1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Закани за Тадиќ преку „Фејсбук“

29 април 2010

„Тадиќ, џабе ти е блендираната мечка, кога ќе отвориш прозорец снајпер те чека“ - ова е групата на „Фејсбук“ што предизвика паника во српското МНР. Полицијата ја почна истрагата околу заканите за атентат на Тадиќ.

Заканите кон Тадиќ сериозно сфатениФотографија: AP

На популарната друштвена интернет-мрежа „Фејсбук“ секој може да формира група, каква што ќе му падне на ум. Оние крајно несоодветните понекогаш се блокираат, меѓутоа дури и тие живеат неколку дена на интернет. Така неодамна осамна групата „Тадиќ, џабе ти е блендираната мечка, кога ќе отвориш прозорец снајпер те чека“. Коментарите на „фановите“ на оваа група одат дотаму, што велат дека претседателот Тадиќ треба да се смести во септичка јама, наместо в гроб.

Безопасни вербални напади или сериозни смртни закани?Фотографија: AP

Заканите кон претседателот на државата секако мора да се сфатат сериозно, вели за Дојче веле извршниот директор на ЈУКОМ, Милан Антонијевиќ. Има циклус од вербално насилство, што во еден момент може да се претвори во конкретно физичко насилство на улица и токму поради тоа е важно државното обвинителство и правосудството навремено да реагираат: „Дали примерот со Борис Тадиќ ќе биде првиот на кој се реагира, првиот за кој државното обвинителство ќе поднесе прекршочна пријава - останува да видиме. Меѓутоа, во секој случај, ова навистина е почетокот на посериозно сфаќање на секоја закана, па дури и таа да е пуштена преку интернет во јавноста, тоа ќе биде позитивен чекор за Србија и мислам дека понатаму ќе може да се искористи и во други случаи,“, вели Атнонијевиќ.

Што е со оние кои немаат блендирани автомобили?

Андреј Носов, од Иницијативата на младите за човекови права, истакнува дека на некој начин е тажно тоа што државните органи сериозно се загрижиле и ветуваат преземање акција дури откако заканите стигнале до претседателот на државата. Системот мора едноставно секогаш да испраќа порака до граѓаните дека било која форма на насилство не е начин на пресметка на неистомислениците: „Што е со оние граѓани, кои немаат заштита од државата, кои немаат блиндирани автомобили, живеат во мали заедници и припаѓаат на некое малцинство? Овие луѓе секојдневно се изложени на вакви закани, а државните органи на Србија се во состојба да дејствуваат и да преземат конкретна акција само кога ќе се подигне одреден вид притисок“, смета Носов.

Рефлексија на состојбата во општеството

Агресивноста како израз на незадоволството на народотФотографија: Ivica Petrovic

Ако, пак, од друга страна се постави прашањето што ги наведува дваесетгодишниците да отворат група, во која упатуваат смртни закани до претседателот, Андреј Носов смета дека тоа е рефлексија на состојбата во српското општество. Тоа, имено, е опседнато само од политички борби, во кои сите средства се дозволени. „Замислете дека имате осумнаесет години и единствената перспектива што ја имате е да се зачлените во некоја политичка партија, да потпишете бланко оставка и потоа да добиете некоја работа. Едноставно, целиот систем е така направен, што нема никаква перспектива за младите.“

Извршниот директор на ЈУКОМ, Милан Антонијевиќ, пак, нагласува дека пораката до јавноста не треба да биде дека заканите остануваат неказнети, меѓутоа дека мора да се посвети поголемо внимание на едукацијата на младите луѓе.

Автор: Ивица Петровиќ/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми