Фотографија: Joe Klamar/AFP

На средбата премиерот го поздравил лидерството на претседателот Макрон и канцеларката Меркел и им се заблагодари на Франција и Германија, кои гледаат напред кон иднината и што помагаат при решавањето на балканските спорови од минатото. За време на разговорот, според Владата, е изразена подготвеност и интерес од Северна Македонија и од Бугарија да продолжи дијалогот меѓу двете земји за да се дојде до решение.

Заев работната посета на Словенија, по повод Самитот на ЕУ за Западен Балкан што се одржува во Брдо-Крањ, ја започна со средба со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, со премиерот на Словенија, Јанез Јанша и со бугарскиот претседател, Румен Радев. 

Радев обвинува за системска дебугаризација 

Бугарскиот претседател Румен Радев пред самитот порача дека членството на Република Северна Македонија е исклучително важно за регионот. „Во мај, ги најдовме односите во ќор сокак. Ја најдовме Бугарија погрешно разбрана и изолирана во Европската Унија, суштината на проблемот е системската дебугаризација“, рече претседателот Румен Радев во изјава за медиумите од Словенија. 

Тој обвинува за систематско уништување на бугарското културно - историско наследство. „Нашите позиции се јасни - се додека овој процес продолжи и се потиснуваат основните права, не можеме да кажеме „да“ за проектот. Ова не е вето, не е запирање на процесот, мора да ги почитуваме европските принципи, мора да го искорениме говорот на омраза, заблудата и толкувањето на Бугарија од учебници, музеи, споменици, јавно говорење, јавна политика, тогаш нашиот народ е подготвен да каже „да“ за правно обврзувачки документи за овој процес“, додаде Радев.  

Според него, клучот за согласност на Бугарија не е комплициран, туку зависи од Договорот за пријателство и добрососедство, склучен во 2017 година. „Треба да се препознае историската вистина во односите со Бугарија, време е за историски компромиси и помирување, потребно е да се прекине македонизмот“, додаде бугарскиот шеф на државата. 

Фон дер Лајен на почетокот на самитот во Брдо-Крањ порача дека Западен Балкан припаѓа во Европска Унија.Фотографија: Petr David Josek/dpa/AP/picture alliance

Протоколот се очекува да биде готов на почетокот на ноември. Бугарија и Република Северна Македонија работат според Протоколот 5 + 1, кој треба да содржи правно обврзувачки гаранции за спроведување на одлуките донесени во Договорот од 2017 година. Протоколот, како што пренесуваат бугарските медиуми, ќе содржи шест точки, од кои некои се за македонските Бугари да бидат впишани во Уставот, за да се запре фалсификувањето на историската вистина. „Да се ​​сменат наставните планови, да се запре прогонот на луѓе кои се идентификуваат како Бугари во Република Северна Македонија, државниот врв во Скопје јасно и категорично да се прекине со идеологиите на тоталитарното минато“, се наведува во бугарските барања. 

Бугарските медиуми пренесуваат дека Радев по клучните средби во Словенија, според информации од дипломатски извори, бил под огромен притисок Бугарија да ја смени својата позиција. 

Фон дер Лајен на почетокот на самитот во Брдо-Крањ порача дека Западен Балкан припаѓа во Европска Унија. „Ние ве сакаме во Европска Унија. Вие сте едно европско семејство. Ние делиме иста историја, исти вредности и длабоко сум убедена дека делиме и иста судбина“’, изјави таа. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми