1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заеднички против теророт

Ане Алмелинг / Елизабета М. Фиданоска15 септември 2014

Западните земји се чувствуваат загрозени од терористичката организација „Исламска држава“ (ИД). Франција се залага за координирано преземање мерки против ИД. Денеска во Париз се одржува конференција на таа тема.

Фотографија: Reuters/Ali al-Saadi

Францускиот претседател беше во посета на Багдад, даде дозвола за доставување оружје за ирачките Курди и вети натамошна помош во борбата против терористичката милиција „Исламска држава“ (ИД). Кога се работи за тоа да им се пружи отпор на божјите воини на Блискиот Исток, Оланд е особено решителен. Денеска (15.09) во Париз се одржува меѓународна конференција, на која учествуваат и ирачкиот претседател Фуад Масум (на насловната фотографија десно) и германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер.

Кај шефовите на држави или влади, по настаните од викендот, ставот дека мора нешто да се преземе доби уште повеќе на итност. Обезглавувањето на британскиот заложник од страна на ИД предизвика згрозеност ширум светот. Британскиот премиер Дејвид Камерон соопшти дека убиството е „акт на апсолутното зло“. Американскиот претседател Барак Обама ја потврди својата решителност заедно со партнерите ширум светоt да ја уништи терористичката организација. Министерот за надворешни работи Штајнмајер го осуди обезглавувањето како „одвратен акт на варварско насилство кое е спротивно на човечката цивилизација“.

Коалиција против ИД

Тоа ги става владите во Вашингтон и Лондон под притисок, затоа што досега убиените заложници се од САД и Велика Бртианија. Но, Париз е тој кој презема иницијатива. Францускиот претседател сигнализираше подготвеност за учество на Франција во коалицијата иницирана од САД за борба против ИД. Притоа, француската политика на Блискиот Исток ни оддалеку не е иста со американската. Кога во 2003 година тогашниот американски претседател Џорџ Буш бараше сојузници за својата војна во Ирак, француското раководство се противеше и не сакаше да учествува. Сега пак, се чини како на Оланд работите да му се одвиваат пребавно. Тој инсистира на долгорочна стратегија за Ирак и бара координирани акции против ИД.

Курдите се борат против ИД со оружје од ЗападотФотографија: DW/S. Hurami

Францускиот претседател очигледно размислува за учество во воздушните напади на Американците врз ИД. Американскиот претседател Обама даде дозвола за „целни воздушни напади“ со цел да се заштити американската армија и загрозените малцинста во северен Ирак, откaко претходно владата во Багдад побара поддршка. Сето тоа, две и пол години по објавениот крај на војната во Ирак.

Сојузници на запад и исток

И десет арапски држави им ветија на САД своја поддршка во борбата против ИД. Покрај Ирак, тоа се уште Саудиска Арабија, Бахреин, Египет, Јордан, Кувајт, Либан, Оман, Катар и Обединетите Арапски Емирати. Тие ветија дека ќе ги прекинат патиштата по кои екстремистите се снабдуваат со пари, како и дека ќе преземат мерки против врбувањето нови борци.

Американскиот министер за надворешни работи Џон кери со арапските колеги во Саудиска АрабијаФотографија: Reuters/B. Smialowski

Турската влада, наспроти тоа, во борбата против ИД е воздржана, најверојатно поради тоа што џихадистите во заложништво држат 49 турски државјани. Турција е соочена со обвинувања и дека служи како транзит за новите борци од странство кои и‘ се приклучуваат на ИД. Анкара тоа го демантира.

Во Париз денеска на средбата на претставниците на 15 до 20 држави ќе стане збор како во иднина да се координираат информациите на тајните служби, а треба да се дискутира и како ќе изгледа борбата против ИД во Сирија. Заслабнување на ИД во таа земја може да значи зајакнување на позициите на претседателот Асад, а токму тоа не е во интерес на повеќето држави кои се здружуваат против ИД.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми