1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: „Тие бандити влегоа за да нѐ убијат“

ЕМФ
1 мај 2017

Во интервју за Швајцарската радиотелевизија лидерот на СДСМ Зоран Заев зборува за насилството во Собранието, за улогата на полицијата, идните потези и улогата на ЕУ во надминувањето на кризата.

Mazedonien Proteste im Parlament
Фотографија: picture-alliance/abaca/N. Batev

Лидерот на СДСМ Зоран Заев во подолго интервју за Швајцарската радиотелевизија - СРФ раскажува како ги доживеал настаните од четвртокот вечерта и вели: „Тие бандити влегоа за да нѐ убијат. По нас удираа со сѐ што им се најде при рака.“

На прашањето дали и полицијата била инволвирана, Заев одговара:

„Да, се разбира. Полицајци и пратеници на ВМРО ги отстранија металните шипки со кои вратите на парламентот се обезбедени од внатрешна страна. На тој начин оние што протестираа добија можност да влезат во парламентот. Полицајци и луѓе на ВМРО им го покажуваа патот за да можат да стигнат најбрзо што е можно до нас. По два часа полицајци професионалци дојдоа да ни помогнат. Нѐ однесоа во безбедна просторија од каде нѐ евакуираа. Но, до тој момент и овие полицајци немале наредба да интервенираат.“

Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Заев вели дека „големо мнозинство од полицајците сака да работи професионално, но тие мора да слушаат наредби“:

„Кога шефот на безбедносната служба дава наредба да не се прави ништо, полицајците мора да ја слушаат таквата наредба. Имаше полицајци кои плачеа поради тоа што не можеа да си ја извршуваат работата. Но знам дека многу бргу можеме да ја повратиме професионалноста во сите институции, па и во Министерството за внатрешни работи.“

Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Лидерот на СДСМ на прашањето зошто приврзаниците на Груевски преземаат вакви акции, одговара дека „Груевски при промена на власта веќе не би имал контрола врз правосудниот систем“ , а тој „се плаши од независно судство во Македонија“. Околу тоа дали по ерупцијата од пред неколку дена може да се смета со нови насилства, Зоран Заев вели:

„Од избивањето на кризата се обидувавме да избегнеме насилство и провокации... И натаму ќе бидеме трпеливи и претпазливи, за никому да не му се случи ништо. Има две можности: брза, демократска промена на власта или финансиска тотална блокада на земјата, со оглед на тоа што техничката влада веќе не ќе може да исплаќа пензии или субвенции во земјоделството. Тоа не е во интерес на никого.“

На крајот од интервјуто лидерот на СДСМ зборува за ангажманот на ЕУ и на забелешката на новинарот дека Брисел досега е воздржан, вели:

„ЕУ се грижи повеќе за стабилноста на земјата отколку за демократијата. Македонија има важна улога во држењето на Балканската бегалска рута затворена. Но ние сме сѐ уште земја кандидат за приклучување кон ЕУ и ја повикавме ЕУ да се инволвира и да ни помогне. Таа може да ја ограничи слободата на патување на одредени личности или да ги замрзне банкарските сметки во странство. ЕУ тоа го стори во случајот со Украина, но досега го нема сторено истото и во Македонија. Мерено според принципите на ЕУ, таа би морала да ѝ даде поддршка на промената на власта во нашата парламентарна демократија“, оценува меѓу другото Зоран Заев во интервјуто за Швајцарската радиотелевизија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми