1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заедничка цел - членство во НАТО и во ЕУ

21 октомври 2011

Досегашната соработка во одбраната и можноста за нејзино продлабочување, беа темите на кои разговараа македонскиот министер за одбрана, Фатмир Бесими и министерот на косовските безбедносни сили Агим Чеку во Скопје.

Заедничка цел на двете земји, потенцираа министрите Бесими и Чеку, се евроатлантските интеграции - членство во ЕУ и во НАТО. До крајот на годинава, најавија, ќе се изработи заеднички план за работа, врз основа на кој ќе се усогласат сите активности.

„Соработката ќе се одвива во насока на размена на искуства и можноста Република Македонија да го поддржи Косово со обуки во Воено-медицински центар, Регионалниот тренинг центар за комуникација, Воената академија и полигонот Криволак“, изјави Бесими по средбата.

Тој додаде оти Македонија ќе даде поддршка за вклучување на Косово во Јадранската група - А5, а е подготвена да размени искуства во однос на спроведените реформите во АРМ, мировните мисии и стратешките документи за членство во НАТО.

Чеку го информира Бесими за целите и визиите за развој на косовските безбедносни сили, а побарал и поддршка за, како што рече, Косово да го завземе местото што му припаѓа во регионалните иницијативи. Македонија и АРМ, потенцира тој, ги има постигнато сите НАТО стандарди потребни за полноправно членство.

Конфликтот во северно Косово нема да се рефлектира во соседството, тврди ЧекуФотографија: picture alliance/dpa

„На Македонија и‘ се нанесува политичка неправда со тоа што се‘ уште не е членка на НАТО“, изјави меѓу другото Чеку.

Регионална стабилност

На новинарско прашање како врз Македонија ќе влијаат последните настани во северно Косово, министерот Чеку дециден дека тие настани не само што нема да се рефлектираат врз Македонија, туку нема да се рефлектираат ниту во поширокиот дел на Косово. Тоа се настани, прецизира, легитимно контролирани од КФОР.

„Во духот на добрососедските и партнерски односи кон евроатлантските интеграции, Македонија ги промовира мировните процеси и дијалогот како единствен инструмент за воспоставување одржлив мир и стабилност на сите земји од регионот“, одговори министерот Бесими.

Во рамки на посетата, министерот Чеку ќе биде примен и од премиерот Никола Груевски, а ќе ја посети и Воената академија „Михаил Апостолски“, Регионалниот тренинг центар за комуникации и Воениот медицински центар.

Автор: ЖА/ГЧ/миа

Редактор: Г. Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми