1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заедништвото и граѓанскиот идентитет

22 април 2019

Идејата за граѓански идентитет недостасува во македонското општество. Тој нема да почне да се обликува без критичко себесоочување. Колумна на Кица Колбе

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Горан Стефановски ја наслика патологијата на омразата и расцепот со примерот од Шекспировата драма „Ромео и Јулија”. Таму  љубовта наоѓа спас само во смртта. Затоа што омразата го убива животот. „Кога Ромео и Јулија  се принудени да бираат  меѓу страните на Капулети и Монтеки, тие увидуваат дека тука всушност нема никаков избор. Љубовта ги тера да ја изберат единствената обратна страна, смртта“, заклучува тој. Драматургот Горан не можеше подобро да ја постави „дијагнозата“ за македсонскиот расцеп и за неговата самоуништувачка особина. Тој веќе го  разори врзивното ткиво на општеството. Заедништвото за било каква „висока вредност“ во него е одамна изгубено.

Ништо не функционира нормално во такви општества како македонското.  Од собирањето на  ѓубрето до учеството на изборите. Притоа  луѓето не разбираат дека со тоа  тие не го казнуваат другиот – соседот или владеачката политичка гарнитура. Тие, всушност, се казнуваат себеси. Таквото однесување на граѓанинот е  регресија во инфантилност и пасивност. Таа е погубна и за многу постабилни општества од македонското.  Не е чудно зошто младите луѓе ја напуштаат Македонија. Тие многу полесно го детектираат проблемот и не прифаќаат да  ја живеат патологијата. Затоа што имаат сила да љубат и да се надеваат, за разлика од нивните родители. Симболично кажано, децата ги оставаат своите родители сами со нивната омраза едни кон други. Расцепот во македонската реалност е  продолжена криза, агонија и раслојување на заедницата. Тој  го затвора видикот. Тој не дозволува да се трага по нови патишта, оти е заробен во својата слика за вистината.

Неконтролираниот изблик на омраза кон противникот која во мигов владее со македонската политичка и медиумска  јавност  не се појави само како последица од промената на државното име пред нецела година. Напротив, ирационалниот страв од промената на името на државата   беше можен само затоа што македонското општество  се наоѓа во расцеп за највисоките државни интереси  веќе подолго време. Македонската стварност беше разединета во однос на највисокиот државен интерес и кога се викаше само Република Македонија, а не откако стана Република Северна Македонија. Македонската политичка граѓанска јавност и досега немаше јасна свест за тоа што е темелот на нејзиното заедништво. Тоа што сета ментална и емотивна енергија се врза за  името Македонија е само симптом,  но никако вистинската причина за актуелната состојба на духот. Поинаку кажано, ако македонското општество беше навистина обединето и стабилно граѓанско општество, пред се‘, со јасно чувство за заедништво, тогаш јавноста немаше на промената на името да реагира со толкав страв  од „исчезнување” на националниот идентитет, туку здраворазумски во неа ќе согледаше поттик и шанса за напредок. Но и за соочување со себе и со сето свое ментално и историско наследство.

Други колумни од авторката:

-Чиј е Кафка, чиј е Прличев?

-Непознатите соседи – Македонците и Грците

-Ревизијата на учебниците и визијата за мир

Причината за расцепот во македонското општество не е само во познатиот „македонски менталитет". Тој самиот не е  ниту „историска судбина”, како што радо го поетизираа македонските писатели уште во социјализмот, нарекувајќи ја Македонија „Каинавелија". Многу нешта говорат дека  расцепот потекнува од недостигот на самосвест за граѓанско заедништво. Имено, една работа е да се има национална држава, а нешто сосем друго од неа да се направи стабилно општество на самосвесни, совесни граѓани. Таа самосвест е  јасно разликување на општите и личните интереси. Тоа бара од секој граѓанин самопрегор и долгитраен труд, лично морално достоинство,  но и способност Другиот да се доживее како дел од себеси, дел од „својата приказна”. Не во фанатизмот на патриотската реторика, која работи со стереотипи и клишеа, како „судбинска заедница”. Туку во реалноста на сознанието дека сите зависиме идни од други. Имено, граѓанската самосвест  му помага на граѓанинот да сфати дека неговиот личен интерес зависи од општиот интерес на сето општество. Во македонската реалност оваа перспектива  најчесто недостига. Личниот, партикуларниот интерес на граѓаните неретко е на прво место - без оглед на последиците. Така се однесуваат и партиите и поединците. Тоа, за жал, беше помогнато со етнизирањето на партиските програми уште во мигот на создавањето на повеќепартискиот систем. Тесниот етнички интерес, заедно со националистичката пропаганда, денес станаа денес  кочница на демократизацијата на македонското општество.

Напротив, граѓанското чувство за заедништво чини  граѓанинот да чувствува дека него го задолжува не само личниот интерес, туку исто толку и заедничкиот. Оти само така неговиот интерес може да се оствари на најдобриот начин. Секако, ваквото однесување не паѓа од небо, ниту се  добива  со раѓањето. Тој е плод на  граѓанско воспитание и образование. Нема добро функционирачка граѓанска заедница без тоа што  филозофот Имануел Кант го нарекува категорички императив. „Постапувај така што максимата на твојата волја истовремено да може да важи и како општо законодавство.“ Овој императив би требало да е  највисокото општоважечко правило на однесување  во секое граѓанско општество. Зошто тој императив не важи во македонското секојдневие, каде небаре највискиот интерес станал токму  личниот, но и етничкиот и  партискиот интерес?

Затоа што македонското општество не е граѓанско општество. Тоа живее истовремено во различни сегменти или „светови”, чии интереси најчесто противречат и разединуваат. Кога се поставува етничкиот над државниот интерес, тогаш категоричкиот императив се изневерува, оти почнува да важи само за припадниците на конкретната етничка заедница, а не и за сето општество, независно од етничката припадност на граѓанинот. Кога како општа максима се востоличува тесниот партиски, клиентелистички интерес, тогаш повторно партикуларниуот интерес се поставува над општиот  граѓански интерес. Поинаку кажано, категоричкиот императив го обликува во личноста тоа што се нарекува „граѓански иденитет”. Имено, оној што смета дека тротоарот по кој минува катаден му припаѓа и нему и на соседот и на секој минувач, тој нема сопственото ѓубре да го фрли каде ќе поска. Нему ќе му диктира неговата совест, а не мрзливоста и немарноста. Тој ќе се однесува совесно не од страв од казна, туку од самосвест и ( колку и да е чудно!) од почит кон себеси.

Имено, не е се‘ решено во една држава само со идеологијата на националниот идентитет. Нема стабилно општество без претстава за граѓанска заедница. Нејзиниот темел е граѓанското заедништво. Тоа е самосвест дека највисоките интереси на државата се и мои интереси. Затоа што немам само национален, туку и граѓански идентитет. Без таква самосвест за заедништво и  граѓанска должност нема ниту почитување на законодавството, ниту правна држава, ниту социјална правда. За да се востанови такво однесување кај најголемиот број на граѓани потребен е еден вид просветителски проект. Тој ја зацртува рамката во која  се обликува обединувачката идеја на една граѓанска заедница. Таа идеја, имено, граѓанскиот идентитет, недостига во македонското општество. Тој  нема да почне да се обликува без критичко себесоочување.

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми