Целта е со хушкачки пораки да се заплаши Ахмети дека ќе носи вина за последици по стабилноста, ако неговата одлука предизвика „народно незадоволство“, тврдат извори од помали партии во коалицијата преводена од ВМРО-ДПМНЕ
Реклама
Со пораки кои ги шират јавни личности - поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ - дека „ќе има војна“ и „ќе падне крв“ ако СДСМ и ДУИ договорат влада, намерата е да се изврши последен притисок врз Ахмети за да се спречи одлука за коалицирање со СДСМ, велат за ДВ извори од помали партии во коалицијата преводена од партијата на Груевски. Инсистираат на анонимност, како што велат, за да не бидат изложени на непријатности.
„Со вакви изјави треба да се храбри членството и да се испитува пулсот на граѓаните, но тоа не е главниот очекуван ефект. Тие се наменети да се испрати последна порака до ДУИ, каква што јасно ѝ била предочена на оваа партија и во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ - дека ако не се испочитува волјата на мнозинството во македонската заедница, тогаш 'народот може да тргне по своето'. Во партијата е направена проценка дека ова е единствениот моќен аргумент со кој може подолгорочно да 'го играат' Ахмети. Односно, да го заплашат дека ќе носи огромна вина за евентуални последици по стабилноста и безбедноста на земјата, ако се прекрши коалицискиот принцип 'победник со победник', бидејќи тоа може да предизвика народно незадоволство, кое, наводно, никој не ќе може да го контролира“, посочуваат овие извори.
Всушност, тие и не кажуваат ништо повеќе од она што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ лично им го соопшти на дел од амбасадорите во земјава. Според соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот став бил искажан и на средбата на Груевски со амбасадорката на ОБСЕ во Македонија, Нина Суомалаинен. На прашањето од амбасадорката - доколку СДСМ формира Влада, дали истата ќе биде прифатлива за ВМРО-ДПМНЕ, од партијата одговориле: „Секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите, треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани“.
Да се крева врева
Ваквиот став на Груевски во изминатите денови се преџвакува и дистрибиуира преку јавни личности поддржувачи на партијата, најчесто на социјалните мрежи, што создава тензии и перцепција дека „само што не пукнало“. Последната меѓу нив, „колку чини пластичен експлозив на црниот пазар“, напишана на ФБ од македонски актер, ја засили перцепцијата дека нешто се подготвува. Но, нашите соговорници тврдат оти освен (ин)директно поттикнување и помалите етнички заедници да се спротивстават со свои платформи или да реагираат против албанската, и обид за мобилизација на протести слични на декемвриските пред седиштетото на ДИК, сигурни се дека нема никаква енергија за нешто „поголемо“.
„Не е исто кога партијата е на власт или во опозиција. Ако се договори влада меѓу СДСМ и ДУИ, многу тешко ќе може да им се нареди да дојдат на протести на сите што претходно беспоговорно доаѓале, ажурирани на список и со потврда на присуството. Најтипичен е примерот со вработените во администрација. Ќе се решат ли тие на отсуство од работа заради протести, ако со тоа си го ризикуваат работното место, кое коалицијата не ќе може да им го заштити како преходно? Зошто да бидат глинени гулаби?“, реторички прашуваат соговорниците. Таквите сознанија биле искалкулирани во коалицијата, поради што се сметало дека барем заканата од масовно незадоволство треба да изгледа што поуверливо.
Овие извори откриваат и дека „се под силен притисок од нивното членство да не одобруваат и да не учествуваат во хушкачки сценарија и политики“, а доколку истите продолжат, од нив се барало „да се репозиционираат кога во парламентот ќе се гласа за состав на новата влада“, што и нив ги става пред важни одлуки, ако состојбите добијат несакан прaвец.
Воздржаност кај преговарачите
Заканите со војна доаѓаат во период кога се очекува ДУИ да се изјасни дали ја прифаќа предлог- програмата што Заев му ја достави на Ахмети. Како ќе се ближи денот на одлуката, се проценува дека тие сѐ повеќе се засилуваат. Од ДУИ неколку пати досега повторуваа дека не брзаат со одлуката, бидејќи ќе мора да ги анализираат сите предности, но и последици што би произлегле од неа. Едната од нив е и можноста од „народно незадоволство“, но сметаат дека доколку тоа биде мобилизирано и поттикнато од партија што евентуално ќе остане во опозиција, работите може да се гледаат и од другата страна на медалот: ќе се потврди дека партијата што го предизвикува мирот и стабилноста, не заслужува да раководи со иднината на земјата. Сепак, признаваат дека и заканите со ваков можен развој на настаните, придонесле за долгото, „белгиско“ одлучување за состав на влада.
Од синоќа се започнати првични консултации по прашањето дали програмата на СДСМ е прифатлива, а конечната одлука треба да ја донесе Централното претседателство на ДУИ. Во моментов владее воздржаност во двете партии.
„Нашите очекувања се дека повратниот одговор ќе бидат потписите за состав на Владата“, кусо изјави вчера портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов. Запрашан дали има рок до кога ќе го чекаат одговорот, тој рече: „Секој политички субјект во Република Македонија треба да е свесен и одговорен за тежината - и државна, и политичка, и општествена, во која се наоѓа Република Македонија. Согласно со тоа треба да ги носи сопствените одлуки и да ја понесе сопствената одговорност“.
Иако неофицијално се смета дека одлуката би можела да биде донесена до крајот на неделава, не е исклучено процесот да трае и подолго, меѓу другото и заради амортизирање на хушкачките политики, за кои не е исклучено да стигнат јасни пораки и од меѓународни претставници.
Кој е кој во македонската политика
Предвремените парламентарни избори нема да понудат многу нови лица на македонската политичка сцена. Главната битка ќе ја водат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со своите коалиции. Изненадувања се можни во албанскиот политички блок.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ѓорге Иванов- претседател на државата
Иванов е на средината на својот втор мандат. Некогаш почитуваниот професор на Правниот факултет во политиката често е предмет на остри критики, а и самиот е извор на бројни контроверзи. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca
Никола Груевски - ВМРО-ДПМНЕ
Беше избран за премиер во 2006 година како млад технократ кој најавуваше „Преродба“ на државата. Кормилото на ВМРО-ДПМНЕ го презеде во 2003. Боксер во детството, брокер во младоста, во меѓувреме стана политичар со најдолг премиерски стаж. Во јануари 2016 ја напушти функцијата жестоко притиснат по скандалот со прислушкувањето. Изборите во декември ќе ја одредат неговата, не само, политичка судбина.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Зоран Заев - СДСМ
Скандалот со прислушувањето го издигна Заев во водач на фронтот против власта. Долги години мина во сенка на Бранко Црвенковски во СДСМ, кој го аболираше за „случајот Глобал“, а Заев му се одолжи со времено „греење“ на партиската фотелја. Од 2005 е градоначалник на Струмица, а во мај 2013 беше избран за претседател на СДСМ. Неговата амбиција е градоначалничката функција да ја замени со премиерска.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Али Ахмети- ДУИ
Ахмети во 2002 година ја замени воената униформа на ОНА со интегративниот „костум“ во ДУИ. Со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година, неговата партија е постојан придружник во сите македонски влади. Ниту скандалот со прислушкувањето не го убеди да ја раскине коалицијата со Груевски. Гласањето за некои клучни закони во Собранието укажува дека Ахмети му останува верен на Груевски и натаму.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Мендух Тачи - ДПА
Иако формално, тој и неговата партија се во опозиција од 2008 година, прислушуваните разговори и начинот на делување на ДПА укажуваат дека Тачи е во постојан дослух со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Долги години во сенка на Арбен Џафери, по неговата смрт во 2012 целосно ја презеде партијата. Од медиумите и опозициските политичари во земјата ја доби титулата „војвода“ поради наводната блискост со ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: MIA
Здравко Савески- Левица
Докторот на политички науки веќе со години е активен во политиката, не само како член на Президиумот на Левица, туку и како синдикалец и активист за човекови и социјални права. Во политичкото „СиВи“ запишано му е и едно апсење и повеќемесечен домашен притвор под обвинение за учество во толпа. Неговата Левица најави самостоен настап на изборите, со отворена можност таквата одлука да се преиспита.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Андреј Жерновски- ЛДП
Иако формално ја напушти лидерската позицијата во Либерал-демократската партија за да им се посвети на општинските задачи, се очекува градоначалникот на скопската општина Центар високо да котира на опозициските листи на парламентарните избори. Со победата во Центар, на изборите кои беа повеќе пати повторувани, доби шанса да стане симбол на движењето против власта.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Африм Гаши- Беса
Гаши е висок функционер и еден од иницијаторите за формирањето на Беса- партија која претендира да го урне „дуополот“ на ДУИ и ДПА кај албанската етничка заедница. Партискиот лидер Билал Касими веќе најави дека целта на партијата е да стане водечка кај Албанците, но и да иницира промена на Уставот за редефинирање на државата. Тој ги отфрла шпекулациите дека Беса се финансира од Турција.
Фотографија: Katerina Blazevska
Љубчо Георгиевски - ВМРО-НП
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена е активен единствено во пресрет на избори. Неговата ВМРО-Народна партија долго соработуваше со опозицијата и беше критична кон власта, но во пресрет на вонредните парламентарни избори одново ја актуелизираше можноста за соработка со некогашните сопартијци од ДПМНЕ. Малкумина ќе бидат изненадени доколку тоа се случи.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ивон Величковски - Либерална партија
Претседателот на Либералната партија се обидува да игра меѓу „два огна“ позиционирајќи ја својата партија како алтернатива и на власта и на опозицијата. Остар критичар на власта, но и на пазарењата меѓу четирите водечки партии. Бараше опозициски договор за изолација на ВМРО-ДПМНЕ по изборите, но наиде на молк. Прашање е дали самостојниот настап на изборите на ЛП ќе и донесе пратеничко место?
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Зијадин Села - Движење за реформи во ДПА
Специјалистот по интерна медицина го предводи Движењето за реформи во ДПА откако се одвои од матичната Демократска партија на Албанците и расчисти со некогашниот партиски соработник Мендух Тачи. Анкетите не и даваат големи шанси на неговата партија на изборите, но Села и натаму ќе може да управува со Струга како градоначалник.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Љубе Бошкоски- Обединети за Македонија
По излегувањето од затвор, Бошкоски не е многу активен на политичката сцена. Првите месеци ги мина во изолација, а сега најавува учество на неговата Обединети за Македонија на предвремените избори. Прашањето е само... со кого? Засега се најавува соработка со ВМРО-НП на Георгиевски, но никој со сигурност не ја исклучува можноста дека двајцата би можеле да се вратат во прегратките на Груевски.